Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



29.09.2017 - И З В Е С Т У В А Њ Е


Комерцијална банка АД Скопје, почнувајќи од 01.10.2017 година ќе применува фиксни и променливи каматни стапки кај новите договори за кредити, депозити и кредитни картички склучени од 01.10.2017 година.

 

Фиксна каматна стапка е каматна стапка која не се менува во целиот период на времетраење на договорот или во определен дел од периодот на важност на договорот за кредит и во рокот на орочување на депозитот.

 

Променлива каматна стапка е каматна стапка која зависи од висината на одредена референтна каматна стапка и се менува согласно вредностите на референтната каматна стапка и вкупната каматна маргина (ВКМ) изразена како процентни поени.

 

Референтна каматна стапка претставува единствена, јавно објавена каматна стапка за одреден инструмент, или каматна стапка која е утврдена на меѓународниот или на домашниот пазар на пари, или е просечна пондерирана каматна стапка за депозити на правни и на физички лица.

 

Како референтна стапка за пресметување на променливите каматни стапки за денарските побарувања и обврски ќе се применува стапката што е објавена и достапна на веб - страницата на НБРМ (www.nbrm.mk) под називот „каматната стапка на денарски депозити без валутна клаузула”. Истата ќе се преоценува полугодишно, и тоа на 01.01. и 01.07. со употреба на објавената стапка на 25.12. и 25.06.

 

За девизните кредити и денарските кредити со девизна клаузула за правни  лица ќе се применува референтната стапка 6 месечен ЕУРИБОР за кредити одобрени или изразени во ЕУР. Референтната стапка ќе се преоценува полугодишно, и тоа на секој 01.01 и 01.07 во годината со употреба на важечката референтна стапка на последниот работен ден од семестарот кој му претходел на датумот на ревидирање на каматната стапка.

 

Референтна стапка за пресметување на променливата каматна стапка која се применува за пресметка на камата на искористениот дел од дозволеното пречекорување на трансакциски сметки на физички лица, останува да биде каматната стапка на благајничките записи која ќе се преоценува полугодишно, и тоа на 01.01. и 01.07.

 

Референтна каматна стапка за пресметување на променливите каматни стапки за денарските кредити со девизна клаузула и за девизните депозити во ЕУР за физички лица се смета референтната каматната стапка за парични обврски изразени или определени во странска валута дефинирана во Законот за облигациони односи (едномесечна стапка на Еурибор за евра) и на начин дефиниран во истиот закон. Истата ќе се ревидира два-пати годишно, на 01.01. и 01.07.

 

За новите депозити орочени на период до 12 месеци (вклучувајќи го и периодот на 12 месеци) за правни и физички лица ќе се применува фиксна каматна стапка.

 

На крајот на секое полугодие Банката на својата веб - страница ќе ги објавува референтните каматни стапки кои ќе важат за пресметка на камата за следното полугодие.

 

Се известуваат сите корисници на орочени депозити за физички лица, кои сакаат да ги заменат своите постојни производи со новите производи, преку склучување нов Договор за орочување, да се јават во соодветните служби, на шалтерите на Банката во експозитурите или во филијалите на Банката.

 

Исто така, почнувајќи од 01.10.2017 година Банката ќе ги намали каматните стапки на орочените штедни влогови во УСД (од 0,01-0,10 п.п), АУД (од 0,30-0,60 п.п.), ГБП (од 0,01-1,60 п.п.) и ЦАД (од 0,02-0,70 п.п.) и нема повеќе да склучува договори за орочување девизни штедни влогови во девизните валути ДКК, СЕК, НОК, ЈЕН.

 






14.12.2017 – Поддршка на хуманитарниот базар на Црвениот крст


Дел од вработените на Комерцијална банка денес со задоволство присуствуваа на хуманитарниот базар во организација на Црвениот крст на Република Македонија, на кој беа изложени прекрасни уметнички слики изработени од децата со посебни потреби од дневните центри во осум општини.

 

Делата кои ги видовме на базарот се изработени со несебичната поддршка на повеќе ликовни уметници, а во рамки на работилниците од проектот „Подобра социјализација на деца и млади со посебни потреби“, кој Комерцијална банка го поддржува од 2011 година.

 

 

Како и секогаш, денешното дружење и насмевките на дечињата ни ги стоплија срцата, а имавме можност да купиме неколку слики и со тоа да донираме дополнителни средства за овој значаен проект.

 

 Поддршка на хуманитарен базар
 
Поддршка на хуманитарен базар



13.12.2017 - Зголемен износот и продолжен периодот за аплицирање за готовински кредит со ЕУР клаузула


 

Банката го зголеми износот на готовинскиот кредит со ЕУР клаузула до 15.000 евра,со каматна стапка од 6% фиксна за првата година и 7,6% променлива за остаток од периодот. За истиот може да аплицираат кредитоспособни физички лица со минимум 12.000 денари месечен приход на трансакциска сметка на Банката. Во промотивниот период до 30.06.2018 година, сите новоодобрени готовински кредити со ЕУР клаузула, Банката ќе ги одобрува со 0% надомест за одобрување и администрирање. Повеќе на следниот линк.




