Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



27.07.2019 - Интернет банка и мБанка на Комерцијална банка целосно во функција


Почитувани клиенти,
 

Ве известуваме дека сервисите Интернет банка и мБанка на Комерцијална банка АД Скопје се целосно функционални. Од понеделник, шалтерите во експозитурите и филијалите на Банката ќе работат со редовно работно време и ќе ги извршуваат сите активности.

Како што веќе информиравме, од петокот (26.07.2019 г.) се извршуваат трансакциите со картичките на Банката во трговија и на банкомати.

Ви благодариме на разбирањето и, наедно, се извинуваме за настанатите непријатности.
 
Ваша Комерцијална банка АД Скопје




03.04.2020 – Комерцијална банка АД Скопје го одржа Годишното собрание на акционери


Со новата Уредба за примена на Законот за трговските друштва (Службен весник на РСМ бр.87/2020) се исполнети законските услови и Комерцијална банка АД Скопје на 02.04.2020 година го одржа своето редовно Годишно собрание, на кое акционерите учествуваа и гласаа преку писмена кореспонденција.

 

Акционерите потврдија дека Банката ја заврши 2019 година со бруто-добивка во износ од 1.986,7 милиони денари. По пресметување на данокот на добивка од 179,9 милиони денари, нето-добивката на Банката изнесува 1.806,8 милиони денари. Акционерите на Банката донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 1.806,8 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 55% од номиналната вредност на акцијата, односно по 550 денари на една акција. Заради зголемување на вкупниот капитал на Банката и на книговодствената вредност на акциите на Банката, акционерите одлучија дел од добивката во износ од 553 милиони денари да се издвои во резерви.

 

Собранието ги усвои финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, Годишната сметка на Банката и Консолидираната годишна сметка на Банката за 2019 година, како и Извештајот за усогласеноста на работењето на Банката со Кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонската берза во 2019 година и повторно ги избра членовите на Надзорниот одбор на Банката за следните 4 години.




01.04.2020 – Известување: Комерцијална банка ќе прифаќа фактури пратени по електронски пат


Со цел избегнување на ризиците од корона вирусот Covid-19 и согласно владината Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба, Комерцијална банка АД Скопје ги известува своите деловни партнери дека ќе прифаќа за плаќање фактури пратени по електронски пат.
 
Фактурите пратени по електронски пат треба да се доставуваат исклучиво на е-mail адресата e-fakturi@kb.com.mk, при што во е-mail пораката треба да биде нагласено дека од Комерцијална банка се бара согласност дека ја прифаќа фактурата пратена по електронски пат. Доколку Банката во рок од 10 дена не се изјасни, ќе значи дека ја прифаќа фактурата пратена по електронски пат.
 

Секоја фактура која ќе се достави на друга e-mail адреса, а не на адресата e-fakturi@kb.com.mk, ќе се смета дека не е примена во Банката.

 

Со почит, Комерцијална банка АД Скопје




31.03.2020 – Комерцијална банка донираше 6.150.000 денари и заштитни маски за Министерството за здравство


Со цел да им помогне на здравствените работници во справувањето со кризата предизвикана од корона вирусот Covid – 19, Комерцијална банка АД Скопје обезбеди парична донација во износ од 6.150.000 денари и дополнителна заштитна опрема (34.250 медицински заштитни маски за лице) во вредност од 1.200.000 денари за потребите на Министерството за здравство.
 
Паричните средства се префрлени на посебна наменска сметка на Министерството за здравство на Република Северна Македонија, а се наменети за справување со заканата по јавното здравје произлезена од епидемијата со корона вирусот Covid-19. Доставени се и медицинските маски за заштита на здравјето на здравствените работници, кои во борбата за зачувување на јавното здравје се најизложени на ризикот од корона вирусот.
 

Борбата со корона вирусот е наша заедничка обврска и предизвик против кој ќе треба да се спротивставиме со сите сили и капацитети. Затоа Комерцијална банка, како докажана општествено одговорна компанија, од самиот почеток на актуелната криза презема соодветни мерки и активности, пред сè, за заштита на здравјето на клиентите и на вработените , а и за несебична поддршка на здравствените институции кои ја водат најтешката борба. Само со лична и корпоративна одговорност на ниво на цела држава ќе успееме да се справиме со заканата што ја наметна корона вирусот. 




