Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



03.09.2018 - Дополнителна заштита при купување преку Интернет


Комерцијална банка воведува дополнителна заштита при купување преку Интернет со Mastercard® и Visa картички. Отсега, за одредени интернет-трансакции, како дополнителна мерка на заштита Банката ќе Ви испраќа СМС порака со код за верификација, на телефонскиот број што сте го пријавиле. Кодот за верификација ќе треба да го внесете за Вашата трансакција да биде успешно завршена.

 

За да можете да ја користите оваа бесплатна дополнителна заштита, потребно е да ги ажурирате своите податоци со бројот на вашиот мобилен телефон. Ажурирањето можете да го направите преку услугата Интернет банка, мобилната апликација мБанка или на шалтерите на Банката.

 

За повеќе информации и најчесто поставувани прашања посетете го следниот линк.

 

Ви благодариме за соработката.

 

Комерцијална банка АД Скопје






14.11.2018 Комерцијална банка најуспешна во тргување


Светскиот магазин Global Finance, со седиште во Њујорк, САД,  на Комерцијална банка АД Скопје ѝ ја додели наградата „Најдобар FX Провајдер за Република Македонија (Најдобар давател на услуги од областа на девизните пазари во Македонија за 2019 година)“. Ова е петто  по ред  признание за најуспешно работење на Комерцијална Банка АД Скопје во доменот на тргување со финансиски инструменти во Република Македонија,  доделено од Global Finance.

 

Изборот за “Најдобар FX Провајдер” на финансиските пазари во Македонија е направен врз основа на неколку критериуми, кои вклучуваат: големина на трансакции, пазарно учество, обем на глобална покриеност, ниво на услуга кон клиентите, конкурентни цени и користење на иновативни технологии.

 

Прогласувањето на Банката за “Најдобар FX Провајдер за Република Македонија” е уште една потврда за високиот квалитет на услуги кои Комерцијална банка ги нуди; за понудата на финансиски инструменти; конкурентноста, како и потврда на лидерската позиција на Банката во областа на тргувањето на домашните и глобалните финансиски пазари.




31.10.2018 - Известување за намалување на каматни стапки


Почнувајќи 01.11.2018 година Банката изврши намалување на каматните стапки за денарски штедни влогови со прилагодливи каматни стапки (отворени пред 01.10.2017 година), орочени на 12 месеци, 24 месеци и 36 месеци, за 0,30 п.п..

 

Притоа, Банката не ги намали каматните стапки на штедните влогови за кои клиентите имаат склучено договор по 01.10.2017 година (договори со фиксни и со променливи каматни стапки).

 

Штедачите со денарски штедни влогови со прилагодливи каматни стапки (отворени пред 01.10.2017 година) имаат можност да склучат нов договор со фиксни или со променливи каматни стапки на ист или на подолг рок на орочување, без загуба на камата до денот на склучување на истиот. Притоа, со новиот договор ќе важи нов рок на орочување.

 

Оваa трансакција може да ја направите во сите наши експозитури во градот Скопје, како и во екпозитурите и филијалите низ Републиката.

 

Исто така, почнувајќи од 01.11.2018 година се воведува можност за орочување на денарски штедни влогови на 24 месеци и 36 месеци и со фиксна каматна стапка од 1,65% и 1,95%, респективно.




30.10.2018 - Оглас за вработување


Помлад соработник во експозитура, во Комерцијална банка АД Скопје - Експозитура Дебар, 1 (еден) извршител на определено работно време од 12 месеци, со можност за продолжување на Договорот за вработување.

 

Потребни квалификации и способности:

  • Завршен Економски факултет, со најмалку 180 кредити според ЕКТС или VII/1 степен,
  • Без работно искуство,
  • Познавање англиски јазик и работа со компјутери,
  • Комуникациски и организациски вештини, ориентираност кон клиенти, способност за тимска работа и професионално однесување.       

 

Работно време: 40 часа неделно, организирано во две смени во рамки на работното време на Експозитурата, од понеделник до петок: од 08:00 до 16:00 часот,  и во сабота од 08:00 до 14:00 часот.

 

Почетна основна нето-плата: 19.180,00 денари.