11.12.2017 - Известување за нова услуга на Комерцијална банка e-Trader, секогаш во чекор со вашето време


Комерцијална банка АД Скопје ја пушти во употреба апликацијата e-Trader која е наменета за крајните корисници (клиентите на брокерската куќа на Банката) а преку која се овозможува испраќање електронски налози до брокерите на Банката и комплетен увид во тргувањето со хартии од вредност на Македонската берза.

 

За користење на апликацијата e-Trader е доволно да имате електронски уред со пристап на Интернет. Независно каде се наоѓате,  e-Trader ви овозможува испраќање електронски налози до брокерите на Банката и следење на тргувањето со хартии од вредност во реално време, а со тоа го заменувате традиционалниот начин на тргување кој претпоставува физичко присуство на клиентите при давање на налозите.

 

Со една посета на брокерите на Банката ќе добиете корисничко име и лозинка за заштита, а испраќањето на налозите ќе можете да го правите од вашиот дом, од работното место, од странство, додека сте на одмор итн.

 

Апликацијата е едноставна за користење и овозможува:

  • високо ниво на сигурност (SSL сертификат, единствено корисничко име и лозинка за заштита на корисниците);
  • едноставност во пополнувањето на налогот, неговиот внес, измена или повлекување;
  • преглед на портфолиото и паричната состојба со моментално ажурирање, согласно пазарната состојба;
  • преглед на пазарните податоци (цена, пазарна длабочина, трансакции);
  • следење на внес и извршување на налогот во реално време;
  • преглед на активни налози;
  • следење на налогот во пазарната длабочината;
  • аларми (нотификации за промените на пазарот).



6.12.2017 - Четврто признание за Комерцијална банка од Global Finance


Светскиот магазин Global Finance, со седиште во Њујорк, САД,  на Комерцијална банка АД Скопје ѝ ја додели наградата „Најдобар FX Провајдер за Република Македонија (Најдобар давател на услуги од областа на девизните пазари во Македонија за 2018 година)“. Ова е четврто по ред  признание за најуспешно работење на Комерцијална банка АД Скопје во доменот на тргување со финансиски инструменти во Република Македонија,  доделено од Global Finance.
 

Изборот за најдобар „FX Провајдер“ на финансиските пазари во Македонија е направен врз основа на неколку критериуми кои вклучуваат: големина на трансакции, пазарно учество, обем на глобална покриеност, ниво на услуга кон клиентите, конкурентни цени и користење иновативни технологии.

 

Прогласувањето на Банката за „Најдобар FX Провајдер за Република Македонија“ е уште една потврда за високиот квалитет на услуги кои ги нуди Комерцијална банка; за понудата на финансиски инструменти; конкурентноста, како и потврда на лидерската позиција на Банката во областа на тргувањето на домашните и на глобалните финансиски пазари.




1.12.2017 - Известување


 

Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека, заклучно со 29.11.2017 година, досегашниот акционер со квалификувано учество Европската банка за обнова и развој (EBRD) го продаде својот удел од 5,245% во вкупниот капитал на Банката.




27.11.2017 – Одржан настан „Ден за Вас - Безбедносни предизвици во современиот е-бизнис“


Во рамки на определбата на Комерцијална банка АД Скопје за постојана грижа за своите клиенти, на 22.11.2017 повторно се одржа настанот Ден за Вас, наменет за корпоративните клиенти на Банката.

 

Имајќи го предвид влијанието на технологиите во современиот живот и мотивирани од сè почестите злоупотреби на ИКТ, овојпат темата беше „Безбедносни предизвици во современиот е-бизнис“. На настанот се обработија најактуелните теми од доменот на безбедноста на информатичко-комуникациските технологии, ризиците поврзани со нивната употреба и препораки за заштита, се разгледуваа безбедносните аспекти на работењето со картички, како и ризиците поврзани со измамите во меѓународната трговија. Потоа низ активна дискусија преку примери од праксата, Банката даваше препораки за справување со овие актуелни проблеми.

 

Банката изразува голема благодарност до присутните клиенти и се надева дека барем малку успеа да придонесе во подигнувањето на свеста за потенцијалните ризици што со себе ги носат модерните технологии.

 

Грижата за клиентите продолжува и во иднина со организирање вакви корисни настани.

 




21.11.2017 - Известување од филијалата во Гостивар


Почитувани клиенти,

 

Ве известуваме дека на ден 25 ноември (сабота), 2 декември (сабота) и 9 декември (сабота) 2017 година, филијалата Гостивар нема да работи поради изведување градежно - занаетчиски работи.







А Р Х И В А