Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



25.03.2020 – Комерцијална банка ќе доставува известувања за каматни листи за нефинансиски правни лица само електронски


Комерцијална банка АД Скопје ги известува своите клиенти - нефинансиски правни лица кои добиваат известувања за каматни листи по пошта дека овие информации отсега ќе ги добиваат електронски - преку e-mail комуникација.

 

Во насока на ублажување на последиците од епидемијата на КОВИД-19, во ситуација на вонредна состојба, Комерцијална банка настојува својата комуникација со клиентите да ја врши на безбеден начин. Оттука и потребата доставата на сите известувања да се прави електронски.

 

Банката ги информира клиентите - нефинансиски правни лица кои немаат пријавено e-mail за достава на овие известувањата дека известувањата - каматни листи ќе им бидат испратени на e-mail адресите што ги имаат пријавено во Централниот регистар на Република Северна Македонија.

 

Доколку е-mail адресите кои се пријавени во Централниот регистар на Република Северна Македонија се нефункционални или неисправни, ги повикуваме клиентите најдоцна до понеделник, 30.03.2020 година, да достават податок за e-mail на којшто Комерцијална банка ќе им ги доставува известувањата.

 

Ве молиме Вашите податоци да ги доставите со пополнување на следниот образец - линк, на следната e-mail адреса:administriranje.denarski.krediti@kb.com.mk.    






27.03.2020 – Комерцијална банка следната недела ќе објави Јавна понуда за олеснување на обврските по кредити, кредитни картички и дозволени пречекорувања кое ќе се применува во следните 6 месеци


Комерцијална банка АД Скопје на почетокот на следната недела на својата веб-страница www.kb.com.mk ќе објави Јавна понуда за промена на условите за сервисирање на кредитната изложеност од страна на клиентите физички лица, со цел да се олесни финансискиот товар со кој се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на корона-кризата.

 

Оценка на Банката е дека сите физички лица, без оглед на моменталниот статус на вработување, редовен месечен прилив или тип на кредитна изложеност што го користат, директно или индиректно ќе почувствуваат финансиски последици од кризата. За таа цел, подготвуваме пакет мерки за клиенти кои ги исполнуваат критериумите пропишани од страна на НБРСМ и кои пред кризата немале потешкотии за отплата на обврските, а потоа ќе следат мерки и за клиентите кои пред кризата се  соочувале со потешкотии во отплатата, но поради кризата истите се интензивираат.

 

Олеснувањата од Јавната понуда ќе се однесуваат на сите кредитни производи за физички лица: кредити, кредитни картички и искористен дозволен минус на трансакциска сметка, како и кредитни картички за правни лица.

 

Воедно, ги известуваме правните лица кои користат кредитна поддршка во Банката и се соочуваат со проблеми во работењето заради што им е потребна промена на договорните услови на кредитите, да се обратат во Секторот за кредитирање на стопанство, било во електронска форма или телефонски да ги контактираат соработниците за односи со клиенти на телефонските броеви објавени на нашата веб-страница: https://www.kb.com.Default.aspx?sel=3210&lang=1&uc=1#5

Банката ќе го разгледа секое поединечно барање за промена на условите и во комуникација со клиентот ќе понуди најсоодветно решение за олеснување на финансиското оптоварување со цел надминување на кризата.

 

Ве молиме да ја следите веб-страницата на Банката www.kb.com.mk каде ќе ја објавиме Јавна понуда со сите детали.

 

Ваша Комерцијална банка




27.03.2020 – Известување за одложување на Собрание на акционери


Комерцијална банка АД Скопје ги известува своите акционери дека врз основа на Уредба со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија (Сл.весник на РСМ бр.79/2020), одржувањето на Собранието на Банката, закажано за 02.04.2020 година, се одложува за време на траењето на вонредната состојба. Исто така, известуваме дека врз основа на препораките на Комисијата за хартии од вредност на РСМ за учество и гласање на Собранието по пат на писмена кореспонденција, заклучно со 27.03.2020 година, 52,92% од акционерите гласале за предложените одлуки од Дневниот ред на Собранието. По завршување на вонредната состојба Комерцијална банка АД Скопје ќе објави нов датум на одржување односно продолжување на закажаното Годишно собрание.




