Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

СПОНЗОРСТВА И ДОНАЦИИ


Мисија


Да бидеме високопрофитабилна институција, призната како водечка независна, приватна македонска банка која нуди универзален асортиман на услуги и ужива силна меѓународна репутација, професионално поддржана од силно пазарно ориентиран, добро обучен менаџмент и кадар со највисок степен на стручност и интегритет.



2019


Поддршка од Комерцијална банка за детскиот театар „Бабец“ од Битола


Комерцијална банка АД Скопје, како општествено одговорна компанија која го следи развојот на младите, деветта година по ред ги поддржува активностите на Детскиот театар „Бабец“ од Битола.

Основна цел на постоењето на „Бабец“ е да ги запознае децата со театарот и со културата воопшто, а со тоа да придонесе кон изградба на едуцирана публика која ќе претставува стожер на новиот модерен македонски театар. Следејќи ги овие определби, оваа институција и годинава ќе настојува преку театар, песна, балет и социјализација, да ги оттргне децата од улицата и да ги запознае со убавините на културата.

Бројните театарски проекти на „Бабец“ продолжуваат да нижат успеси, како на домашната така и на меѓународната детска театарска сцена, а Комерцијална банка АД Скопје е особено горда што и понатаму ќе биде дел од оваа успешна приказна.

Оваа година деветтото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино 2019“ ќе се одржи во периодот од 6 до 8 октомври 2019 година.


Комерцијална банка – ексклузивен спонзор на концертот на Eros Ramazzotti

 

После концертот на Sting, Комерцијална банка АД Скопје со задоволство ја објавува својата поддршка на уште еден извонреден музички настан кој ни претстои - концертот на Eros Ramazzotti, кој во рамките на светската турнеја го промовира најновиот студиски албум со наслов „Vita ce n`e’“.

Концертот ќе се одржи во Скопје, во ВИП Арената, на 30 септември 2019 година.

Комерцијална банка АД Скопје преку ексклузивно спонзорство на овој по многу нешта единствен концерт, продолжува со поддршка на уметноста и на културата и уште еднаш има чест да придонесе за подигнување на нивото на културното живеење во земјава

 

Банката спонзор на Фестивалот „Песната нe поврзува 2019“

 

Втора година по ред, Комерцијална банка ја има честа да биде спонзор на Меѓународниот фестивал на влашки песни и ора насловен „Песната нè поврзува – 2019“, кој ќе се одржи на 28 септември во Домот на Армијата во Скопје.

На овој Фестивал, како и минатата година, ќе учествуваат еминентни соло-пејачи Власи од нашата земја, потоа пејачки групи и соло-пејачи од Република Албанија, Република Романија, Република Бугарија и Република Србија.

Преку овој фестивал успешно се презентира старата, древна и навистина многу богата влашка култура, а пораката која ја носи е дека орото и песната насекаде во светот се исти и ги сплотуваат сите народи и народности.


Комерцијална банка - Генерален покровител на Фестивалот „One Love Tour 2019“


Комерцијална банка АД Скопје и оваа година ја има честа да биде генерален покровител на третото издание на фестивалот насловен „Една љубов“ преку границите на Македонија и на Бугарија.

„One Love Tour 2019“ гостува во Скопје на 27 септември, на Плоштадот Мајка Тереза пред платото на МОБ, и го носи најдоброто од двете држави за сите генерации! Во културно-уметничката програма учество ќе земат Slatkaristika, Графа-Владимир Ампов, Nokaut Unplugged, Krisko, Libero Band и други. Фестивалот ќе започне во 18:00 часот, а влезот е слободен.

И овој пат Комерцијална банка со задоволство ги поддржа вистинските уметнички вредности кои го збогатуваат културниот живот во земјава.


Комерцијална банка спонзор на Интернационалниот фестивал за поп-музика „Еврофест 2019“


Комерцијална банка АД Скопје е спонзор и на 23-от интернационален фестивал на забавни мелодии „Еврофест 2019“ - добитник на високото признание WAFA – Светска организација на фестивали.

Овој фестивал ќе се одржи на две локации – како дисперзиран проект во родното Крушево на Тоше Проески, каде пејачите од 12 земји ќе положат цвеќе на гробот на Тоше, а вечерта ќе пеат во негова чест. Истата програма ќе биде изведена следниот ден на 21 септември во Домот на АРМ во Скопје.

