Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



10.09.2020 – WOOD & Company ја објави иницијалната инвестициска анализа за Комерцијална банка АД Скопје


Kонсултантската компанија WOOD & Company ја објави иницијалната инвестициска анализа за Комерцијална банка АД Скопје, што претставува прва изработена инвестициска анализа воопшто за македонско акционерско друштво во рамките на регионалниот проект на Европската банка за обнова и развој. Во овој проект, освен три котирани друштва на Македонската берза, се вклучени и котирани компании од пет други берзи во регионот (Словенија, Хрватска, Србија, Романија и Бугарија).

 

Инвестициската анализа за Комерцијална банка, објавена на англиски јазик, може да ја прочитате на следниот ЛИНК.

 

Овој проект ќе трае две години.






17.09.2020 – Комерцијална банка повторно спонзор на Фестивалот „Браќа Манаки“


Tрадиционално, трета година по ред, Банката е спонзор на 41-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој заради новонастанатите услови на пандемијата предизвикана од Ковид - 19, оваа година достојно ќе се одбележи со еден централен настан во Битола, на 19 септември во Пациото на Музеј на Битола.

 

Со својот интернационален карактер и атрибути на гала-настан кој ја привлекува уметничката, академската и политичката елита од нашата земја и од регионот, „Браќа Манаки“ претставува редок општествен настан кој привлекува големо внимание кај домашната, но и меѓународната филмска јавност. Наградата „Златната камера 300 за животен опус“ годинава ќе му биде доделена на двојниот оскаровец Јан Камински, кој е и најмлад досегашен добитник на оваа награда, а наградата „Големата ѕвезда на ДФРМ“, што ја доделува Друштвото на филмските работници на Република Северна Македонија, ќе му биде доделена на режисерскиот доајен Столе Попов.

 

Комерцијална банка со големо задоволство застанува зад овој наш реномиран фестивал, кој со својата големина и интегритет е редок амбасадор на македонската култура. Особено оваа година во која уметноста е во незавидна положба, Банката одлучно ја пружа својата поддршка и овозможува филмската магија и натаму да блеска, низ Битола и секаде во нашата земја.
 



14.09.2020 - Соопштение до депонентите на Еуростандард банка АД во стечај, за чие обесштетување е надлежна Комерцијална банка АД Скопје


На 15 септември 2020 година (вторник), преку Комерцијална банка АД Скопје ќе започне обесштетувањето на осигурениот износ на депозитот на депонентите на Еуростандард банка АД во стечај, чие ПРЕЗИМЕ почнува на буквите А, Б, В, Г или Д. Во исто време ќе се обесштетуваат и депонентите – самостојни вршители на дејност со личен труд, кои во Еуростандард банка биле регистрирани како ТП (трговец поединец) или Адвокат (име и презиме) или со назив на дејноста доколку првата буква од називот е А, Б, В, Г или Д.
 
Обесштетувањето ќе се извршува во експозитурите и филијалите на Комерцијална банка АД Скопје на целата територија на државата. Повеќе информации за експозитурите и филијалите, како и за нивното работно време може да добиете на следниов ЛИНК.
 

Депонентите, освен лично присуство, треба да приложат и валиден документ за идентификација, и тоа:

  • физички лица резиденти - лична карта или пасош издадени од МВР на РСМ,
  • физички лица нерезиденти – странски пасош,
 

Самостојни вршители на дејност со личен труд треба да обезбедат:

  • Тековна состојба од Централен регистар на РСМ не постара од 3 месеци (оригинал на увид),
  • Лична карта или пасош од овластеното лице за застапување на регистрираното лице за вршење самостојна дејност,
  • Барање за пренос на средства (барањето е изготвено од страна на Банката а се пополнува лично од овластеното лице за застапување на регистрираното лице за вршење самостојна дејност и се заверува со печат).
 
Потврдата за сопственост на депозитот ќе се потпишува директно во Банката кога депонентот ќе дојде за да го оствари правото на обесштетување. За да се оствари правото на исплата на обесштетувањето, депонентот мора да ја подигне и потпише потврдата на шалтер во Комерцијална банка АД Скопје.
 
Обесштетувањето се врши во денари, при што износот за обесштетување на секој поединечен депонент, согласно законските прописи, е утврден од страна на Фондот за осигурување депозити и максималниот износ е 1.850.889 денари.
 