26.03.2020 – Се утврдува постапката за олеснување на отплатата на кредити и други задолжувања


Поради големиот интерес и прашања од клиентите, Ве информираме дека Комерцијална банка интензивно работи на концептите за репрограмирање на кредитната изложеност на физичките лица и на фирмите кои ги исполнуваат критериумите пропишани од страна на НБРСМ, односно на утврдување на прецизните мерки и начини на комуникација со клиентите со цел да се олесни финансискиот товар со кој се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на корона-кризата.

 

Уредбата на Владата на Република Северна Македонија за олеснување на сервисирањето на кредитите и други задолжувања на граѓаните и фирмите кон банките и штедилниците за време на кризата предизвикана од КОВИД-19 се уште не е објавена во Службен весник, односно се уште не е стапена на сила. Очекуваме тоа да се случи наскоро.

 

Ве молиме да ја следите веб-страницата на Банката www.kb.com.mk каде во најкус можен рок ќе ги објавиме сите детали за ова прашање.

 

Ваша Комерцијална банка




24.03.2020 – Комерцијална банка ќе започне со исплата на пензиите на 28 март


Комерцијална банка АД Скопје на 28 март ќе започне со предвремена исплата на пензиите за март 2020 година. Пензионерите кои пензијата ја примаат во Комерцијална банка и имаат активна дебитна картичка, пензијата за март 2020 година ќе ја добијат на 28 март.

 

За да се избегнат гужви и блиски контакти, АПЕЛИРАМЕ пензионерите кои имаат дебитна картичка или користат Интернет банка своите финансиски потреби да ги вршат преку плаќање со картичка, преку банкоматите и Интернет банката на Комерцијална банка, односно максимално да избегнуваат посета на шалтерите.

 

Со цел да се зачува здравјето на најранливата категорија граѓани, пензионерите кои пензијата за март ќе ја подигнат на шалтерите на Банката, ќе може да ја добијат согласно следниот распоред:

  • клиенти со пензија до 12.000 денари на 28 март (сабота) и 30 март (понеделник)
  • клиенти со пензија од 12.001 до 15.000 денари на 31 март (вторник)
  • клиенти со пензија од 15.001 до 19.500 денари на 1 април (среда)
  • клиенти со пензија над 19.500 денари на 2 април (четврток)

 

Со цел да се минимизира ризикот од ширење на корона вирусот, НАЈСИЛНО АПЕЛИРАМЕ ДА СЕ ПОЧИТУВА ГОРЕНАВЕДЕНИОТ РАСПОРЕД.

 

Во интерес на нивното здравје, им препорачуваме на пензионерите кои немаат дебитна картичка или Интернет банка при првата нивна посета на Комерцијална банка да ги побараат овие услуги/производи со цел да ја намалат потребата од посета на банка.

 

Исто така, за да се избегне доаѓање на шалтерите во следниот период, пензионерите ќе можат преку брза и поедноставена постапка и без надомест да отворат и траен налог за навремено плаќање на нивните сметки за јавните услуги. За да ја добијат оваа услуга доволно ќе биде при нивното доаѓање на шалтер да ги донесат сметките за јавни услуги (струја, парно, вода, телефон).

 

При посетите на шалтерите, Ве замолуваме да ги почитувате правилата за влез и држење растојание, согласно препораките на надлежните здравствени институции. Влезот ќе биде ограничен и соодветен на бројот на шалтерите - благајни, а пропишаното растојание е најмалку 2 метри во редот и помеѓу редовите.  

 

Ваша Комерцијална банка




22.03.2020 – Комерцијална банка АД Скопје ги презема сите мерки за заштита од Covid-19


Комерцијална банка АД Скопје уште од самиот почеток на појавата на корона вирусот Covid-19 во земјава ги презеде сите мерки за заштита на здравјето на вработените и на клиентите и за намалување на потенцијалните ризици во работењето. Во таа насока, распоредени се тимови на различни локации и на работа од дома, а деловните простории на Банката, редовно се дезинфицираат и се опремени со средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици за вработените.
 