30.03.2020 – Комерцијална банка овозможи 6 месеци грејс период за корисниците на кредити, кредитни картички и за дозволено пречекорување


Со цел да го олесни финансискиот товар со кој клиентите се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на корона-кризата, Комерцијална банка АД Скопје објави Јавна понуда за промена на договорните услови за кредитните производи на физички лица.

 

Комерцијална банка одобрува грејс период од 6 (шест) месеци за кредитните производи на физички лица, пролонгирање на крајниот рок на отплата на кредитите за 6 месеци, како и автоматско продолжување на рокот за користење на дозволеното пречекорување до 30.09.2020 година (без намалување на одобрениот износ и без оглед дали на сметката стасува редовен месечен прилив). Јавната понуда се однесува на сите физички лица - клиенти на Банката кои имаат кредити, кредитни картички и/или дозволени пречекорувања, кои на 29.02.2020 година се класифицирани во категорија на ризик А, Б или В и немаат статус на сомнителни и спорни побарувања (нефункционални), односно во своето досегашно работење со Банката не доцнеле подолго од 90 дена при отплата на обврските. Сите физички лица на кои се однесува Понудата, ги замолуваме детално да ја разгледаат Понуда на следниот линк и да одлучат дали истата ја прифаќаат или ја одбиваат: https://www.kb.com.mk/Default.aspx?sel=2370&lang=1&uc=1

 

До Банката треба да се обратат електронски или писмено (на начин детално опишан во Понудата) исклучиво физичките лица кои ја одбиваат Понудата, најдоцна до 09.04.2020 година до 16.00 часот. За лицата кои ја прифаќаат Понудата истата автоматски ќе се имплементира, без потреба од контакт со Банката.

 

Бидејќи оваа криза носи негативни влијанија кои ќе ги погодат сите, Комерцијална банка ќе овозможи олеснувања и за оние клиенти - физички лица кои и пред почетокот на кризата имале проблеми со отплатата на обврските, односно лицата кои на 29.02.2020 година биле класифицирани во категорија на ризик В (нефункционални), Г и Д. Моделот на олеснувања за оваа група на клиенти сѐ уште се изработува, а јавноста наскоро ќе биде известена и за тие мерки.

 

Ваша Комерцијална банка




30.03.2020 – Kомерцијална банка планира да исплати дивиденда за 2019 година


Изминативе денови во повеќе медиуми се појавија брифинзи дека НБРСМ е во очекување дека банките ќе задржат поголем дел од остварената добивка во 2019 година, воздржувајќи се од исплата на дивиденда заради справување со негативните финансиски последици од COVID- 9. Исто така, Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба, според која започнатите постапки за свикување и одржување годишно собрание на акционери се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба. Во врска со тоа, Комерцијална банка АД Скопје до Македонската берза и до јавноста ја доставува следната ценовно чувствителна информација.


Управниот одбор и Надзорниот одбор на Комерцијална банка сметаат дека Банката треба да остане на веќе предложената Одлука до Собранието на акционери, со која нераспределената добивка од 2019 година се распоредува на 553 милиони денари за резерви на Банката, со што се зголемува нејзиниот капитал, и на 1.253 милиони денари за дивиденда на акционерите на Банката. Всушност, согласно препораките на Комисијата за хартии од вредност за учество и гласање на Собранието по пат на кореспонденција, кое беше закажано за 02.04.2020 година, заклучно со 27.03.2019 година, 52,92% од акционерите на Банката веќе гласаа за предложената Одлука.
 
Цениме дека ваквата Одлука останува и натаму оправдана заради следните причини:
 
Комерцијална банка постојано издвојува значаен дел од добивката во резерви и го зголемува сопствениот капитал. Така, на пример, само во 2019 година беа издвоени 823 милиони денари (13,4 милиони евра) од добивката во 2018 година, а и оваа година со предложената одлука се издвојуваат 553 милиони денари (скоро 9 милиони евра) во резерви на Банката. Со тоа капиталот на Банката ќе достигне износ од 11.987 милиони денари (или скоро 195 милиони евра). Тоа покажува дека Комерцијална банка има солидна капитална основа да се соочи со очекуваните движења и последици врз стопанството и населението, ги исполнува сите законски и супервизорски стандарди и е ликвидна и солвентна.
 
