Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



31.07.2020 – Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка нема да работат на 03.08.2020


 

Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје нема да работат на 03.08.2020 година (понеделник) заради празнување на 2 Август, Денот на Републиката.

Ги известуваме нашите клиенти дека за подигнување и уплата на готовина може да ги користат банкоматите на Банката, а за други финансиски трансакции на располагање ги имаат веб и мобилните апликации Интернет банката и мБанка. За корисниците на платежни картички 24/7 е отворена и дигитализираната експозитура на Комерцијална банка на улица Македонија во центарот на Скопје.




10.08.2020 – Пониски каматни стапки на станбени кредити од Комерцијална банка


Комерцијална банка АД Скопје ги намали променливите каматни стапки на станбените кредити со ЕУР клаузула кои ќе бидат одобрени по 10.08.2020 година. Поволностите што ги обезбеди Банката овозможуваат станбени кредити чија променлива каматна стапка веќе е под 5% и изнесува 4,5%, односно 4,7% соодветно, во зависност од одбраната опција.  

 

За задоволството да биде поголемо, на граѓаните заинтересирани за купување или изградба на недвижен имот, Банката им нуди кредит со ЕУР клаузула со две опции на каматни стапки по избор на клиентите, а во согласност со нивните можности и потреби.

 

Првата опција овозможува кредит со фиксна номинална каматна стапка годишно од 2,9% во првите три години и променлива од 4,7% за остатокот од периодот на отплата на кредитот.

 

Втората опција предвидува фиксна номинална каматна стапка годишно од 3,5% во првите 10 години и променлива од 4,5% за остатокот од периодот на отплата на кредитот.

 

Рокот за отплата на кредитот е до 30 години.   

 

Кредитите се наменети за кредитоспособни физички лица во редовен работен однос кои примаат плата на трансакциска сметка во Комерцијална банка или за пензионери кои ја примаат пензијата преку трансакциска сметка во Банката. 

 

Повеќе околу условите на кредитот може да се информирате на следиот линк.


04.08.2020 - Осигурителни полиси за граѓани на шалтерите на Комерцијална банка


Комерцијална банка го збогати портфолиото на услуги што ги нуди со продажба на осигурителни полиси за население. Од 01.08.2020 година, во следниве експозитури и филијали на Банката може да купите полиси за неживотно осигурување од Осигурување Македонија а.д. Скопје – Виена Иншуренс Груп и од Триглав осигурување АД Скопје.

 

Банката ги нуди следните осигурувања за физички лица:

 

Осигурување Македонија а.д. Скопје – Виена Иншуренс Груп:

  • Хипотекарна полиса за осигурување на домаќинство, за корисниците на станбен кредит во Комерцијална банка, која трае до исплата на  кредитот и има специјална цена
  • Осигурување на домаќинство (годишни полиси за клиенти кои сакаат пошироко покритие од хипотекарната полиса)

 

Триглав осигурување АД Скопје:

  • Здравствено патничко осигурување
  • Каско осигурување
  • Авто одговорност
  • Зелена карта

 

Зошто сте во предност доколку купите осигурителна полиса преку Комерцијална банка? Затоа што добивате сѐ на едно место – банкарски производ или услуга, осигурителна полиса со иста цена и поволности како во осигурителното друштво, можност за плаќање на рати и помош од нашите вработени за избор на полиса согласно вашите потреби. Комерцијална банка со новата услуга ви овозможува да заштедите и време и пари.




31.07.2020 – Финализира распределбата на картичките „Купувам домашно“ од страна на Комерцијална банка


 

Со изработка на преку 53.000 платежни картички „Купувам домашно“, од кои над 93 отсто веќе се подигнати од корисниците, Комерцијална банка АД Скопје го финализира процесот согласно планираната динамика. Изработени се и платежните картички доделени на Банката по прифатени рекламации од страна на Владата на Република Северна Македонија, а во тек е нивната распределба.