Заради утврден случај на вработен во Комерцијална банка АД Скопје, кој е од Скопје и е позитивен на корона вирусот Covid-19, согласно насоките од надлежните институции, Банката денес изврши нова, темелна дезинфекција на сите простории во деловните згради КБ1 и КБ2. Сите потребни и дополнително засилени мерки на заштита и превенција се преземени, со што деловните процеси продолжуваат со редовна работа. Сите услуги на Банката се достапни и функционираат нормално.
 
Сите вработени во Банката кои имале непосреден контакт со вработениот кој е позитивен на Covid-19 ќе бидат во самоизолација во наредните 15 дена, согласно воспоставената комуникација и добиени насоки од надлежните институции во Република Северна Македонија.Тимот на Комерцијална банка му посaкува брзо опоравување на вработениот и со нетрпение го очекува неговото враќање на работа.
 

Сите сме исправени пред актуелните предизвици, а фокусот на Комерцијална банка АД Скопје останува на заштита на здравјето на вработените и на клиентите и на достапност на сите наши услуги и производи во секое време.




20.03.2020 – Известување до акционерите


Почитувани,

 

Во насока на реализирање на препораките на Комисијата за хартии од вредност на РСМ и во интерес на почитување нa мерките за спречување на ширењето на COVID-19, Комерцијална банка АД Скопје ги повикува своите акционери, правото на учество и гласање на Собранието на Банката, закажано за 02.04.2020 година, што е можно поскоро да го оставарат со писмена кореспонденција или со електронско гласање, со цел да се обезбеди успешно одржување на закажаното Собрание без физичко присуство на акционерите. Детални инструкции за ваквиот начин на гласање и учество во работата на Собранието се достапни на веб-страницата на Банката www.kb.com.mk. За дополнителни информации може да поставите прашање по електронски пат на sobranie@kb.com.mk или на следните телефонски броеви: (02)3168222 или (02)3168232.

 

Комерцијална банка АД Скопје




19.03.2020 – Комерцијална банка однапред плати аконтации за данок на добивка за 2020 година во износ од 120 милиони денари


Имајќи го предвид развојот на состојбите и сериозната опасност од ширењето на Ковид-19 (корона вирусот) во нашата земја, Комерцијална банка АД Скопје однапред  изврши плаќање на своите месечни обврски по основ на аконтативно плаќање на данокот на добивка за 2020 година. Со тоа е веднаш исплатен вкупен износ од 120.000.000 денари, наместо вообичаената исплата преку месечни аконтативни износи.

 

Со ваквата одлука, Комерцијална банка АД Скопје настојува да придонесе за поголема ликвидност на државата и нејзиниот буџет, а со тоа и да го зголеми капацитетот на државните органи за обезбедување на сите потребни мерки и активности за заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување континуитет во функционирањето на виталните процеси во општеството.

 

Комерцијална банка со сите свои сервиси останува во служба на клиентите со цел сите финансиски потреби да бидат безбедно и ефикасно опслужени. Апелираме да се почитуваат сите мерки и инструкции од надлежните органи во насока на што побрзо и поефикасно справување со овие предизвици.




17.03.2020 – Известување до акционерите


Почитувани,

 

Во насока на реализирање на препораките на Комисијата за хартии од вредност на РСМ и во интерес на почитување нa мерките за спречување на ширењето на COVID-19, Комерцијална банка АД Скопје ги повикува своите акционери, правото на учество и гласање на Собранието на Банката, закажано за 02.04.2020 година, што е можно поскоро да го оставарат со писмена кореспонденција или со електронско гласање, со цел да се обезбеди успешно одржување на закажаното Собрание без физичко присуство на акционерите. Детални инструкции за ваквиот начин на гласање и учество во работата на Собранието се достапни на веб-страницата на Банката www.kb.com.mk. За дополнителни информации може да поставите прашање по електронски пат на sobranie@kb.com.mk или на следните телефонски броеви: (02)3168222 или (02)3168232.

