Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



30.06.2020 - Од 1 јули намалени каматни стапки на депозити


Почнувајќи од 01.07.2020 година, Комерцијална банка АД Скопје ги намалува каматните стапки на дел од орочените денарски депозити на правни лица со фиксна каматна стапка (за договори склучени по 01.10.2017 година) и на дел од орочените денарски депозити на правни лица со прилагодлива каматна стапка (за договори склучени пред 01.10.2017 година) за 0,20 п.п.

 

Исто така, Комерцијална банка АД Скопје ги намалува фиксните и прилагодливите каматни стапки на штедните влогови за физички лица, и тоа: во УСД од 0,01 до 0,10 процентни поени во рочности од 3 месеци, 6 месеци, 12 месеци и 36 месеци, како и во АУД од 0,20 до 0,50 процентни поени во рочности од 1 месец до 36 месеци.  

 

Промената на каматна стапка кај договорите со фиксна каматна стапка ќе се применува по истекот на рокот за орочување кај веќе постоечките договори.






03.07.2020 – Комерцијална банка започна со исплата на парична помош од социјална и детска заштита за јуни


Од денеска, 3 јули 2020 година, Комерцијална банка АД Скопје започна да врши исплата на парична помош од социјална и детска заштита за месец јуни на корисниците кои помошта ја примаат на нивната денарска сметка во Банката.

Корисниците кои имаат активна дебитна картичка парите од социјалната и детската заштита ќе ги имаат на располагање веднаш и ќе може да ги подигнат на банкомат или да ги користат за безготовинско плаќање.

Имајќи ги предвид мерките за заштита од Covid-19, исплатата на паричната помош на шалтерите во Банката ќе биде организирана во три групи и тоа согласно утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето:

  • Понеделник 06.07.2020 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ;
  • Вторник 07.07.2020 – И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О;
  • Среда 08.07.2020 – П; Р, С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

 

При посетата на филијалите и експозитурите на Банката задолжително е носење лична заштитна опрема на лицето (заштитна маска, марама или шал), држење на пропишаното физичко растојание и дезинфекција на рацете.




02.07.2020 - Комерцијална банка АД Скопје трет пат наградена од Commerzbank AG Frankfurt


Комерцијална банка АД Скопје е добитник на наградата Commerzbank’s STP Excellence Award за 2019 година како признание за брзината и квалитетот на меѓународните плаќања во континуитет. 

Commerzbank со оваа награда ја потврдува одличната соработка и по трет пат го признава извонредниот квалитет во директната обработка на плаќањата од Комерцијална банка АД Скопје. Високиот степен на ефикасност во директната обработка на меѓународните плаќања значајно влијае врз заштедата на време и на трошоци, што ѝ дава конкурентска предност на Банката.   
Наградата претставува уште една потврда за квалитетот на девизното работење во Комерцијална банка, но и обврска за постојано автоматизирање и унапредување на овој сервис.




01.07.2020 – Бесплатно користење на KomPay до 31.12.2020 година


До 31.12.2020 година може бесплатно да се дигитализираат две Mastercard картички на мобилната апликација KomPay на Комерцијална банка АД Скопје. Продолжувањето на промотивниот период за користење на апликацијата за бесконтактно плаќање е согласно мерките што ги презема Банката за заштита на здравјето на клиентите и на вработените од вирусот Covid-19.

 

KomPay е бесплатна мобилна апликација за бесконтактно плаќање, со која може да сe плаќа на ПОС терминали без употреба на физичка банкарска картичка. Со неа, вашиот мобилен телефон станува замена за платежна картичка. Ова е брз, лесен и безбеден начин на плаќање на голем број продажни места низ светот.

 

Апликацијата овозможува да изберете со која дигитализирана картичка ќе го вршите плаќањето, согласно вашите расположливи средства. KomPay е прва ваква апликација достапна на македонскиот пазар што овозможува најсовремена технологија за овој вид плаќање.




25.06.2020 - Од 26 јуни исплата на пензии за месец јуни во Комерцијална банка АД Скопје


Од 26 јуни (петок) до 1 јули (среда) Комерцијална банка  ќе изврши предвремена исплата на пензиите.

