Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



20.11.2019 – Global Finance ја прогласи Комерцијална банка за „Најдобар FX Провајдер во Северна Македонија за 2020 година“


Комерцијална банка АД Скопје е прогласена за „Најдобар FX Провајдер во Северна Македонија за 2020 година“ (најдобар давател на услуги од областа на девизните пазари во земјава) од страна на светскиот магазин Global Finance, со седиште во Њујорк, САД.

 

Ова е деветто по ред признание за најуспешно работење на Комерцијална банка АД Скопје во доменот на тргување со финансиски инструменти во Северна Македонија, доделено од Global Finance.

 

Изборот за најдобар FX Провајдер на финансиските пазари во земјава е направен врз основа на неколку критериуми, кои вклучуваат: големина на трансакции, пазарно учество, обем на глобална покриеност, ниво на услуга кон клиентите, конкурентни цени и користење иновативни технологии. Наградата е уште една потврда за високиот квалитет на услуги кои Комерцијална банка ги нуди и за богатата понуда на финансиски инструменти, како и за конкурентноста и лидерската позиција на Банката во областа на тргувањето на домашните и на глобалните финансиски пазари.



14.11.2019 - Комерцијална банка по 14-ти пат спонзор на Фестивалот „Златно славејче 2019“


Комерцијална банка АД Скопје по 14-ти пат е спонзор на детскиот фестивал „Златно славејче“, кој годинава ќе се одржи по 49-ти пат. Од 22 до 24 ноември златните славејчиња повторно ќе застанат на сцената, во салата на Македонската филхармонија, и ќе ги отпеат своите хитови.

За таа цел се подготвени нови, досега необјавени детски композиции со придружна кореографија, кои децата и останатата верна публика ќе може да ги слушне во фестивалските денови.




06.11.2019 – Повторно лажна страница на Facebook со име “Komercijalna Banka AD Skopje”


Повторно се појави лажна страница на Facebook со име “Komercijalna Banka AD Skopje” која, како и претходно, објави лажна наградна игра со цел да наведе што повеќе лица на крајот да ги споделат своите лични податоци. Страницата е веднаш пријавена во Facebook.

 

Ве известуваме дека Комерцијална банка АД Скопје нема никаква врска со оваа активност и во моментов не организира никаква наградна игра преку Facebook и повторно ве советуваме да бидете исклучително внимателни кога ги споделувате вашите лични податоци додека сте на Интернет.

 

Банката ќе го пријави случајот во надлежните институции согласно позитивните законски прописи.
 
lazen facebook



04.11.2019 – Успешен настап на Комерцијална банка на спортските игри по повод Денот на штедењето


Вработените од Комерцијална банка АД Скопје имаа успешен настап на спортските игри одржани по повод Светскиот ден на штедењето. На турнирот, организиран од страна на Синдикатот на финансиски организации на Македонија (СФОМ) на 02.11.2019 година, Комерцијална банка освои прво место во одбојка (мешана екипа) и во пинг-понг (жени).

 

Во дисциплината куглање, претставниците на Комерцијална банка освоија второ место и во машка и во женска конкуренција. Екипата во мал фудбал, по поразот во полуфиналето, на крај се пласираше на четвртото место.

 

На турнирот учествуваа вработени од 13 финансиски институции во земјава. Eкипите се натпреваруваа во дисциплините: мал фудбал, одбојка мешани екипи, баскет мажи, куглање жени и мажи, пинг-понг жени и пикадо жени. Банката имаше натпреварувачки екипи во сите категории.
 
ДенНаШтедење



31.10.2019 – „Финансиска училница“ го одбележа Светскиот ден на штедењето на прославата на МБА


По повод Светскиот ден на штедењето – 31 Октомври, „Финансиската училница“ на Комерцијална банка АД Скопје беше презентирана на прославата организирана од Македонската банкарска асоцијација и од Фондот за осигурување на депозити. Манифестацијата се одржа во хотелот Холидеј Ин, а покрај свечениот момент, беше збогатена и со едукативен дел во кој учествуваа над 100 деца (ученици и студенти).
 

Тие беа запознати и со Европскиот квиз на парите, на кој годинава огромен успех забележаа двајца средношколци од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес освојувајќи го второто место во конкуренција на 28 држави. На учениците и студентите им беше порачано дека штедењето е добра навика, која им обезбедува побезгрижна иднина.

Претседателката на МБА и член на Управниот добор на Комерцијална банка АД Скопје, Маја Стевкова Штериева, на младите им порача дека треба да ја искористат секоја можност за да стекнат ново знаење, а на претставниците од банките да ја задржат младината во земјава.

На штандот на Комерцијална банка децата се запознаа со „Финансиската училница“, проект кој е дел од стратегијата на Банката за општествена одговорност, а кој има за цел да ја подигне финансиската писменост и свеста кај младите дека светот на личните финансии носи многу предизвици, но бара и голема одговорност и знаење. Децата беа информирани и за другите финансиски услуги што ги нуди Банката, како што се KomPaу апликацијата, Mastercard Wizz Air картичката, бесконтактното плаќање...

Традиционално, на одбележувањето на Светскиот ден на штедењето, Македонската банкарска асоцијација доделува и награди за највредните банкарски работници. Годинава ова признание им беше врачено и на тројца вработени во Комерцијална банка – Елена Аврамоска Мишкова, Бејда Адеми и Маријан Шамоски.
 
Ден на штедење
 
Ден на штедење
 
Ден на штедење



25.10.2019 - И оваа година „Верверичка“ ве наградува


 

Децата, како најголема вредност за семејството и за општеството, постојано се во фокусот на вниманието на Комерцијална банка АД Скопје. А  на 31 октомври Комерцијална традиционално, како општествено одговорна компанија, ќе донира средства на новородени деца.

 

По повод Светскиот ден на штедењето, Банката ќе им отвори штедни книшки – Детско штедење „Верверичка“ со износ од 5.000,00 денари и ќе им подари штедни касички на сите деца кои ќе се родат на 31 октомври од 00:00 до 24:00 часот во Скопје и во други градови во Републиката во кои Банката има свои филијали и/или експозитури.

 

За да ги добијат донираните средства, законските застапници на децата родени на  31.10.2019 треба да ги достават потребните документи во Комерцијална банка најдоцна до 31.12.2019 година. Пред да ги достават документите на шалтерите на Банката во Скопје и во други градови, треба да извршат регистрација на нивните деца како даночни обврзници во најблиската регионална дирекција на УЈП, согласно процедурите пропишани од УЈП. Во спротивно Банката нема да биде технички во можност да изврши исплата на средствата.







А Р Х И В А