 

Комерцијална банка АД Скопје




17.03.2020 – Зголемени лимити на мобилната апликација за правни лица - мБанкаКо


Почитувани клиенти,

 

Ве информираме дека почнувајќи од денес Банката изврши зголемување на лимитот по налог и дневниот лимит по сметка по сите Овластени лица, при пренос на средства со налог за безготовинско плаќања ПП30 со Мобилна апликација – мБанкаКо, и тоа:

 

  • лимит по налог од 300.000,00 МКД на 600.000,00 МКД
  • дневен лимит по сметка по сите Овластени лица од 1.000.000,00 МКД на  6.000.000,00 МКД

 

Лимитите се применуваат за Вашата сметка по сите Овластени лица кои за Вашата сметка имаат претплата за потпишување трансакции преку мобилната апликација мБанкаКо. Налогот за безготовинско плаќање ПП50 - кон буџетски корисници и налогот за интегрирана исплата ПП53 не влегуваат во пресметката на дефинираните лимити.

 

Широкиот спектар услуги преку бесплатните веб и мобилни апликации Интернет банка и мБанкаКо се достапни 24 часа на ден преку Вашиот компјутер или мобилен телефон од кое било место на кое имате пристап до Интернет.

 

Ваша Комерцијална банка




17.03.2020 – Известување за корисниците на Debit Mastercard World и Mastercard Platinum картичките издадени од Комерцијална банка АД Скопје


Привремено затворање на ВИП ложите на аеродромот во Виена заради појавата на Ковид-19 (корона вирус).

 

Почитувани корисници на картички Debit Mastercard® World и Mastercard® Platinum издадени од Комерцијална банка,

 

Почнувајќи од 16.03.2020 година, сите ложи на Аеродромот во Виена (JET Lounge, AIR Lounge и SKY Lounges) се затворени привремено заради новодонесените локални закони во Австрија.

Вие како наши клиенти, ќе добиете нови информации за повторно отворање, веднаш штом аеродромот во Виена ќе ги добие информациите од локалната влада.

 

Сите други услуги и производи на Банката се целосно достапни за клиентите. На располагање 24 часа во денот Ви стојат и каналите за електронско банкарство: Интернет банка, мБанка, мБанкаКо, KomPay, веб-страницата www.kb.com.mk. Достапни Ви се и профилите на Банката на социјалните мрежи, како и контакт-центарот на (02) 3296 800.

 

Комерцијална банка и натаму навремено ќе Ве информира за сите новонастанати промени. Ви благодариме на разбирањето.




16.03.2020 – Комерцијална банка со бесплатни налози преку Интернет банка и мБанка


Во периодот од 16.03.2020 до 15.04.2020 сите денарски налози за физички лица пуштени кон резиденти преку Интернет банка и мБанка на Комерцијална банка АД Скопје ќе бидат бесплатни.

 

Мерката се воведува со цел корисниците да бидат насочени кон користење на алтернативните канали и максимално да избегнуваат посета на експозитурите, согласно насоките од Владата за спречување на ширењето на Ковид-19 (корона вирусот).

 

Широкиот спектар услуги преку бесплатните веб и мобилни апликации Интернет банка и мБанка се достапни 24 часа на ден преку вашиот компјутер или мобилен телефон од кое било место на кое имате пристап до Интернет.

 

Интернет банка ви овозможува брзо и ефикасно извршување дигитално потпишани финансиски трансакции; плаќање јавни услуги и вршење други денарски плаќања во земјата; онлајн аплицирање за готовински кредити, увид во состојба на одобрени кредити, поднесување налози за девизни плаќања во странство; купопродажба на девизи (безготовински); пренос на средства на орочен штеден влог и штеден влог по видување и тоа: на веќе отворени девизни штедни книшки на корисникот и на веќе отворени денарски штедни книшки за кои корисникот има овластување за увид; увид во состојбата и дневните промени на Вашите денарски и девизни сметки, штедни влогови, платежни картички и кредитни партии; увид во состoјба и подигање изводи за деловните Mastercard® и Visa картички; подигање изводи за денарски и девизни сметки и платежни картички, како и промена на дневни и месечни  лимити на платежни картички и кориснички лимити на мБанка (дневен, по трансакција и месечен).