Доколку износот за обесштетувањето на депоненто - физичко лице резидент е еднаков или поголем од 5.001,00 денари, депонентот има постоечка активна сметка во Комерцијална банка или има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциските сметки, исплатата на обесштетувањето ќе се врши со пренос на средствата на денарска трансакциска сметка во Комерцијална банка АД Скопје (постоечка или новоотворена сметка на име на депонентот, која ќе се отвори согласно законските прописи). Истата постапка се однесува и за физичко лице нерезидент (за кој било износ на обесштетување). За физички лица резиденти со депозит на износ до 5.000,00 денари, кои немаат активна сметка во Банката и немаат активни блокади во ЕРТС, исплатата ќе се врши готовински.
 
За самостојни вршители на дејност со личен труд исплатата ќе се врши со пренос на постоечка или новоотворена сметка на депонентот врз основа на претходно пополнето Барање за пренос на средства во кое ќе биде наведено на која трансакциска сметка на вршителот на самостојна дејност да бидат пренесени средствата.
 
Депонентите физички лица своето право на обесштетување треба да го регулираат лично или преку својот законски застапник/старател наведен во Потврдата за сопственост на депозитот. Доколку законскиот застапник/старател не бил претходно евидентиран во Еуростандард банка АД, потребно е приложување валидна документација за негово докажување, како и нејзино соодветно ажурирање во документите за обесштетување.
 
Доколку депонентот физичко лице е спречен лично да го оствари своето право на обесштетување, истото може да го изврши преку лице овластено врз основа на полномоштво заверено од нотар, со прецизни инструкции за потпишување на потврдата и/или отворање сметка во име на депонентот (текстот на Полномошното може да се подигне во која било експозитура или филијала на Комерцијална банка АД Скопје).
 
Полномоштвата, кои депонентите физички лица веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници за депозитот во Еуростандард банка АД Скопје, ќе важат при потпишување на Потврдата за сопственост на депозит, но не и за отворање на потребната сметка на име на депонентот (за што е потребно полномоштво заверено од нотар наведено погоре).
 
Во случај кога сопственикот на депозитот е починато лице, неговите наследници треба да се обратат во Фондот за осигурување депозити и да приложат документи за идентификација и наследно решение со цел да се спроведе исплатата на обесштетувањето.
 
За физичките лица наведени погоре, кои имаат ажурни лични податоци и валиден документ за идентификација, обесштетувањето ќе се спроведува во Комерцијална банка АД Скопје без потреба од посета на Фондот за осигурување на депозити и без посета на просториите на Еуростандард банка АД во стечај. Доколку Комерцијална банка АД Скопје утврди потреба од ажурирање на личните податоци на кое било физичко лице депонент/законски застапник/старател/полномошник кое се легитимира во Банката за регулирање на обесштетувањето, ќе го упати лицето во Фондот за осигурување депозити за спроведување на ажурирањето на податоците, по што Банката ќе го изврши обесштетувањето почнувајќи од следниот работен ден.
 
Секој депонент кој е распределен во Комерцијална банка АД Скопје ќе има на располагање 36 месеци, односно 3 години, почнувајќи од 15.09.2020 година, за остварување на своето право на обесштетување преку Банката. По истекот на овој временски период, исплатата на обесштетување ќе се врши преку Фондот за осигурување депозити.
 
За сите дополнителни информации Ве молиме да се обратите во Контакт - центарот на Банката на телефонскиот број (02) 3 296 800 и на електронската адреса: contact@kb.com.mk.



14.09.2020 – Од 21.09.2020 година Комерцијална банка ќе прифаќа фактури само во хартиена форма


Комерцијална банка АД Скопје ги известува своите деловни партнери дека од 21.09.2020 година нема да прифаќа за плаќање фактури пратени по електронски пат заради престанување на важноста на владината Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба на 20.09.2020 година.

 

Деловните партнери на Банката, почнувајќи од 21.09.2020 година, фактурите треба да ги доставуваат во хартиена форма до Писарницата на Банката.

 

Наменски отворената електронска адреса e-fakturi@kb.com.mк од 21.09.2020 година веќе нема да биде активна.




11.09.2020 - На „Инвеститорскиот ден“ на Македонската берза Комерцијална банка ќе овозможи тргување со акции без провизија


На првиот „Инвеститорски ден“ што го организира Македонската берза на 18.09.2020 година, по повод 25 години од основачкото собрание на Берзата, Комерцијална банка АД Скопје ќе овозможи домашни физички лица да купуваат или продаваат акции без плаќање провизија за брокерски услуги кон Банката.