За разлика од сите поголеми банки во државата, кои се доминантно во странска сопственост, Комерцијална банка АД Скопје е речиси целосно во сопственост на домашни акционери. Со состојба на 29.02.2020 година, 96,42% се домашни акционери и само 3,58% се акционери од странство. Тоа значи и дека скоро целиот износ на предвидената дивиденда, односно 96,42%, ќе биде исплатен на домашни правни и физички лица, за разлика од другите поголеми банки, каде вообичаено исплатената дивиденда се трансферира во странство. Во случајот на Комерцијална банка, според сегашната состојба на акционерската книга, дивидендата ќе им биде исплатена на 4.555 домашни физички лица во износ од 476 милиони денари и на 344 домашни правни лица во износ од 679 милиони денари, а ќе биде исплатен данок кон Буџетот во износ од 57,4 милиони денари. Тоа значи дека со исплата на дивидендата ќе се подобри ликвидноста на сите овие субјекти, вклучувајќи го и Буџетот на државата, што сметаме дека е особено важно во овој период кога и стопанството и населението се соочуваат со проблеми.
 
Имајќи ги предвид овие аргументи, Управниот и Надзорниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје остануваат на предложената одлука за распоредување на добивката од 2019 година (за што досега веќе гласаа 52,92% од акционерите) на 553 милиони денари за резерви на Банката и по 550 денари бруто-дивиденда по акција. Исплатата на дивидендата очекуваме да се случи по завршувањето на вонредната состојба и продолжување на Собранието на акционерите на Банката или кога за тоа ќе се создадат законски услови со Уредбата за примена на Законот за трговските друштва.



27.03.2020 – Комерцијална банка следната недела ќе објави Јавна понуда за олеснување на обврските по кредити, кредитни картички и дозволени пречекорувања што ќе се применува во следните 6 месеци


Комерцијална банка АД Скопје на почетокот на следната недела на својата веб-страница www.kb.com.mk ќе објави Јавна понуда за промена на условите за сервисирање на кредитната изложеност од страна на клиентите физички лица, со цел да се олесни финансискиот товар со кој се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на корона-кризата.

 

Оцена на Банката е дека сите физички лица, без оглед на моменталниот статус на вработување, редовен месечен прилив или тип на кредитна изложеност што го користат, директно или индиректно ќе почувствуваат финансиски последици од кризата. За таа цел, подготвуваме пакет мерки за клиенти кои ги исполнуваат критериумите пропишани од страна на НБРСМ и кои пред кризата немале потешкотии за отплата на обврските, а потоа ќе следуваат мерки и за клиентите кои пред кризата се  соочувале со потешкотии во отплатата, но заради кризата истите се интензивираат.

 

Олеснувањата од Јавната понуда ќе се однесуваат на сите кредитни производи за физички лица: кредити, кредитни картички и искористен дозволен минус на трансакциска сметка, како и кредитни картички за правни лица.

 

Наедно, ги известуваме правните лица кои користат кредитна поддршка во Банката и се соочуваат со проблеми во работењето заради што им е потребна промена на договорните услови на кредитите, да се обратат во Секторот за кредитирање на стопанство, било во електронска форма или телефонски да ги контактираат соработниците за односи со клиенти на телефонските броеви објавени на нашата веб-страница: https://www.kb.com.Default.aspx?sel=3210&lang=1&uc=1#5

Банката ќе го разгледа секое поединечно барање за промена на условите и во комуникација со клиентот ќе понуди најсоодветно решение за олеснување на финансиското оптоварување со цел надминување на кризата.

 

Ве молиме да ја следите веб-страницата на Банката www.kb.com.mk каде ќе ја објавиме Јавната понуда со сите детали.

 

Ваша Комерцијална банка




27.03.2020 – Известување за одложување на Собрание на акционери


Комерцијална банка АД Скопје ги известува своите акционери дека врз основа на Уредба со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба, донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија (Сл.весник на РСМ бр.79/2020), одржувањето на Собранието на Банката, закажано за 02.04.2020 година, се одложува за време на траењето на вонредната состојба. Исто така, известуваме дека врз основа на препораките на Комисијата за хартии од вредност на РСМ за учество и гласање на Собранието по пат на писмена кореспонденција, заклучно со 27.03.2020 година, 52,92% од акционерите гласале за предложените одлуки од Дневниот ред на Собранието. По завршување на вонредната состојба Комерцијална банка АД Скопје ќе објави нов датум на одржување, односно продолжување на закажаното Годишно собрание.