 

мБанка овозможува лесен и безбеден пристап до голем дел од услугите за физички лица на Комерцијална банка - увид во состојбата и прометот на трансакциските сметки (денарски и девизни); онлајн аплицирање за готовински кредити, увид во состојба на одобрени кредити; увид во состојбата и прометот на кредитните картички; увид во состојбата и прометот на штедните влогови (денарски и девизни); плаќање сметки и трансфер на средства од денарска трансакциска сметка кон други сметки, без трошоци до 15.04.2020; промена на дневните и месечните лимити на дебитни и кредитни картички; бесплатни известувања за приливите и одливите од трансакциските сметки и картички; наоѓање најблизок банкомат или експозитура, како и патека до истите; информации за девизни курсеви; кредитен калкулатор, штеден калкулатор и калкулатор за купопродажба на девизи; информации и новини за производите и услугите на Банката наменети за физички лица; можност за проба со опцијата демо корисник и др.

 

Користете ги бесплатно овие апликации на Комерцијална банка за да се заштитите себеси, со што ќе го заштитите и здравјето на другите. Сите потребни информации за Интернет банка и мБанка се достапни на веб страната www.kb.com.mk, профилите на Банката на социјалните мрежи и на контакт-центарот (02) 3296 800.




13.03.2020 – Комерцијална банка укажува: Нашите финансиски услуги се достапни и на вашиот мобилен телефон и компјутер


Почитувани клиенти,

 

Комерцијална банка АД Скопје во насока на превенција и заштита на Вашето и на здравјето на вработените од вирусот Ковид-19 (корона вирус) Ви укажува дека голем дел од Вашите финансиски потреби може да ги извршите преку каналите за електронско банкарство, кои се 24 часа на располагање, а секако може да ја користите и широката мрежа на банкомати.

 

На сите наши банкомати во кој било дел од денот можете да подигнувате готовина, а на следните банкомати можете и да вршите уплата на готовина: експозитурите во Скопје - Ѓорче Петров, Ченто, Маџари, ГТЦ 1, Стопанска комора, Лептокарија, Буњаковец, Бисер, Автокомандa, 11 Октомври и во трговските центри Скопје Сити мол и Капитол мол, како и во филијалите во Штип, Струмица, Охрид и во Прилеп. Банкоматите редовно ќе се чистат и дезинфицираат.

 

Електронските канали Ви ги овозможуваат следните финансиски услуги:

 

  • Интернет банка - плаќање јавни услуги и вршење други денарски плаќања во земјата; купопродажба на девизи (безготовински); пренос на средства на орочен штеден влог и штеден влог по видување; увид во состојба и дневни промени на Вашите денарски и девизни сметки, штедни влогови, платежни картички и кредитни партии; увид во состoјба и подигање изводи за деловни Mastercard® и Visa картички; подигање изводи за денарски и девизни сметки и платежни картички.
  • мБанка - увид во состојба и промет на трансакциски сметки, кредитни картички, штедни влогови, одобрени кредити, плаќање сметки и трансфер на средства од денарска трансакциска сметка кон други сметки, промена на дневни и месечни лимити на дебитни и кредитни картички, бесплатни известувања за приливи и одливи од трансакциски сметки и картички, наоѓање најблизок банкомат или експозитура и патека до истите, информации за девизни курсеви, кредитен, штеден калкулатор и калкулатор за купопродажба на девизи, информации и новини за производите и услугите за физички лица. 
  • мБанкаКо - увид во состојбата, промените и изводот на сметките (денарска и девизна трансакциска сметка), пренос на средства од денарската трансакциска сметка кон други сметки во платниот промет во земјата со ПП30, ПП50 и ПП53 (внесување, потпишување и испраќање на реализација електронски налог за плаќање), продажба на девизи од девизна трансакциска сметка, откуп на девизи за денари, преглед, потпишување девизен налог за плаќање и негово испраќање на реализација, пристап до информации за деловните картички и можност за администрирање на дневни и преиодични лимити на деловните картички, прием на нотификации за прилив/одлив од денарската трансакциска сметка, деловни картички и девизните сметки, со можност за поставување минимални износи за добивање нотификации.
  • KomPay - бесконтактно плаќање на продажни места со помош на дигитализирани платежни картички (мобилен телефон) без употреба на физичката банкарска картичка.