 

Исплатата за пензионерите кои не користат платежни картички, ќе биде организирана во четири групи, и тоа според висините на пензиите:

 

  • петок 26.06.2020 г., исплата на пензии до 11.000 денари,
  • понеделник 29.06.2020 г., исплата на пензии од 11.001 до 14.000 денари,
  • вторник 30.06.2020 г., исплата на пензии од 14.001 до 18.000 денари,
  • среда 01.07.2020 г., исплата на пензии над 18.000 денари.

 

Потсетуваме дека клиентите при посетата, мора задолжително да ги следат сите пропишани мерки за заштита и превенција – држење на пропишаното минимално растојание, носење заштитна маска, марама или шал и задолжителна дезинфекција на рацете.

 

Пензионерите при подигањето на своите пензии на шалтер, ќе може да побараат некоја од следните услуги со кои ќе ја намалат потребата од посета на банка:

 

 

Со трајниот налог сметките ќе им бидат секогаш навремено платени без да доаѓаат во банка, со што ќе им помогнеме да останат дома и да се заштитат од ризик. За тоа ќе биде доволно при нивното доаѓање на шалтер ДА ГИ ДОНЕСАТ СМЕТКИТЕ ЗА ЈАВНИ УСЛУГИ (струја, парно, вода, телефон), а нашите вработени ќе им ги објаснат сите можности кои се на располагање.

 

Да ги заштитиме најранливите. Да го заштитиме јавното здравје.




24.06.2020 - Уплата на дневен пазар на банкомат без надомест до 31.12.2020 година


Комерцијална банка АД Скопје го продолжува рокот за уплата на дневниот промет (Cash in) на банкомат без надомест до 31.12.2020 година.

 

До 31.12.2020 година, сите правни лица кои поседуваат Visa Business Debit дебитна картичка може во кое било  време да извршат уплата на готовина на банкомат по основ на дневен промет без надомест.  Уплатените средства се евидентираат на основната трансакциска сметка на правното лице - имател на картичката и се расположливи ВЕДНАШ.

 

Банкоматите ги прифаќаат сите книжни и полимерни банкноти во апоени од 10, 50, 100, 200, 500, 1.000 и 2.000 денар.

 

Уплата на готовина може да се врши на банкоматите на Комерцијална банка на следните локации: eкспозитурите во Скопје - Ѓорче Петров, Ченто, Маџари, ГТЦ 1, Стопанска комора, Лептокарија, Буњаковец, Бисер, Автокомандa, 11 Октомври и во трговските центри Скопје Сити мол и Капитол мол, како и во филијалите во Штип, Струмица, Охрид и во Прилеп.




18.06.2020 – Комерцијална банка започна со издавање Домашна платежна картичка


Комерцијална банка АД Скопје од денеска (18 јуни) започна со издавање Домашна платежна картичка.

Целосно посветена на заштита на здравјето на клиентите и на вработените во услови на пандемија со вирусот Ковид-19, Банката со СМС порака ќе ги извести корисниците за кои има валиден телефонски број дека нивната платежна картичка е изготвена и дека истата може да се подигне во една од специјално наменетите експозитури.

Секое лице кое, согласно владината Уредба со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници, треба да добие платежна картичка „Купувам домашно“ преку Комерцијална банка, и за кое Банката има валиден телефонски број за контакт ќе биде известено кога, како и каде може лично да си ја подигне.

Kорисниците имаат можност да проверат дали нивната картичка е изготвена и во која експозитура или филијала треба да ја подигнат, како и да ја проверат состојбата на расположиви средства, на следниот линк.

Платежните картички веќе се дистрибуирани во експозитури во Скопје, Куманово, Тетово, Кичево, Ресен, Струмица, Богданци, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Велес, Штип, Радовиш, Свети Николе, Кочани, Делчево, Пехчево, Виница и Македонска Каменица, а во текот на утрешниот ден ќе се дистрибуираат и до другите градови. Работното време на експозитурите кои ќе издаваат Домашна платежна картичка може да го погледнете на следниот линк.