26.03.2020 – Се утврдува постапката за олеснување на отплатата на кредити и други задолжувања


Поради големиот интерес и прашања од клиентите, Ве информираме дека Комерцијална банка интензивно работи на концептите за репрограмирање на кредитната изложеност на физичките лица и на фирмите кои ги исполнуваат критериумите пропишани од страна на НБРСМ, односно на утврдување на прецизните мерки и начини на комуникација со клиентите со цел да се олесни финансискиот товар со кој се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на корона-кризата.

 

Уредбата на Владата на Република Северна Македонија за олеснување на сервисирањето на кредитите и други задолжувања на граѓаните и фирмите кон банките и штедилниците за време на кризата предизвикана од КОВИД-19 се уште не е објавена во Службен весник, односно се уште не е стапена на сила. Очекуваме тоа да се случи наскоро.

 

Ве молиме да ја следите веб-страницата на Банката www.kb.com.mk каде во најкус можен рок ќе ги објавиме сите детали за ова прашање.

 

Ваша Комерцијална банка




25.03.2020 – Комерцијална банка ќе доставува известувања за каматни листи за нефинансиски правни лица само електронски


Комерцијална банка АД Скопје ги известува своите клиенти - нефинансиски правни лица кои добиваат известувања за каматни листи по пошта дека овие информации отсега ќе ги добиваат електронски - преку e-mail комуникација.

 

Во насока на ублажување на последиците од епидемијата на КОВИД-19, во ситуација на вонредна состојба, Комерцијална банка настојува својата комуникација со клиентите да ја врши на безбеден начин. Оттука и потребата доставата на сите известувања да се прави електронски.

 

Банката ги информира клиентите - нефинансиски правни лица кои немаат пријавено e-mail за достава на овие известувањата дека известувањата - каматни листи ќе им бидат испратени на e-mail адресите што ги имаат пријавено во Централниот регистар на Република Северна Македонија.

 

Доколку е-mail адресите кои се пријавени во Централниот регистар на Република Северна Македонија се нефункционални или неисправни, ги повикуваме клиентите најдоцна до понеделник, 30.03.2020 година, да достават податок за e-mail на којшто Комерцијална банка ќе им ги доставува известувањата.

 

Ве молиме Вашите податоци да ги доставите со пополнување на следниот образец - линк, на следната e-mail адреса:administriranje.denarski.krediti@kb.com.mk.    




24.03.2020 – Комерцијална банка ќе започне со исплата на пензиите на 28 март


Комерцијална банка АД Скопје на 28 март ќе започне со предвремена исплата на пензиите за март 2020 година. Пензионерите кои пензијата ја примаат во Комерцијална банка и имаат активна дебитна картичка, пензијата за март 2020 година ќе ја добијат на 28 март.

 

За да се избегнат гужви и блиски контакти, АПЕЛИРАМЕ пензионерите кои имаат дебитна картичка или користат Интернет банка своите финансиски потреби да ги вршат преку плаќање со картичка, преку банкоматите и Интернет банката на Комерцијална банка, односно максимално да избегнуваат посета на шалтерите.

 

Со цел да се зачува здравјето на најранливата категорија граѓани, пензионерите кои пензијата за март ќе ја подигнат на шалтерите на Банката, ќе може да ја добијат согласно следниот распоред:

  • клиенти со пензија до 12.000 денари на 28 март (сабота) и 30 март (понеделник)
  • клиенти со пензија од 12.001 до 15.000 денари на 31 март (вторник)
  • клиенти со пензија од 15.001 до 19.500 денари на 1 април (среда)
  • клиенти со пензија над 19.500 денари на 2 април (четврток)

 

Со цел да се минимизира ризикот од ширење на корона вирусот, НАЈСИЛНО АПЕЛИРАМЕ ДА СЕ ПОЧИТУВА ГОРЕНАВЕДЕНИОТ РАСПОРЕД.

 

Во интерес на нивното здравје, им препорачуваме на пензионерите кои немаат дебитна картичка или Интернет банка при првата нивна посета на Комерцијална банка да ги побараат овие услуги/производи со цел да ја намалат потребата од посета на банка.