Со поддржување на овој фестивал Банката уште еднаш придонесува достоинствено да се чествува овој великан, нашата национална гордост, во чија чест ќе пеат победниците – лауреати на европските фестивали заедно со пејачи од земјава.

 


Комерцијална банка по деветти пат спонзор на Пензионерските спортски натпревари


Комерцијална банка АД Скопје како општествено одговорна компанија и оваа година придонесе за поквалитетен живот на пензионерите. Банката деветта година по ред е спонзор на Пензионерските спортски натпревари, кои ќе се одржат на 22 септември во Радовиш.

На 24-те пензионерски спортски натпревари ќе земат учество членови на сите пензионерски здруженија во Република Северна Македонија. На оваа масовна спортска манифестација учесниците се од сите возрасти, социјални и етнички средини во земјата, а основна цел на Игрите е поттикнување натпреварувачки дух и позитивна животна енергија, социјализација и вклучување на старите лица во општествениот живот.


Спонзор на Фестивалот „Браќа Манаки“

 

Банката е спонзор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој се одржува во Битола. Фестивалот оваа година се одржува од 14 до 21 септември по 40-ти, јубилеен пат.

 

Со својот интернационален карактер и атрибути на гала-настан кој ја привлекува уметничката, академската и политичката елита од нашата земја и од регионот, „Браќа Манаки“ претставува редок општествен настан кој привлекува големо внимание кај домашната јавност. Годинава се подготвува извонредна програма со над 120 поканети гости од странство.

 

Јубилејното 40–то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ на 14 септември ќе го отвори новиот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“.

 

Браќа Манаки

Спонзор на Фестивалот „За Петровден сите на планина“

 

И оваа година традиционално, Банката е спонзор на дванаесеттиот по ред интернационален етно фестивал на изворни влашки песни насловен „За Петровден сите на планина” кој ќе се одржи на планината Пониква, над Кочани на Петровден.

 


Спонзор на Фестивалот „Македонско културно лето 2019“

 

Банката и оваа година е спонзор на 12-то издание на Фестивалот „Македонско културно лето 2019“ на кој ќе се претстави дел од културата на Република Македонија кај Македонците и албанските граѓани во Албанија. Овој Фестивал служи како пример за развојот и за негувањето на културата, јазикот и традицијата кај тамошниот македонски народ


Комерцијална банка Спонзор на „Малиот битолски Монмартр 2019“

 

Банката и оваа година традиционално ќе ги поддржи младите со спонзорирање на 38-миот по ред детски ликовен фестивал „Мал битолски Монмартр 2019“, кој и оваа година ќе се одржи во Битола во периодот од 23 до 30 мај 2019 година.

На овој Фестивал учениците ќе творат на традиционалната тема „Старата македонска архитектура“ во Битола и на  ликовните каравани во Охрид и во Крушево.

Детскиот ликовен фестивал „Мал битолски Монмартр“ претставува светска културно-образовна манифестација која го развива детското ликовно творештво преку учество на млади ликовни таленти од сите меридијани и дава непроценлив придонес за афирмација на Република Македонија.


Комерцијална банка Спонзор на Фестивалот „Прозорец кон италијанската кинематографија“

 

Комерцијална банка АД Скопје е спонзор на Италијанскиот филмски фестивал насловен како „Прозорец кон италијанската кинематографија“, кој ќе се одржи во периодот од 17 до 23 мај во Кинотеката на Македонија.

Фестивалот ќе започне со комедијата „Секој проклет Божиќ“ на режисерот Лука Вендрусколо, а на 23 мај  ќе биде затворен со „Исцелител“, филм од жанрот  комедија на режисерот Ѓорче Ставрески.


Комерцијална банка спонзор на Камерниот оркестар „Скопски солисти“

 

Комерцијална банка АД Скопје е спонзор на гала-концертот на Камерниот оркестар „Скопски солисти“ насловен како „Од класика до евергрин“, а како солист ќе настапи познатата солистка Наде Талевска – сопран и Горан Наумовски – естраден уметник, кои како тандем настапуваат во изведба на дела од познати класични дела, а под диригентска палка на маестро Иван Еминовиќ, а ќе бидат изведени дела од Пахелбел – Канон, Качини – Аве Марија, Моцарт – Мала ноќна музика, Верди – Арија на Џилда, Бизе – Кармен-Хабанера, Брам – Унгарски танц бр.5, како и композициите од познатите светски групи Queen, Beatles, Leonard Cohen, Michael Jackson, Lou Reed, Chaplin, Franck I Nancy Sinatra итн.


