Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



30.06.2017 - Известување за каматни стапки


Поради намалувањето на референтната каматна стапка за пресметување на законската казнена камата, Комерцијална банка АД Скопје, почнувајќи од 01.07.2017 година, ќе изврши намалување на каматните стапки кај дозволеното пречекорување на трансакциските сметки за физички лица и кај дел од кредитните картички за правни и физички лица. Намалувањето се движи од 0,25 до 0,5 процентни поени.

 

Истовремено, почнувајќи од 01.07.2017 година Банката нема да исплаќа камата на позитивното салдо на сите денарски и девизни трансакциски сметки. Каматната стапка на штедните влогови по видување останува непроменета.

 

Новите каматни стапки се подетално наведени на веб-страницата на Банката кај секој поединечен производ, а клиентите ќе добијат и порака преку изводот од сметката/картичката.






21.02.2018 - Оглас за вработување


На Стручен соработник за процена и мерење на кредитниот ризик во Секторот за управување со ризици и планирање во Комерцијална банка АД Скопје, 1 (еден) извршител на определено работно време од 12 месеци.

 

Потребни квалификации и способности:

  • Завршен Економски факултет  ВС VII/1 или најмалку 180 (ЕКТС) кредити,
  • Познавање на англиски јазик,
  • Познавање на работа со компјутери, 
  • Познавање на финансиска анализа на нефинансиски правни лица,
  • Систематски и аналитички пристап при работењето,
  • Математички и статистички вештини,
  • Најмалку 3 години работно искуство.

 

Ќе се смета за предност познавање во областа на кредитни анализи.

Исто така, ќе се смета за предност и познавање и работа со софтверски програми за статистика и познавање и работа со бази на податоци.

 

Работното време: 40 часа неделно, од понеделник до петок: од 08:00 до 16:00 часот

Почетна основна нето - плата:  од 33.067,00 денари. 
 
Огласот трае 9 дена, сметано од денот по објавувањето на огласот. Изборот ќе се изврши во рок од 30 дена од датумот на истекот на огласот.
 

Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат горенаведените критериуми потребно е да пратат кратка биографија (CV), мотивационо писмо и уверение за завршено образование на следната адреса: Комерцијална банка АД Скопје, ул.Орце Николов бр.3, 1000 Скопје, или на e-mail адреса aplikacijazavrabotuvanje@kb.com.mk со назнака: „Oглас за вработување на Стручен соработник за процена и мерење на кредитниот ризик во Комерцијална банка АД Скопје”

                                                                 

Лице за контакт: Меглена Димитрова: 02-3168-412

                                                                  

Некомплетната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање, нема да биде разгледувана.

 

На интервју ќе бидат повикани само апликантите кои ќе влезат во потесен круг.




21.02.2018 - Известување до акционерите на Комерцијална банка


Согласно член 77 став 1  од Законот за персонален данок на доход, во законски предвидениот рок Комерцијална банка АД Скопје на сите физички лица приматели на дивиденда им издаде и им достави Потврда за пресметан и платен данок на дивиденди остварени со учество во добивка од правни лица во 2017 година. Со цел да им излезе во пресрет на акционерите, Банката информира дека  издавањето  на преписот на потврдите за пресметан и платен персонален данок може да се добие  во сите  експозитури и филијали на Комерцијална банка АД Скопје со приложување на документ за лична идентификација.




19.02.2018 - Учество на Хуманитарен велеслалом во Маврово


Ски-центарот „Заре Лазаревски“ - Маврово од 16 до 18 февруари го организираше по 16-ти пат Хуманитарниот аматерски велеслалом. Оваа година, собраните финансиски средства беа наменети за Здружението за хумано – општествен развој „Проект среќа“ од Скопје, организација која ги застапува правата и интересите на децата и младите од социјално најзагрозените семејства.
 
На овој хуманитарен настан беа собрани 10.000 евра од котизации на компаниите за настанот, а според изјавата на претставникот на Здружението (Кристина Арнаудова), со собраните финансиски средства ќе се организира летен камп (летен одмор) за 120 деца од најсиромашни семејства во државата.
 
На годинешниот хуманитарен настан учество зедоа 50 екипи од Република Македонија, со 150 натпреварувачи.
Комерцијална банка АД Скопје беше претставена со 3 екипи или 9 натпреварувачи, односно 3 девојки, 2 натпреварувачи во категоријата мажи до 40 години и 4 натпреварувачи во категоријата мажи над 40 години.
 
Oваа година Банката во целина имаше најголем успех, односно за првпат од кога земаме учество на овој настан, 3 натпреварувачи од Банката се квалификуваа за финалните трки (меѓу најдобрите 8 натпреварувачи), сите членови во категоријата мажи над 40 години.
 

Финалистите од Банката ги постигнаа следните резултати во поединечна категорија:

  • Кире Солески – 3 место
  • Небојша Божиноски – 6 место
  • Роберт Урошевиќ – 7 место

Со учество на хуманитарниот настан во Маврово, вработените во Банката уште еднаш ја искажаа својата силна определба за поддршка на организации и поединци на кои таа им е потребна.
 
mavrovo1
 

 mavrovo




15.02.2018 - Витаминка го купи имотот на штипски „Брилијант“ за 7,3 милиони евра


Денеска „Витаминка“ потпиша договор за купопродажба на имотот на „Брилијант“ од Штип со Комерцијална банка АД Скопје. Во сопственост на „Витаминка“ АД Прилеп преминува недвижен имот, објекти од 4.956 метри квадратни и земјиште со право на сопственост од 21.592 метри квадратни, подвижни ствари, како и пренос на права од индустриска сопственост (трговски марки и индустриски дизајн), сè во вкупна проценета вредност од 7.300.000 ЕУР во денарска противвредност.
 
