Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



12.06.2019 - Д-р Маја Стевкова Штериева e нов претседател на Македонската банкарска асоцијација


Главниот финансиски директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, д-р Маја Стевкова Штериева е избрана за претседател на Македонската банкарска асоцијација. Штериева доаѓа на местото на Коста Митровски, кому, според статутот на Македонската банкарска асоцијација, поради престанок на неговата функција како член на управен одбор на банка, му заврши мандатот.

 

„Благодарам на довербата што ми ја укажавте да ја предводам оваа значајна асоцијација. Македонската банкарска асоцијација е важен чинител во банкарскиот сектор во државата и, иако дејствува како самостоен субјект релативно кратко време, во изминатиот период реализираше повеќе значајни активности. Во наредниот период ќе продолжиме со активностите и програмите кои МБА досега ги практикуваше, но ќе се обидеме да воведеме и некои нови програми и проекти кои ќе придонесат за зајакнување на банкарскиот сектор, негово унапредување и доближување кон сите засегнати страни. Впрочем, тоа е и една од основните улоги на МБА“, истакна Штериева по назначувањето на новата функција.

Д-р Маја Стевкова Штериева кариерата ја почнува во Комерцијална банка во 1993 година и до 2002 година работи во различни сегменти, почнувајќи од Секторот за односи со странство, Дирекцијата за средства и ликвидност и Службата за работа со хартии од вредност, што ѝ овозможува заокружување на искуството во банкарското работење. Во 2002 година е назначена за директор на Дирекцијата за управување со ризици, а во 2005 година за директор на Секторот за управување со ризици и планирање. Од 2008 година ја извршува функцијата Главен финансов директор и член на Управниот одбор. Образованието го има оформено на Економскиот фактултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, каде во 2012 година станува доктор на науки, со докторат на тема „Оперативен ризик и корпоративно управување во финансиски институции“. Учесник е на повеќе семинари, форуми, конеференции во земјата и во странство, меѓу кои е и тренинг-програмата за управување со ризици организирана од универзитетите Georgetown University Washington и UW, Wisconsin, USA. Член е на Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија. Д-р Штериева е и предавач на Економскиот факултет при Американ Колеџ Скопје, како и на Програмата за управување со ризици и на Програмата за управување со кредитен ризик на Академијата за банкарство и информатичка технологија.
 

Маја Штериева






27.07.2019 - Интернет банка и мБанка на Комерцијална банка целосно во функција


Почитувани клиенти,
 

Ве известуваме дека сервисите Интернет банка и мБанка на Комерцијална банка АД Скопје се целосно функционални. Од понеделник, шалтерите во експозитурите и филијалите на Банката ќе работат со редовно работно време и ќе ги извршуваат сите активности.

Како што веќе информиравме, од петокот (26.07.2019 г.) се извршуваат трансакциите со картичките на Банката во трговија и на банкомати.

Ви благодариме на разбирањето и, наедно, се извинуваме за настанатите непријатности.
 
Ваша Комерцијална банка АД Скопје


27.07.2019 - Овозможен преглед на сметките преку Интернет банка и редовно работат експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје


Почитувани клиенти,
 
Ве известуваме дека експозитурите и филијалите на Комерцијална банка АД Скопје работат со своето редовно време и ги извршуваат сите редовни активности. Исто така, овозможен е преглед на состојбите на сите Ваши сметки во Банката преку Интернет банката за правни и за физички лица.

За активирање на сите останати функционалности на Интернет банката, како и мБанка за физички и правни лица, дополнително ќе информираме.

Ви благодариме на разбирањето.


26.07.2019 – Комерцијална банка АД Скопје го надминува техничкиот проблем – дел од сервисите во функција


Почитувани клиенти,

 

Ве известуваме дека заради технички проблем не беа достапни сервисите на Комерцијална банка АД Скопје. Од утрово дел од сервисите веќе се активирани, така што со картичките издадени од Банката може да вршите трансакции на сите банкомати на Банката и во трговија во земјата и во странство. Преку мрежата на филијали и експозитури на Банката може да се вршат готовински и безготовински трансакции во интерен платен промет за правни и физички лица. Најголем дел од налозите, пак, примени преку мрежата на филијали и експозитури за плаќање во денарскиот платен промет за правни и физички лица кон други банки (преку КИБС и МИПС ) се реализираат. 


Активностите поврзани со функционирањето на останатите сервиси се во тек за што дополнително ќе Ве информираме.

 

Благодариме на Вашето разбирање.


26.07.2019 – Информациите за техничкиот проблем достапни на Facebook страницата на Комерцијална банка АД Скопје


Почитувани клиенти,

Ве предупредуваме дека на социјалните мрежи се пласираат лажни објави во врска со настанатиот технички проблем во Комерцијална банка АД Скопје. Ве молиме, со цел да се избегнат какви било непријатности и недоразбирања, да ги земете предвид само известувањата кои се објавени на Facebook страницата на Комерцијална банка АД Скопје.


23.07.2019 – Оглас за вработување во Филијала Штип


Комерцијална банка објавува Оглас за вработување на 1 (еден) извршител на позиција: Помлад соработник (благајник) за платен промет во земјата и работа со население во Филијала Штип на определено работно време од 12 месеци, со можност за продолжување на Договорот за вработување.

 

Потребни квалификации и способности:

  • Завршен Економски факултет со најмалку 180 кредити според ЕКТС или VII/1 степен,
  • Без работно искуство,
  • Познавање на англискиот јазик и работа со компјутери,
  • Комуникациски и организациски вештини, ориентираност кон клиенти, способност за тимска работа и професионално однесување.

 

Работно време: 40 часа неделно, организирано во две смени во рамки на работното време на Филијалата, од понеделник до петок од 08:00 до 17:00 часот и во сабота од 08:00 до 13:00 часот.

 

Почетна основна нето-плата: 19.200,00 денари.

 

Огласот трае заклучно со 30.07.2019 година. Изборот ќе се изврши во рок од 45 дена по истекот на рокот за пријавување, во зависност од бројот на пријавени кандидати.

 

Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат горенаведените критериуми треба да да пратат кратка биографија (CV), мотивациско писмо и копија од Диплома за завршено високо образование на следната адреса: Сектор за човечки ресурси и општи работи, Комерцијална банка АД Скопје, ул. Орце Николов бр. 3, 1000 Скопје, или на e-mail адреса vrabotuvanje@kb.com.mk со назнака: „Oглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје-Филијала Штип“.

 

Лице за контакт: Меглена Димитрова, тел.: 02 / 3168-412

 

Некомплетната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање, нема да бидат разгледувани. На интервју ќе бидат повикани само апликантите кои ќе влезат во потесен круг.







А Р Х И В А