Покровител на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“

 

Банката оваа година е Покровител на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ која се одржува од 1 до 10 август.

Традиционалното одбележување на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ е од национален интерес во културата, заедничкото живеење и негување на националните и на културните цивилизациски дострели.

Во рамките на овогодинешното издание се очекува настап на звучни имиња од повеќе жанрови кои се препознатливи и надвор од границите на нашата Држава.


Спонзор на „Илинденски марш 1978“

 

Комерцијална банка АД Скопје е спонзор на Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978“ Скопје кое, во соработка со манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, по  дваесетипрви пат ќе го организира познатиот традиционален Илинденски коњанички марш од Скопје до славното Крушево.


Спонзор на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“

 

Со цел да се промовира културата во руралните средини, а наедно и да се промовира културата надвор од македонските граници, се организира меѓународната манифестација насловена „Поетска ноќ во Велестово“ која оваа година ќе се одржи по 31-ви пат во Домот на културата во с. Велестово и ќе биде посветенa на творештвото на филозофот и поетот Иван Џепаровски.


Спонзор на Здружението „Вичо“

 

Банката и оваа година е спонзор на активностите на Здружението „Вичо“, кое е организатор на традиционалната манифестација чија основна цел е афирмација, заштита и борба за потврдување на самобитноста на македонскиот народ и неговиот социо-културен идентитет. Оваа средба традиционално ќе се одржи по 39-ти пат на 2.8.2019 година во дворот на црквата Св.Богородица, с.Трново – Битола


Комерцијална банка спонзор на манифестацијата „Галичка свадба“


Комерцијална банка АД Скопје и оваа година е спонзор на манифестацијата „Галичка свадба“, која традиционално се одржува околу верскиот празник Петровден. Годинава, во периодот од 12 до 14 јули, посетителите ќе можат одблиску да ги запознаат живописноста на Галичник и волшепството на изворното македонско културно наследство, чиј дел е и манифестацијата „Галичка свадба“.

Свекрвино оро, носење на невестата на вода, поставување на свадбениот бајрак, бричење на зетот, замесување леб ... се народни обичаи кои се дел од галичката традиција, обичаи кои се во неделива хармонија со раскошните носии и неповторливиот галички амбиент.

Сето ова придонесува манифестацијата да се доживува во својата единственост и неповторливост. Тоа налага нејзино континуирано негување и презентирање, како нешто драгоцено и свето, што исконски го изразува нашето паметење и постоење.


Комерцијална банка – Ексклузивен спонзор на концертот на Стинг

Комерцијална банка АД Скопје со задоволство ја објавува својата поддршка на еден извонреден настан кој ни претстои - концертот на Стинг, кој ќе се одржи на 2.06.2019 година во Арената Филип II, во рамки на европската турнеја „Моите песни“ (My songs)

 

Стинг, еден од најголемите рок-ѕвезди на светот на сите времиња, ќе понуди едно несекојдневно и динамично шоу, фокусирајќи се на неговите најдобри песни од ерата на The Police и од соло-кариерата.

 

Специјалниот гостин на концерот Влатко Стефановски вели дека Стинг отсекогаш му претставувал инспирација, и со неговото ново трио со едночасовен настап, ќе се обиде да ја подготви публиката за концертот на британската мега ѕвезда.

Преку ексклузивно спонзорство на овој несекојдневен и по многу нешта единствен концерт, Комерцијална банка АД Скопје продолжува со поддршка на културата и на уникатните вредности и уште еднаш има чест да придонесе кон подигнување на нивото на културното живеење во нашето општество.


Комерцијална банка АД Скопје, Генерален покровител на концертот на Златко Ориѓански и Бени Шакири


Комерцијална банка АД Скопје е Генерален покровител на концертот на Златко Ориѓански и Бени Шакири, кој ќе се одржи на 20 април во Македонската Филхармонија.

