Контакт           24/7
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Начела и принципи

 

За Комерцијална банка АД Скопје, општествената одговорност претставува индивидуална и колективна заложба за остварување на долгорочен одржлив напредок и развој во општеството.

 

Корпоративната општествената одговорност вклучува посветеност за придонес кон економска, еколошка и социјална одржливост на заедницата преку постојана интеракција со засегнатите страни, активна партиципација во заедниците кои се под влијание на компанијата и јавно известување за политиките и резултатите на компанијата во економската, еколошката и социјалната област. Таа претставува современ концепт кој подразбира водење сметка не само за профитот на компаниите, туку и за општестената корисност од дејствувањето.

 

Поистоветувајќи го напредокот на општеството во целина со својот сопствен напредок, Комерцијална банка е посветена на делување во насока на поддршка на повисоките општествени цели и благосостојба, како и на свој активен придонес кон нивното остварување. Ваквиот став подразбира приод кон работењето кој ги надминува традиционалните сфаќања за грижа за основната дејност и законските обврски и е насочен кон идентификација на групите кои се под влијание и кои влијаат на нејзините одлуки (засегнатите страни), изнаоѓање подрачја на зеднички интерес, антиципирање на промените и соодветно дејствување.

 

Корпоративната општествена одговорност на Комерцијална банка е во согласност со Десетте принципи на Глобалниот договор на Обединетите нации, насоките од Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата за Република Македонија, како и позитивните примери од домашната и од светската пракса.

 

 

Десетте принципи на Глобалниот договор на Обединетите нации

 

Глобалниот договор на Обединетите нации е стратегиска иницијатива за компании кои се посветени на усогласување на нивното работење и стратегии со следните универзално прифатени принципи:

 

ЧОВЕКОВИ ПРАВА

Принцип 1:

Претпријатијата треба да ја поддржуваат и да ја почитуваат заштитата на меѓународно признатите човекови права и

Принцип 2:

да водат сметка да не бидат соучесници во кршење на човековите права.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Принцип 3:

Претпријатијата треба да ја поддржат слободата на здружување и ефективно признавање на правото на колективно договарање;

Принцип 4:

да искоренат секаква форма на присилна и задолжителна работа;

Принцип 5:

да го укинат детскиот труд и

Принцип 6:

да ја искоренат дискриминацијата при вработување и работа.

ЖИВОТНА СРЕДИНА

Принцип 7:

Претпријатијата треба да применат претпазлив пристап кон предизвиците за животната средина;

Принцип 8:

да преземат иницијативи за промовирање на поголема одговорност за животната средина и.

Принцип 9:

да го охрабрат развојот и ширењето технологии кои не се штетни по животната средина.

БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА

Принцип 10:

Претпријатијата треба да работат против сите облици на корупција, вклучувајќи изнудување и подмитување.

 

Банката има статус на активен член при мрежата на Глобалниот договор и редовно известува за напредокот во делот на имплементација на Десетте принципи во своето работење.

 

Како една од првите членки на Македонската мрежа на Глобалниот договор, Комерцијална банка активно учествува во промоција на Глобалниот договор кај македонските компании и прифаќање на неговите принципи. Преку учество во разни иницијативи и дебати, Банката се залага за унапредување на климата за корпоративна и индивидуална општествена одговорност и унапредување на улогата на компаниите во градењето подобра иднина за нашето општество. Комерцијална банка е горда на својата богата традиција на одговорна компанија која е длабоко поврзана со своето општество и е секогаш подготвена да споделува и да ги инспирира оние кои имаат волја да се приклучат кон оваа кауза.

 

 

Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата за Република Македонија

 

Агендата е усвоена од страна на Владата на Република Македонија во октомври 2008 година. Целите на Агендата се подигнување на свесноста за општествената одговорност на претпријатијата, развивање капацитети и компетенции за да се помогне етаблирањето на општествена одговорност на претпријатијата и обезбедување поволен амбиент за истата.  Како таква, Агендата обезбедува конкретни цели, мерки и приоритети кои се од значење за општествената одговорност на Банката.