Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

СПОНЗОРСТВА И ДОНАЦИИ


Мисија


Да бидеме високопрофитабилна институција, призната како водечка независна, приватна македонска банка која нуди универзален асортиман на услуги и ужива силна меѓународна репутација, професионално поддржана од силно пазарно ориентиран, добро обучен менаџмент и кадар со највисок степен на стручност и интегритет.



2019


Комерцијална банка – Ексклузивен спонзор на концертот на Стинг

Комерцијална банка АД Скопје со задоволство ја објавува својата поддршка на еден извонреден настан кој ни претстои - концертот на Стинг, кој ќе се одржи на 2.06.2019 година во Арената Филип II, во рамки на европската турнеја „Моите песни“ (My songs)

 

Стинг, еден од најголемите рок-ѕвезди на светот на сите времиња, ќе понуди едно несекојдневно и динамично шоу, фокусирајќи се на неговите најдобри песни од ерата на The Police и од соло-кариерата.

 

Специјалниот гостин на концерот Влатко Стефановски вели дека Стинг отсекогаш му претставувал инспирација, и со неговото ново трио со едночасовен настап, ќе се обиде да ја подготви публиката за концертот на британската мега ѕвезда.

Преку ексклузивно спонзорство на овој несекојдневен и по многу нешта единствен концерт, Комерцијална банка АД Скопје продолжува со поддршка на културата и на уникатните вредности и уште еднаш има чест да придонесе кон подигнување на нивото на културното живеење во нашето општество.


Комерцијална банка АД Скопје, Генерален покровител на концертот на Златко Ориѓански и Бени Шакири


Комерцијална банка АД Скопје е Генерален покровител на концертот на Златко Ориѓански и Бени Шакири, кој ќе се одржи на 20 април во Македонската Филхармонија.

 

На концертот, насловен „Златко Ориѓански@Бени Шакири со пријателите“, ќе биде изведувана музика од албумите „Добро утро госпоѓо“ и „Македонско девојче“.

 

Следејќи ја својата определба за општествена одговорност, Комерцијална банка и овој пат со задоволство застана во поддршка на вистинските уметнички вредности кои го збогатуваат културниот живот во земјава.

 


Комерцијална банка втора година по ред Генерален покровител на наградата „Роман на годината“


Комерцијална банка АД Скопје е Генерален покровител на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, која вчера ја прими писателката Николина Андова-Шопова за нејзиното дело „Некој бил тука“, во издание на „Темплум“.

Наградата во Културно информативниот центар (КИЦ) ја додели Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“. Ова престижно признание 18 години го доделуваше „Утрински весник“, а по згаснувањето на весникот во 2017 година, изминативе две години го доделува Фондацијата.

За наградата одлучуваше жири комисијата во состав: Фросина Пармаковска (претседател и минатогодишен лауреат), Богомил Ѓузел, поетот и академик, писателите Елизабета Баковска и Александар Прокопиев и новинарката Катерина Богоева, претставничка на Фондацијата.

„„Некој бил тука“ е роман што се чита брзо и лесно, но истовремено е и приказна што не е ниту површна, ниту плитка. Тој е исклучително зрел и убедлив, тежок и емотивно напорен текст за читателот. Се работи за една долготрајна и мачна себеотуѓеност, која низ необична и нималку наивна игра, со и во просторот, резултира во едно неопходно и неизбежно себесретнување“, стои во одлуката на жирито.


Комерцијална банка - Генерален спонзор на Струмичкиот карневал

 

Повеќе од една деценија Комерцијална банка АД Скопје е Генерален спонзор на манифестацијата „Струмички карневал“ која  традиционално се одржува во рамки на „Тримерските празнувања“ (празникот на армасаните девојки).

Струмичкиот карневал од страна на списанието Arabian travel е прогласен за еден од 20-те врвни улични карневали во светот, а нашето Министерство за економија го прогласи за најдобра туристичка манифестација. 

Секоја година манифестацијата „Струмички карневал“ привлекува над триесет илјади посетители од земјава и од странство.   

Главната карневалска вечер ќе се одржи на 9 март 2019 година и во неа ќе  учествуваат над 2.500 маскирани лица во поворка.


Банката спонзор на проектот на Здружението „Мандра“


Комерцијална банка АД Скопје четврта година по ред беше спонзор на десеттиот турнир во мал фудбал кој се одржува по повод роденденот на поп-звездата Тоше Проески, а во организација на Здружението на Власи стопанственици од Македонија „Мандра“ од Скопје.

На оваа манифестација, која се одржа на 18, 19 и 20 јануари 2019 година во спортската сала „Форца“ во Скопје, имаше предвидено и простор за културно-уметничка програма на која земаа учество еминентни пејачи од сите националности.


Комерцијална банка АД Скопје - спонзор на магазинот „Премин“


Комерцијална банка АД Скопје неколку години по ред е спонзор на магазинот „Премин“. Магазинот „Премин“ со своите содржини гради врска меѓу духовното и реалното и ја афирмира македонската културна, историска и црковна мисла. Изборот на текстовите и пораките на овој магазин ја содржи димензијата на православието вон границите на националното и културното и е придружник на секој што се стреми кон лична преобразба.

Продолжена соработката со Црвениот крст на Македонија


Комерцијална банка АД Скопје девет години во континуитет има плодна соработка со Црвениот крст на Република Македонија како Генерален покровител на проектот „Подобра социјализација на децата и младите со посебни потреби“.

Основен мотив за вклучувањето во овој проект е да им овозможиме на децата и младинците со посебни потреби да го развијат здравиот дух и креативниот капацитет, дополнително да се едуцираат и целосно да се интегрираат во нашето општество.

Продолжувањето на соработката со Црвениот крст и поддршката на овој проект ги потврдува нашите напори за долгорочен и систематски пристап кон подобрувањето на благосостојбата на ранливите групи во заедницата и е во согласност со стратегиските заложби на Банката на полето на општествената одговорност.




А Р Х И В А