 

На концертот, насловен „Златко Ориѓански@Бени Шакири со пријателите“, ќе биде изведувана музика од албумите „Добро утро госпоѓо“ и „Македонско девојче“.

 

Следејќи ја својата определба за општествена одговорност, Комерцијална банка и овој пат со задоволство застана во поддршка на вистинските уметнички вредности кои го збогатуваат културниот живот во земјава.

 


Комерцијална банка втора година по ред Генерален покровител на наградата „Роман на годината“


Комерцијална банка АД Скопје е Генерален покровител на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, која вчера ја прими писателката Николина Андова-Шопова за нејзиното дело „Некој бил тука“, во издание на „Темплум“.

Наградата во Културно информативниот центар (КИЦ) ја додели Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“. Ова престижно признание 18 години го доделуваше „Утрински весник“, а по згаснувањето на весникот во 2017 година, изминативе две години го доделува Фондацијата.

За наградата одлучуваше жири комисијата во состав: Фросина Пармаковска (претседател и минатогодишен лауреат), Богомил Ѓузел, поетот и академик, писателите Елизабета Баковска и Александар Прокопиев и новинарката Катерина Богоева, претставничка на Фондацијата.

„„Некој бил тука“ е роман што се чита брзо и лесно, но истовремено е и приказна што не е ниту површна, ниту плитка. Тој е исклучително зрел и убедлив, тежок и емотивно напорен текст за читателот. Се работи за една долготрајна и мачна себеотуѓеност, која низ необична и нималку наивна игра, со и во просторот, резултира во едно неопходно и неизбежно себесретнување“, стои во одлуката на жирито.


Комерцијална банка - Генерален спонзор на Струмичкиот карневал

 

Повеќе од една деценија Комерцијална банка АД Скопје е Генерален спонзор на манифестацијата „Струмички карневал“ која  традиционално се одржува во рамки на „Тримерските празнувања“ (празникот на армасаните девојки).

Струмичкиот карневал од страна на списанието Arabian travel е прогласен за еден од 20-те врвни улични карневали во светот, а нашето Министерство за економија го прогласи за најдобра туристичка манифестација. 

Секоја година манифестацијата „Струмички карневал“ привлекува над триесет илјади посетители од земјава и од странство.   

Главната карневалска вечер ќе се одржи на 9 март 2019 година и во неа ќе  учествуваат над 2.500 маскирани лица во поворка.


Банката спонзор на проектот на Здружението „Мандра“


Комерцијална банка АД Скопје четврта година по ред беше спонзор на десеттиот турнир во мал фудбал кој се одржува по повод роденденот на поп-звездата Тоше Проески, а во организација на Здружението на Власи стопанственици од Македонија „Мандра“ од Скопје.

На оваа манифестација, која се одржа на 18, 19 и 20 јануари 2019 година во спортската сала „Форца“ во Скопје, имаше предвидено и простор за културно-уметничка програма на која земаа учество еминентни пејачи од сите националности.


Комерцијална банка АД Скопје - спонзор на магазинот „Премин“


Комерцијална банка АД Скопје неколку години по ред е спонзор на магазинот „Премин“. Магазинот „Премин“ со своите содржини гради врска меѓу духовното и реалното и ја афирмира македонската културна, историска и црковна мисла. Изборот на текстовите и пораките на овој магазин ја содржи димензијата на православието вон границите на националното и културното и е придружник на секој што се стреми кон лична преобразба.

Продолжена соработката со Црвениот крст на Македонија


Комерцијална банка АД Скопје девет години во континуитет има плодна соработка со Црвениот крст на Република Македонија како Генерален покровител на проектот „Подобра социјализација на децата и младите со посебни потреби“.

Основен мотив за вклучувањето во овој проект е да им овозможиме на децата и младинците со посебни потреби да го развијат здравиот дух и креативниот капацитет, дополнително да се едуцираат и целосно да се интегрираат во нашето општество.

Продолжувањето на соработката со Црвениот крст и поддршката на овој проект ги потврдува нашите напори за долгорочен и систематски пристап кон подобрувањето на благосостојбата на ранливите групи во заедницата и е во согласност со стратегиските заложби на Банката на полето на општествената одговорност.




А Р Х И В А