Целта на инвестицијата е долгорочно обезбедување на суровинска база за производството и зацврстување на Друштвото како лидер во прехранбената индустрија во Македонија. „Со денешниот потпишан договор започнуваме и конкретни чекори за реализирање на нашата деловна стратегија, што ќе овозможи понатамошен долгорочен развој. Инвестицијата е во насока на модернизација и автоматизација на техничко-технолошките процеси, комплементарност и интегрирање во производството, како и развој на нова група производи. Правиме еден голем чекор напред што ќе значи поголема и подобрена деловност на Компанијата, максимално искористување на потенцијалите и зацврстување на позицијата на пазарот“, велат од „Витаминка“.
 

Од Комерцијална банка, која се јавува во својство на продавач за значењето на договорот, велат: Задоволни сме што една од најдобрите македонски компании во прехранбената индустрија „Витаминка“ АД Прилеп го презема деловниот потфат на фабриката за масло за јадење „Брилијант“ од Штип. Сметаме дека овој договор има пошироко значење за економијата и ќе претставува успешно искуство во промоцијата на домашното производство.

 



13.02.2018 - Комерцијална банка - Генерален спонзор на Струмичкиот карневал


Комерцијална банка АД Скопје, традиционално, и оваа година ќе ја поддржи манифестацијата Струмички карневал како Генерален спонзор. Струмичкиот карневал се одржува во рамки на „Тримерските празнувања“ (празникот на армасаните девојки), а во него годинава ќе учествуваат над 2.500 маскирани лица во поворка која привлекува над триесет илјади посетители од Република Македонија и од соседните држави.

Карневалската забава официјално започнува на 16 февруари 2018 година со изборот на принц и принцеза на Струмичкиот карневал. Принцот и принцезата со кралот на Струмичкиот карневал ќе ја предводат големата карневалска поворка на 17 февруари 2018 година на  интернационалната, главна карневалска вечер и со тоа ќе го означат почетокот на годинашното издание на еден од најпознатите карневали на Балканот и во Европа.

 




9.2.2018 - Продолжена соработката со Црвениот крст на Македонија


Комерцијална банка АД Скопје осум години во континуитет има плодна соработка со Црвениот крст на Република Македонија како Генерален покровител на проектот „Подобра социјализација на децата и младите со посебни потреби“.

Основен мотив за вклучувањето во овој проект е да им овозможиме на децата и младинците со посебни потреби да го развијат здравиот дух и креативниот капацитет, дополнително да се едуцираат и целосно да се интегрираат во нашето општество.

Продолжувањето на соработката со Црвениот крст и поддршката на овој проект ги потврдува нашите напори за долгорочен и систематски пристап кон подобрувањето на благосостојбата на ранливите групи во заедницата и е во согласност со стратегиските заложби на Банката на полето на општествената одговорност.

Сите веруваме во подобра иднина, но да се гледа иднината значи да се прифати одговорноста за она што се случува денес во општеството, да се поттикнат промени, како во нашиот професионален сектор така и во заедницата генерално. Целта на секоја компанија и на секоја индивидуа е да живее во хармонија со себе и со своето опкружување, а за тоа е потребно да се биде одговорен за секоја постапка и одлука, професионална и лична.




08.02.2018 - Две награди за Комерцијална банка од ЕБРД


Комерцијална банка АД Скопје годинава е добитник на две награди од Европската банка за обнова и равој (ЕБОР).

 

Наградата „Most Active Issuing Bank in 2017 in FYR Macedonia“ Комерцијална ја добива во континуитет како најактивна банка во ТФП (Програма за финансирање на надворешната трговија) во Македонија.

 

Наградата  „Deal of the Year“ for KB/938“ ја сметаме за особено значајна бидејќи за прв пат се доделува на Комерцијална банка АД Скопје, а се однесува на целиот регион (Европа, Азија, Африка) каде што делува ЕБОР. Со оваа награда Комерцијална банка станува дел од светското семејство на меѓународните експерти за финансирање на надворешната трговија. Зделка на годината („Deal of the year“)  – е награда која ЕБОР ја доделува секоја година, почнувајќи од 2000-та, и тоа во три категории:

  • Зделка на годината за енергетска ефикасност („Deal of the year for energy efficiency“);
  • Зделка на годината за социјален импакт („Deal of the year for social impact“);
  • Зделка на годината за севкупен импакт („Deal of the year – overall impact“).

 

Комерцијална банка е добитник на „Deal of the year- overall impact“ за акредитив каде што во трансакцијата се вклучени две земји, активни во меѓународна трговија (trade finance),  и две банки кои се оперативно вклучени во ЕБОР -ТФП како издавачки и конфирмирачки банки.

 

Бидејќи конфирмираните трансферабилни акредитиви бараат повисок степен на специфично стручно знаење и професионално искуство, со оваа награда, уште еднаш,  тимот за документарно работење на КБ со својата експертиза се етаблира во меѓународни рамки.

 







А Р Х И В А