 

Исто така, за да се избегне доаѓање на шалтерите во следниот период, пензионерите ќе можат преку брза и поедноставена постапка и без надомест да отворат и траен налог за навремено плаќање на нивните сметки за јавните услуги. За да ја добијат оваа услуга доволно ќе биде при нивното доаѓање на шалтер да ги донесат сметките за јавни услуги (струја, парно, вода, телефон).

 

При посетите на шалтерите, Ве замолуваме да ги почитувате правилата за влез и држење растојание, согласно препораките на надлежните здравствени институции. Влезот ќе биде ограничен и соодветен на бројот на шалтерите - благајни, а пропишаното растојание е најмалку 2 метри во редот и помеѓу редовите.  

 

Ваша Комерцијална банка




22.03.2020 – Комерцијална банка АД Скопје ги презема сите мерки за заштита од Covid-19


Комерцијална банка АД Скопје уште од самиот почеток на појавата на корона вирусот Covid-19 во земјава ги презеде сите мерки за заштита на здравјето на вработените и на клиентите и за намалување на потенцијалните ризици во работењето. Во таа насока, распоредени се тимови на различни локации и на работа од дома, а деловните простории на Банката, редовно се дезинфицираат и се опремени со средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици за вработените.
 
Заради утврден случај на вработен во Комерцијална банка АД Скопје, кој е од Скопје и е позитивен на корона вирусот Covid-19, согласно насоките од надлежните институции, Банката денес изврши нова, темелна дезинфекција на сите простории во деловните згради КБ1 и КБ2. Сите потребни и дополнително засилени мерки на заштита и превенција се преземени, со што деловните процеси продолжуваат со редовна работа. Сите услуги на Банката се достапни и функционираат нормално.
 
Сите вработени во Банката кои имале непосреден контакт со вработениот кој е позитивен на Covid-19 ќе бидат во самоизолација во наредните 15 дена, согласно воспоставената комуникација и добиени насоки од надлежните институции во Република Северна Македонија.Тимот на Комерцијална банка му посaкува брзо опоравување на вработениот и со нетрпение го очекува неговото враќање на работа.
 

Сите сме исправени пред актуелните предизвици, а фокусот на Комерцијална банка АД Скопје останува на заштита на здравјето на вработените и на клиентите и на достапност на сите наши услуги и производи во секое време.




20.03.2020 – Известување до акционерите


Почитувани,

 

Во насока на реализирање на препораките на Комисијата за хартии од вредност на РСМ и во интерес на почитување нa мерките за спречување на ширењето на COVID-19, Комерцијална банка АД Скопје ги повикува своите акционери, правото на учество и гласање на Собранието на Банката, закажано за 02.04.2020 година, што е можно поскоро да го оставарат со писмена кореспонденција или со електронско гласање, со цел да се обезбеди успешно одржување на закажаното Собрание без физичко присуство на акционерите. Детални инструкции за ваквиот начин на гласање и учество во работата на Собранието се достапни на веб-страницата на Банката www.kb.com.mk. За дополнителни информации може да поставите прашање по електронски пат на sobranie@kb.com.mk или на следните телефонски броеви: (02)3168222 или (02)3168232.

 

Комерцијална банка АД Скопје




19.03.2020 – Комерцијална банка однапред плати аконтации за данок на добивка за 2020 година во износ од 120 милиони денари


Имајќи го предвид развојот на состојбите и сериозната опасност од ширењето на Ковид-19 (корона вирусот) во нашата земја, Комерцијална банка АД Скопје однапред  изврши плаќање на своите месечни обврски по основ на аконтативно плаќање на данокот на добивка за 2020 година. Со тоа е веднаш исплатен вкупен износ од 120.000.000 денари, наместо вообичаената исплата преку месечни аконтативни износи.

 

Со ваквата одлука, Комерцијална банка АД Скопје настојува да придонесе за поголема ликвидност на државата и нејзиниот буџет, а со тоа и да го зголеми капацитетот на државните органи за обезбедување на сите потребни мерки и активности за заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување континуитет во функционирањето на виталните процеси во општеството.