 

Секако, за сите Ваши потреби може да ги контактирате вработените на Комерцијална банка АД Скопје на телефоните кои се објавени на веб-страницата www.kb.com.mk. Сите потребни информации за производите и за услугите на Банката се достапни на веб страницата www.kb.com.mk, профилите на Банката на социјалните мрежи и на контакт-центарот (02) 3296 800.

 

Во насока на заемна заштита, апелираме да не ги посетувате експозитурите и филијалите на Банката доколку немате неодложна потреба за тоа. Ви благодариме на разбирањето и Вашата внимателност.

 

Ваша, Комерцијална банка АД Скопје




11.03.2020 – Известување за клиентите во врска со Ковид-19


Почитувани клиенти,

 

Ве информираме дека, согласно препораките и одлуките на Владата на Република Северна Македонија поврзани со појавата на Ковид-19 (корона вирус), Комерцијална банка АД Скопје воведе мерки за превенција и заштита на вработените и на клиентите на Банката.

 

Ве советуваме да го намалите интензитетот на посети на експозитурите, филијалите и на централата на Банката. За сите Ваши потреби може да ги контактирате вработените на Банката на телефоните кои се објавени на веб-страницата www.kb.com.mk.

 

Сите услуги и производи на Банката се целосно достапни за клиентите. Апелираме Вашите финансиски потреби што е можно повеќе да ги вршите преку широката мрежа на банкомати, а 24 часа во денот на располагање Ви стојат и каналите за електронско банкарство: Интернет банка, мБанка, мБанкаКо, KomPay, веб-страницата www.kb.com.mk. Достапни Ви се и профилите на Банката на социјалните мрежи, како и контакт-центарот на (02) 3296 800.

 

Комерцијална банка и натаму ќе одржува највисоко ниво на хигиена и на дезинфекција во своите простории и на банкоматите, но сепак апелираме клиентите да бидат внимателни и да негуваат највисоко ниво на лична хигиена.

 

Согласно насоките од надлежните органи, препорачано е да се избегнува директен и близок контакт (препорачана оддалеченост од најмалку еден метар помеѓу луѓето), ракување, гушкање и долго седење во затворени простории. Препорачуваме да ги користите средствата за дезинфекција, поставени на шалтерите и во деловните простории на Банката, со цел да се одржува максимална хигиена на рацете.

 

Работното време на експозитурите и на филијалите е објавено на веб-страницата на Банката и може да го погледнете на следниот линк. Информациите постојано ќе се ажурираат и доколку има промени во работното време или времено затворање на некои експозитури и филијали, Банката навремено ќе ја извести јавноста. Следете ги веб-сајтот и Facebook страницата на Комерцијална банка за редовно информирање.  

 

Комерцијална банка АД Скопје Ви стои на располагање за сите Ваши прашања и потреби. Ви благодариме на разбирањето и Вашата внимателност.




10.03.2020 – Променето работното време на сефовите во Комерцијална банка


Комерцијална банка АД Скопје ги известува своите клиенти дека од среда, 11.03.2020 година, воведува ново работно време на сефовите во Скопје, кои ќе работат со клиенти од 09:00 до 14:00 часот, секој работен ден од понеделник до петок.
Новото работно време е од привремен карактер.






А Р Х И В А