 

Огласот трае 8 (осум) работни дена, сметано од 29.10.2018 година, заклучно со 07.11.2018 година. Изборот ќе се изврши во рок од 45, 90 или 120 дена по истекот на рокот за пријавување, во зависност од бројот на пријавени кандидати.

 

Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат горенаведените критериуми треба да пратат кратка биографија (CV), мотивациско писмо и копија од Диплома за завршено високо образование, на следната адреса: Сектор за човечки ресурси и општи работи, Комерцијална банка АД Скопје, ул. Орце Николов бр.3, 1000 Скопје, или на e-mail адреса vrabotuvanje@kb.com.mk, со назнака: „Oглас за вработување во Експозитура Дебар’’.

                                                                  

Лице за контакт: Меглена Димитрова, тел.: 02 3168412

                                                                  

Некомплетната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање нема да бидат разгледувани.

 

На интервју ќе бидат повикани само апликантите кои ќе влезат во потесен круг.




26.10.2018 - Монографското издание на македонскиот скулпторски доајен „Дада“ поддржано од Комерцијална банка


Под покровителство на Комерцијална банка АД Скопје, НУ Национална галерија на Македонија ја прикажа пред публиката ретроспективно-монографската изложба на Драган Попоски Дада на 24 октомври 2018 година. Оваа изложба е организирана во рамките на одбележувањето на Јубилејот посветен на 70-годишнината од основањето на респектираната институција.

 

Драган Попоски Дада е доајен на македонската современа скулптура, кој даде силен белег и остави неизбришливи траги во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност.

 

Изложбата е отворена  во изложбениот простор на Даут-пашин амам, а на отворањето се обратија Министерот за култура на РМ, господинот Асаф Адеми, Директорот на НУ Национална галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими и д-р Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, покровител на монографското издание.

 

Изложбата претставува одбележување на повеќедецениското творештво што се издвојува со својот карактеристичен авторски белег на нашиот еминентен скулптор Драган Попоски Дада, а кое започнува далечната 1964 год.

 

Оваа изложба беше поддржана од Комерцијална банка АД Скопје.

 

 Изложба




25.10.2018 - И оваа година „Верверичка“ ве наградува


Како најголема вредност за семејството и за општеството во целина, децата се во фокусот на Комерцијална банка АД Скопје. Традиционалната акција на донирање средства за новородени деца на триесет и први октомври, продолжува и оваа година.

 

По повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври, Банката ќе им отвори штедни книшки – Детско штедење „Верверичка“ со износ од 5.000,00 денари и исто толку штедни касички на сите деца кои ќе се родат на 31 октомври од 00:00 до 24:00 часот во Скопје и во други градови во Републиката во кои Банката има свои филијали и/или експозитури.

 

Средствата од горенаведениот став ќе им бидат исплатени само на оние лица кои документите ќе ги достават најдоцна до 31.12.2018 година.

 

Законските застапници на новородените деца на триесет и први октомври, пред да ги достават потребните документи на шалтерите на Банката во Скопје и во други градови во Републиката во кои Банката има свои филијали и/или експозитури, треба да извршат претходна регистрација на нивните деца како даночни обврзници во најблиската регионална дирекција на УЈП до нивното место на живеење согласно процедурите пропишани од УЈП.

 

Во спротивно Банката нема да биде технички во можност да изврши исплата на средствата.

 




17.10.2018 - Вработените во Комерцијална банка донираа храна во соработка со НО „Љубезност“


Вработените и менаџментот на Комерцијална банка АД Скопје по четврти пат го одбележаа Светскиот ден против сиромаштијата и се вклучија со донирање на повеќе од 20 пакети храна, неопходни да се преживеат студените зимски денови кои следуваат. Оваа акција Банката ја реализираше во соработка со невладината организација „Љубезност“, која работи исклучиво за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци. Организацијата функционира на доброволна основа, а се носители и на активност под името „Ретвитни оброк“ каде со групно готвење обезбедуваат оброци за бездомни и социјално загрозени лица.

„Со вакви акции не ги спасуваме граѓаните од сиромаштија, не го намалуваме бројот на бездомни лица, но се потсетуваме дека треба да споделуваме, да бидеме солидарни, да преземеме дел од одговорноста за животите на нашите соседи, сограѓани“, велат од Банката.
 
Комерцијална банка донира храна
 






А Р Х И В А