 

За платежните картички кои сè уште не се распределени, а се по основ на прифатени рекламации од Владата, клиентите поединечно добиваат информација во која експозитура може да си ја подигнат картичката, процес кој ќе заврши во следните неколку дена. Платежните картички „Купувам домашно“ што ги издава Комерцијална банка се активни со самото издавање, односно на нив има расположливо салдо, така што веднаш може да се користат во малопродажната мрежа или во електронска трговија, согласно Уредбата на Владата за нивна употреба. Клиентите немаат потреба од Интернет, активација на ПОС или банкомат или каков било дополнителен чекор, пред употреба на картичката.

 

Распределените платежни картички од страна на Банката клиентите ги користат за трансакции во сите типови дејности дозволени согласно владината уредба, а најзастапени се трансакцииите во маркети, кои учествуваат со над 85% во вкупниот промет. Над 78% од средствата на подигнатите картички се веќе потрошени. Незначителен број од клиентите, иако ја подигнале картичката во средината на јуни, сè уште немаат ниедна трансакција. Финансиската поддршка од домашната платежна картичка може да се користи заклучно со 15.08.2020 година, кој е законски предвиден рок од страна на Владата на РСМ, и исклучиво со картичката „Купувам домашно“.

 

Со успешното финализирање на овој процес Комерцијална банка придонесе за безбедно спроведување на проектот „Домашна платежна картичка“, кој треба да обезбеди финансиска поддршка за најранливите категории граѓани во услови на пандемија со вирусот Ковид-19. Грижата за здравјето на клиентите и на вработените останува примарна цел на Банката.


28.07.2020 – Плаќање сметки од БЕГ без провизија во Дигиталната експозитура на Комерцијална банка АД Скопје


 

Дигиталната експозитура на Комерцијална банка АД Скопје ви овозможи нова бесплатна услуга – плаќање на сметките од БЕГ. На дигиталните киосци во оваа експозитура секој што поседува картичка од која било банка може да плаќа сметки за јавни услуги без провизија.

 

Оваа услуга е веќе достапна за сметките од ЕВН, Телеком и Телекабел. Корисникот сам, воден од апликацијата која му се прикажува на екранот, може во реално време да ја плати сметката со картичка на вградениот POS терминал, за што добива печатена потврда.

 

Освен плаќањето сметки, оваа експозитура која се наоѓа на ул. Македонија во Скопје, ви нуди и можност за подигнување или внесување готовина преку банкомат, замена на евра во денари и печатење извод од трансакциска сметка за физички лица со претплата на Интернет банка.

 

Експозитурата работи секој ден во годината 24/7, нуди одличен комфор, бесплатен пристап до WiFi, постојано е под видеонадзор и е приспособена за лица со посебни потреби.




30.07.2020 – Награда од ЕБРД за Комерцијална банка за „Most Active Issuing Bank in 2019 in North Macedonia”


 
Европската банка за обнова и развој ја награди Комерцијална банка АД Скопје за „Most Active Issuing Bank in 2019 in North Macedonia“. Комерцијална по 14-ти пат е прогласена за најактивна банка во меѓународната трговија во земјава од страна на ЕБРД.  

Тимот за документарно работење на Комерцијална банка се потврдува како експерт во меѓународни рамки, промовирајќи го и понатаму реномето на Банката со својот висок степен на специфично стручно знаење и професионално искуство.