 

Комерцијална банка со сите свои сервиси останува во служба на клиентите со цел сите финансиски потреби да бидат безбедно и ефикасно опслужени. Апелираме да се почитуваат сите мерки и инструкции од надлежните органи во насока на што побрзо и поефикасно справување со овие предизвици.




17.03.2020 – Известување до акционерите


Почитувани,

 

Во насока на реализирање на препораките на Комисијата за хартии од вредност на РСМ и во интерес на почитување нa мерките за спречување на ширењето на COVID-19, Комерцијална банка АД Скопје ги повикува своите акционери, правото на учество и гласање на Собранието на Банката, закажано за 02.04.2020 година, што е можно поскоро да го оставарат со писмена кореспонденција или со електронско гласање, со цел да се обезбеди успешно одржување на закажаното Собрание без физичко присуство на акционерите. Детални инструкции за ваквиот начин на гласање и учество во работата на Собранието се достапни на веб-страницата на Банката www.kb.com.mk. За дополнителни информации може да поставите прашање по електронски пат на sobranie@kb.com.mk или на следните телефонски броеви: (02)3168222 или (02)3168232.

 

Комерцијална банка АД Скопје




17.03.2020 – Зголемени лимити на мобилната апликација за правни лица - мБанкаКо


Почитувани клиенти,

 

Ве информираме дека почнувајќи од денес Банката изврши зголемување на лимитот по налог и дневниот лимит по сметка по сите Овластени лица, при пренос на средства со налог за безготовинско плаќања ПП30 со Мобилна апликација – мБанкаКо, и тоа:

 

  • лимит по налог од 300.000,00 МКД на 600.000,00 МКД
  • дневен лимит по сметка по сите Овластени лица од 1.000.000,00 МКД на  6.000.000,00 МКД

 

Лимитите се применуваат за Вашата сметка по сите Овластени лица кои за Вашата сметка имаат претплата за потпишување трансакции преку мобилната апликација мБанкаКо. Налогот за безготовинско плаќање ПП50 - кон буџетски корисници и налогот за интегрирана исплата ПП53 не влегуваат во пресметката на дефинираните лимити.

 

Широкиот спектар услуги преку бесплатните веб и мобилни апликации Интернет банка и мБанкаКо се достапни 24 часа на ден преку Вашиот компјутер или мобилен телефон од кое било место на кое имате пристап до Интернет.

 

Ваша Комерцијална банка




17.03.2020 – Известување за корисниците на Debit Mastercard World и Mastercard Platinum картичките издадени од Комерцијална банка АД Скопје


Привремено затворање на ВИП ложите на аеродромот во Виена заради појавата на Ковид-19 (корона вирус).

 

Почитувани корисници на картички Debit Mastercard® World и Mastercard® Platinum издадени од Комерцијална банка,

 

Почнувајќи од 16.03.2020 година, сите ложи на Аеродромот во Виена (JET Lounge, AIR Lounge и SKY Lounges) се затворени привремено заради новодонесените локални закони во Австрија.

Вие како наши клиенти, ќе добиете нови информации за повторно отворање, веднаш штом аеродромот во Виена ќе ги добие информациите од локалната влада.

 

Сите други услуги и производи на Банката се целосно достапни за клиентите. На располагање 24 часа во денот Ви стојат и каналите за електронско банкарство: Интернет банка, мБанка, мБанкаКо, KomPay, веб-страницата www.kb.com.mk. Достапни Ви се и профилите на Банката на социјалните мрежи, како и контакт-центарот на (02) 3296 800.

 

Комерцијална банка и натаму навремено ќе Ве информира за сите новонастанати промени. Ви благодариме на разбирањето.




16.03.2020 – Комерцијална банка со бесплатни налози преку Интернет банка и мБанка


Во периодот од 16.03.2020 до 15.04.2020 сите денарски налози за физички лица пуштени кон резиденти преку Интернет банка и мБанка на Комерцијална банка АД Скопје ќе бидат бесплатни.

 

Мерката се воведува со цел корисниците да бидат насочени кон користење на алтернативните канали и максимално да избегнуваат посета на експозитурите, согласно насоките од Владата за спречување на ширењето на Ковид-19 (корона вирусот).

 

Широкиот спектар услуги преку бесплатните веб и мобилни апликации Интернет банка и мБанка се достапни 24 часа на ден преку вашиот компјутер или мобилен телефон од кое било место на кое имате пристап до Интернет.