Платежните картички „Купувам домашно“ ќе бидат дистрибуирани до сите корисници најдоцна до 18.07.2020 година.

Сите информации во врска со постапката и потребните документи за издавање на платежната картичка „Купувам домашно“ од страна на Комерцијална банка се достапни на следниот линк.

Истакнуваме дека картичката се издава лично на корисникот на финансиската помош, кој со себе треба да носи важечки документ за идентификација (лична карта или пасош), а за малолетно лице без документ за идентификација задолжително е присуство на родител/старател и поседување извод од матична книга на родени.

Финансиската поддршка од домашната платежна картичка ќе може да се користи од денот на приемот заклучно со законски предвидениот рок од страна на Владата на РСМ (15.08.2020) и исклучиво со картичката „Купувам домашно“.




10.06.2020 – Комерцијална банка започна со испраќање известувања до граѓаните на кои ќе им издаде Домашна платежна картичка


 

Комерцијална банка АД Скопје од денеска (10 јуни) започна со испраќање известувања до граѓаните на кои, согласно владината Уредба со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници, ќе им издаде домашна платежна картичка наменета за купување македонски производи и услуги.

 

Картичките сè уште се во фаза на изработка, а најдоцна до 18.07.2020 година Банката ќе ги изработи и ќе ги дистрибуира во експозитурите и филијалите, од каде ќе може да ги подигнат корисниците. Сите граѓани кои ќе треба да ја добијат платежната картичка „Купувам домашно“ преку Комерцијална банка дополнително ќе бидат известени кога, како и каде да си ја подигнат картичката од Банката. Платежната картичка ќе им биде издадена бесплатно.

 

Ги информираме граѓаните дека не треба да преземаат никакви активности околу издавањето на платежната картичка се додека не бидат повикани за да си ја подигнат. За картичките не се аплицира и не се поднесува никакво барање и затоа граѓаните немаат потреба со таа цел да ги посетуваат експозитурите и филијалите на Комерцијална банка. На тој начин остануваме одговорни во време на епидемија на Корона вирус и го штитиме своето и здравјето на другите граѓани.

 

Сите информации во врска со постапката и потребните документи за издавање на платежната картичка „Купувам домашно“ од страна на Комерцијална банка се достапни на следниот линк.

Истакнуваме дека картичката се издава лично на корисникот на финансиската помош, кој со себе треба да носи важечки документ за идентификација (лична карта или пасош), а за малолетно лице без документ за идентификација задолжително е присуство на родител/старател и поседување извод од матична книга на родени.

 

Финансиската поддршка од домашната платежна картичка ќе може да се користи од денот на приемот заклучно со законски предвидениот рок од страна на Владата на РСМ (15.08.2020) и исклучиво со картичката „Купувам домашно“.

Не може да се користи со употреба на кој било друг платен инструмент, ниту за:

 

  • подигнување готовина од банкомати, од ПОС терминали или со налог за исплата на готовина на шалтерите на банките,
  • конверзија во странска валута или замена за готовина,
  • плаќање производи и услуги на физички и/или интернет (виртуелни) ПОС терминали,
  • подигнување готовина на банкомати и други терминали опслужувани од нерезиденти и/или резиденти вршители на дејност надвор од територијата на Република Северна Македонија,
  • пренос на парични средства кон други сметки во банката издавач на ДПК и/или кон други сметки кај друг носител на платен промет, независно дали е тоа сметка на лицето корисник на финансиската поддршка или е сметка на друго физичко и/или правно лице,
  • плаќање за македонски производи и услуги кои не ги исполнуваат дефинициите од уредбата со законска сила,
  • плаќање на правни и физички лица кои не го исполнуваат условот за вршење на дејност согласно уредбата со законска сила,

 

Повеќе информации во врска со домашната платежна картичка „Купувам домашно“ може да добиете и на веб страната www.kupuvamdomasno.gov.mk. Граѓаните кои имаат трансакциски сметки во повеќе банки на истиот тој линк може да проверат во која банка ќе им биде издадена картичката.







А Р Х И В А