Наградата за Комерцијална банка е објавена во рамките на новиот број на списанието „Trade Exchange Magazine“, кое е наменето за стручната јавност во Европа, Азија, Африка од областа на меѓународните инструменти за финансирање на трговијата, а е во издание на ЕБРД.
 
nagrada
 



30.07.2020 – Комерцијална банка учесник во синдициран заем од 72 милиони евра за финансирање на изградбата на East Gate Mall во Скопје


 

Договор за синдициран заем во вредност од 72 милиони евра беше потпишан денеска од страна на домашни и странски банки со цел финансирање на изградбата на трговскиот центар East Gate Mall, градежен проект зад кој стои вкупна инвестиција од 103 милиони евра на Балфин групацијата. Со синдицираниот заем се обезбедени 38,5 милиони евра од НЛБ Групацијата (20 милиони евра од НЛБ дд Љубљана и 18,5 милиони евра од НЛБ Банка АД Скопје), 18,5 милиони евра од Комерцијална банка АД Скопје, 10 милиони евра од Raiffeisen bank Албанија и 5 милиони евра од Халк банка АД Скопје.

Со синдицираниот заем ќе се овозможи изградба на еден од најсовремените трговски центри на Балканот. East Gate Mall е дел од модерниот и современ повеќенаменски комплекс Скопје East Gate, кој e распространет на преку 15 хектари земјиште и опфаќа трговски центар, резиденцијален комплекс и канцелариски парк со вкупна планирана бруто изградена површина од над 500.000 м2, со што претставува најголем повеќенаменски проект во недвижности во државата.


Според Игор Давков, Генерален извршен директор на East Gate Mall, инвестицијата, за која денес се заокружи финансирањето во целост, ќе ја смени сликата за македонската ритејл индустрија.

„Изминатите две години напорно работевме на креирање портфолио на закупци кои во целост ќе ги задоволат потребите и очекувањата на потрошувачите, не само во државата, туку и во регионот. Трговскиот центар на ритејл пазарот во Скопје ќе донесе преку 20 нови светски модни брендови на малопродажна површина од над 20.000 м2, односно на приближно 40% од вкупната површина за издавање во трговскиот центар; ќе овозможи отворање трговски единици кои по својот формат и големина одговараат на форматот и големината во кои најголемите модни брендови отвораат продавници во светските метрополи, а со тоа овозможуваат и сосема поинаков квалитет и квантитет во понудата кон крајниот потрошувач. Веќе имаме потпишано комерцијални услови и договори за закуп со над 150 трговци, па така денес, повеќе од една година пред отворањето на трговскиот центар, истиот е издаден веќе над 80%, со потврдени комерцијални услови од закупците“ – изјави г. Игор Давков.


Комплексот претставува модерен урбанистички и архитектонски симбол на Скопјe кој како проект има за цел да воведе нови и современи стандарди на урбаното живеење и работење. Tрговскиот центар зафаќа вкупна корисна површина за закуп од околу 57.000 м2 со 250 закупци (поединечни локали под закуп). Според планираната динамика, трговскиот центар треба да биде отворен за сезоната есен/зима 2021 година.


Според Главниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка Хари Костов, кога Комерцијална банка донесе одлука за своето учество во овој проект, светот и Македонија не беа зафатени со здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот.


„Сепак, после појавата и траењето на пандемијата, за особена пофалба е цврстата решеност на инвеститорот Групацијата Балфин, не само да не се откаже или да го стави во мирување овој проект туку, напротив, уште позасилено и побрзо да работи на неговата реализација, вложувајќи значаен износ на сопствени средства во досегашната инвестиција. Групацијата Балфин е наш познат и ценет клиент. Заеднички имавме мошне позитивно искуство, заедно и со други инвеститори, кога обезбедивме синдицирано финансирање на Скопје Сити Мол заедно со Европската банка за обнова и развој и со Рајфајзен Албанија. Впрочем, со Групацијата Балфин сме и заеднички акционери во Тирана банк, иако Комерцијална банка како малцински акционер. Наша оцена е дека на Скопје и на Македонија им е потребна ваква инвестиција, која ќе доведе до вработување на поголем број млади лица и ќе придонесе за натамошен развој на Градот Скопје и на Македонија. На Групацијата Балфин и посакувам брза и успешна реализација на овој значаен проект, а Комерцијална банка ќе биде тука како еден од позначајните поддржувачи на нивната идеја и инвестиција.“, изјави г. Костов.