 

Интернет банка ви овозможува брзо и ефикасно извршување дигитално потпишани финансиски трансакции; плаќање јавни услуги и вршење други денарски плаќања во земјата; онлајн аплицирање за готовински кредити, увид во состојба на одобрени кредити, поднесување налози за девизни плаќања во странство; купопродажба на девизи (безготовински); пренос на средства на орочен штеден влог и штеден влог по видување и тоа: на веќе отворени девизни штедни книшки на корисникот и на веќе отворени денарски штедни книшки за кои корисникот има овластување за увид; увид во состојбата и дневните промени на Вашите денарски и девизни сметки, штедни влогови, платежни картички и кредитни партии; увид во состoјба и подигање изводи за деловните Mastercard® и Visa картички; подигање изводи за денарски и девизни сметки и платежни картички, како и промена на дневни и месечни  лимити на платежни картички и кориснички лимити на мБанка (дневен, по трансакција и месечен).

 

мБанка овозможува лесен и безбеден пристап до голем дел од услугите за физички лица на Комерцијална банка - увид во состојбата и прометот на трансакциските сметки (денарски и девизни); онлајн аплицирање за готовински кредити, увид во состојба на одобрени кредити; увид во состојбата и прометот на кредитните картички; увид во состојбата и прометот на штедните влогови (денарски и девизни); плаќање сметки и трансфер на средства од денарска трансакциска сметка кон други сметки, без трошоци до 15.04.2020; промена на дневните и месечните лимити на дебитни и кредитни картички; бесплатни известувања за приливите и одливите од трансакциските сметки и картички; наоѓање најблизок банкомат или експозитура, како и патека до истите; информации за девизни курсеви; кредитен калкулатор, штеден калкулатор и калкулатор за купопродажба на девизи; информации и новини за производите и услугите на Банката наменети за физички лица; можност за проба со опцијата демо корисник и др.

 

Користете ги бесплатно овие апликации на Комерцијална банка за да се заштитите себеси, со што ќе го заштитите и здравјето на другите. Сите потребни информации за Интернет банка и мБанка се достапни на веб страната www.kb.com.mk, профилите на Банката на социјалните мрежи и на контакт-центарот (02) 3296 800.




13.03.2020 – Комерцијална банка укажува: Нашите финансиски услуги се достапни и на вашиот мобилен телефон и компјутер


Почитувани клиенти,

 

Комерцијална банка АД Скопје во насока на превенција и заштита на Вашето и на здравјето на вработените од вирусот Ковид-19 (корона вирус) Ви укажува дека голем дел од Вашите финансиски потреби може да ги извршите преку каналите за електронско банкарство, кои се 24 часа на располагање, а секако може да ја користите и широката мрежа на банкомати.

 

На сите наши банкомати во кој било дел од денот можете да подигнувате готовина, а на следните банкомати можете и да вршите уплата на готовина: експозитурите во Скопје - Ѓорче Петров, Ченто, Маџари, ГТЦ 1, Стопанска комора, Лептокарија, Буњаковец, Бисер, Автокомандa, 11 Октомври и во трговските центри Скопје Сити мол и Капитол мол, како и во филијалите во Штип, Струмица, Охрид и во Прилеп. Банкоматите редовно ќе се чистат и дезинфицираат.

 

Електронските канали Ви ги овозможуваат следните финансиски услуги:

 

  • Интернет банка - плаќање јавни услуги и вршење други денарски плаќања во земјата; купопродажба на девизи (безготовински); пренос на средства на орочен штеден влог и штеден влог по видување; увид во состојба и дневни промени на Вашите денарски и девизни сметки, штедни влогови, платежни картички и кредитни партии; увид во состoјба и подигање изводи за деловни Mastercard® и Visa картички; подигање изводи за денарски и девизни сметки и платежни картички.
  • мБанка - увид во состојба и промет на трансакциски сметки, кредитни картички, штедни влогови, одобрени кредити, плаќање сметки и трансфер на средства од денарска трансакциска сметка кон други сметки, промена на дневни и месечни лимити на дебитни и кредитни картички, бесплатни известувања за приливи и одливи од трансакциски сметки и картички, наоѓање најблизок банкомат или експозитура и патека до истите, информации за девизни курсеви, кредитен, штеден калкулатор и калкулатор за купопродажба на девизи, информации и новини за производите и услугите за физички лица. 
  • мБанкаКо - увид во состојбата, промените и изводот на сметките (денарска и девизна трансакциска сметка), пренос на средства од денарската трансакциска сметка кон други сметки во платниот промет во земјата со ПП30, ПП50 и ПП53 (внесување, потпишување и испраќање на реализација електронски налог за плаќање), продажба на девизи од девизна трансакциска сметка, откуп на девизи за денари, преглед, потпишување девизен налог за плаќање и негово испраќање на реализација, пристап до информации за деловните картички и можност за администрирање на дневни и преиодични лимити на деловните картички, прием на нотификации за прилив/одлив од денарската трансакциска сметка, деловни картички и девизните сметки, со можност за поставување минимални износи за добивање нотификации.
  • KomPay - бесконтактно плаќање на продажни места со помош на дигитализирани платежни картички (мобилен телефон) без употреба на физичката банкарска картичка.

 

Секако, за сите Ваши потреби може да ги контактирате вработените на Комерцијална банка АД Скопје на телефоните кои се објавени на веб-страницата www.kb.com.mk. Сите потребни информации за производите и за услугите на Банката се достапни на веб страницата www.kb.com.mk, профилите на Банката на социјалните мрежи и на контакт-центарот (02) 3296 800.

 

Во насока на заемна заштита, апелираме да не ги посетувате експозитурите и филијалите на Банката доколку немате неодложна потреба за тоа. Ви благодариме на разбирањето и Вашата внимателност.

 

Ваша, Комерцијална банка АД Скопје




11.03.2020 – Известување за клиентите во врска со Ковид-19


Почитувани клиенти,

 

Ве информираме дека, согласно препораките и одлуките на Владата на Република Северна Македонија поврзани со појавата на Ковид-19 (корона вирус), Комерцијална банка АД Скопје воведе мерки за превенција и заштита на вработените и на клиентите на Банката.

 

Ве советуваме да го намалите интензитетот на посети на експозитурите, филијалите и на централата на Банката. За сите Ваши потреби може да ги контактирате вработените на Банката на телефоните кои се објавени на веб-страницата www.kb.com.mk.

 

Сите услуги и производи на Банката се целосно достапни за клиентите. Апелираме Вашите финансиски потреби што е можно повеќе да ги вршите преку широката мрежа на банкомати, а 24 часа во денот на располагање Ви стојат и каналите за електронско банкарство: Интернет банка, мБанка, мБанкаКо, KomPay, веб-страницата www.kb.com.mk. Достапни Ви се и профилите на Банката на социјалните мрежи, како и контакт-центарот на (02) 3296 800.

 

Комерцијална банка и натаму ќе одржува највисоко ниво на хигиена и на дезинфекција во своите простории и на банкоматите, но сепак апелираме клиентите да бидат внимателни и да негуваат највисоко ниво на лична хигиена.

 

Согласно насоките од надлежните органи, препорачано е да се избегнува директен и близок контакт (препорачана оддалеченост од најмалку еден метар помеѓу луѓето), ракување, гушкање и долго седење во затворени простории. Препорачуваме да ги користите средствата за дезинфекција, поставени на шалтерите и во деловните простории на Банката, со цел да се одржува максимална хигиена на рацете.

 

Работното време на експозитурите и на филијалите е објавено на веб-страницата на Банката и може да го погледнете на следниот линк. Информациите постојано ќе се ажурираат и доколку има промени во работното време или времено затворање на некои експозитури и филијали, Банката навремено ќе ја извести јавноста. Следете ги веб-сајтот и Facebook страницата на Комерцијална банка за редовно информирање.  

 

Комерцијална банка АД Скопје Ви стои на располагање за сите Ваши прашања и потреби. Ви благодариме на разбирањето и Вашата внимателност.




10.03.2020 – Променето работното време на сефовите во Комерцијална банка


Комерцијална банка АД Скопје ги известува своите клиенти дека од среда, 11.03.2020 година, воведува ново работно време на сефовите во Скопје, кои ќе работат со клиенти од 09:00 до 14:00 часот, секој работен ден од понеделник до петок.
Новото работно време е од привремен карактер.






А Р Х И В А