Обезбедената финансиска поддршка од домашни и од странски банки за изградба на East Gate Mall во услови на глобална финансиска криза, наметната од пандемијата од вирусот Covid-19, e доказ за важноста на оваа инвестиција за македонската економија и показател на стабилноста и отвореноста на банкарскиот сектор во земјава за поддршка на економско значајни проекти.


27.07.2020 – Исплатата на јулските пензии започнува на 28.07.2020 година


   
   

Комерцијална банка АД Скопје ќе започне со исплата на пензиите за јули од вторник, 28.07.2020 година. Пензионерите кои имаат активна дебитна картичка со својата пензија ќе може да располагаат од утре и ќе може да ја подигнат на банкомат или да ја користат за безготовинско плаќање.

 

Исплатата на пензионерите кои не користат платежни картички ќе биде организирана во четири групи, според висината на пензијата, согласно следниот распоред:

   
  • вторник, 28.07.2020 година, исплата на пензии до 11.000 денари
  • среда, 29.07.2020 година, исплата на пензии од 11.001 до 14.000 денари
  • четврток, 30.07.2020 година, исплата на пензии од 14.001 до 18.000 денари
  • петок, 31.07.2020 година, исплата на пензии над 18.000 денари
       

    Со цел да се намалат редиците и да се заштити здравјето од корона вирусот на сите корисници на банкарски услуги, апелираме при посетата на филијалите и експозитурите на Комерцијална банка строго да се почитува наведениот распоред, задолжително да се носи лична заштитна опрема на лицето (заштитна маска, марама или шал), да се држи пропишаното минимално растојание и да се врши дезинфекција на рацете.




    14.07.2020 - Комерцијална банка објавува Оглас за вработување во Филијала Тетово


    Комерцијална банка АД Скопје објавува Оглас за вработување на 2 (двајца) извршители на позиција: Помлад соработник за платен промет во земјата и работа со население – благајник во Филијала Тетово на определено работно време од 12 месеци.

     

    Потребни квалификации и способности:

    • Завршен Економски факултет со најмалку 180 кредити според ЕКТС или VII/1 степен,
    • Без работно искуство,
    • Познавање на англиски јазик и работа со компјутери,
    • Комуникациски и организациски вештини, ориентираност кон клиенти, способност за тимска работа и професионално однесување.       

     

    Работно време: 40 часа неделно

    Почетна основна нето-плата: 19.096,00 денари.

     

    Огласот трае заклучно со 22.07.2020 година. Изборот ќе се изврши во рок од 45, 90 или 120 дена по истекот на рокот за пријавување, во зависност од бројот на пријавени кандидати.

     

    Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат горенаведените критериуми треба да пратат кратка биографија (CV), мотивациско писмо и  копија од Диплома за завршено високо образование на следната адреса: Сектор за човечки ресурси и општи работи, Комерцијална банка АД Скопје, ул.Орце Николов бр.3, 1000 Скопје, или на e-mail vrabotuvanje@kb.com.mk со назнака: „Oглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје - Филијала Тетово”.

     

    Лице за контакт: Меглена Димитрова, тел: 3-168-412

                                                                      

    Некомплетната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање, нема да бидат разгледувани. На интервју ќе бидат повикани само апликантите кои ќе влезат во потесен круг.




    14.07.2020 – Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка нема да работат на 15.07.2020 г.


    Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје нема да работат на 15.07.2020 г. (среда) заради одржување на предвремените парламентарни избори.
     
    Ги известуваме нашите клиенти дека за подигнување и уплата на готовина може да ги користат банкоматите на Банката, а за други финансиски трансакции и бесплатните веб и мобилни апликации Интернет банката и мБанка. За потребите на корисниците на платежни картички на располагање е и дигитализираната експозитура на Комерцијална банка на улица Македонија во центарот на Скопје.






    А Р Х И В А