 

Комерцијална банка ја поздравува иницијативата на Македонската берза и ќе го поддржи овој настан со цел да даде свој придонес за зголемување на учеството на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и на вложувањата во акции издадени од домашните компании. „Инвеститорскиот ден“ ќе придонесе и за зголемување на нивото на знаење кај населението за овие финансиски инструменти и за подобрување на инвестициската култура во земјава.

 

На денот на одржување на „Инвеститорскиот ден“, сите домашни физички лица ќе можат да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без трансакциски трошоци кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива, при што ќе треба да бидат исполнети следните услови:

 

  • Инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на членка на Берзата што е вклучена во оваа иницијатива;
  • Износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10.000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои истиот ќе биде остварен;
  • Трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.

 

Иницијативата на Македонската берза е прифатена и во неа активно се вклучија Централниот депозитар за хартии од вредност, седум членки на Берзата, а доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.
 
investiciski



10.09.2020 – Демант од Комерцијална банка АД Скопје на изнесени невистини од страна на ВМРО Народна партија


Комерцијална банка АД Скопје најостро ги демантира изнесените невистини од страна на ВМРО Народна партија во врска со продажбата на поранешната деловна зграда на Банката.

Поранешната деловна зграда на Комерцијална банка АД Скопје е продадена во 2012 година на најтранспарентен начин и во строго регулирана законска постапка по распишан Јавен повик од страна на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија, со основен услов во Повикот нето-вредноста на набавката да не биде повисока од 1.000 евра по метар квадратен.

Понудата на Комерцијална банка за продажба на три деловни објекти во централното подрачје на Град Скопје, со вкупна површина од 22.525 метри квадратни по вкупна цена од 21.736.625,00 евра, на Јавниот повик беше избрана за најповолна од страна на Владата.

Понудата вклучуваше: двa административно-деловни објектa кои во тој момент беа во функција на Банката, административна зграда Македонија табак и административна зграда ЕМО АД Охрид. Просечната понудена нето-цена изнесуваше 965 евра по метар квадратен. Во истиот период, според анализите на релевантни институции за истражување на пазарот на недвижности, цената на деловни објекти од иста категорија во центарот на Скопје изнесува над 2.000 евра по метар квадратен.

Банката ѝ овозможи на Владата купување на деловните објекти со одложено плаќање на 15 години, со грејс период од 5 години и фиксна каматна стапка од 3,75%, во период кога каматните стапки на пазарот се движеа над 8%. Досега е отплатен износ од 5.970.324,80 евра, а остатокот по истата динамика ќе се отплатува до крајот на 2027 година.   

Истакнуваме дека поранешната деловна зграда на Комерцијална банка АД Скопје е продадена пред осум години, а обврската за нејзино тековно и инвестициско одржување е на сегашниот сопственик.




09.09.2020 – Комерцијална банка наградена за особен придонес во стопанството во Општина Кавадарци


За особен придонес преку поддршка на стопанството во Општина Кавадарци, Комерцијална банка АД Скопје е добитник на наградата „7 Септември“, која ја доделува оваа општина.

Наградата му беше врачена на Главниот извршен директор, г. Хари Костов, од страна на градоначалникот на Општина Кавадарци, г. Митко Јанчев, на свечена седница која се одржа на 7.9.2020 година во Кавадарци.

Комерцијална банка веќе 65 години е клучниот партнер на компаниите и столбот на доверба кај граѓаните. Најголем број од компаниите во земјава со Комерцијална банка чекорат на патот кон успехот затоа што Банката низ годините на развој создава нови вредности, отвора врски кон светот и изгради високо-професионален и стручен тим. Одговорноста, транспарентноста, ефикасноста, иновативноста се вредностите кои Комерцијална банка ја прават традиционално прв избор на клиентите.   




01.09.2020 – Комерцијална банка нуди втор период на одложена отплата на месечните обврски по кредитни изложености за население


Заклучно со 30.09.2020 година завршува периодот на одложена отплата на месечните обврски по кредитни изложености за население, согласно ЈАВНА ПОНУДА број 09-600-15831/1 за промена на договорните услови за кредитните производи на физички лица.

Имајќи ги предвид продолжените несакани ефекти од пандемијата, предизвикана од Ковид-19, врз економијата и врз животот на граѓаните, Комерцијална банка АД Скопје на корисниците на кредити, кредитни картички и/или дозволено пречекорување кои на 29.02.2020 година биле класифицирани во категорија на ризик буква А, Б или В и немале статус на нефункционална кредитна изложеност или, пак, биле одобрени во периодот од 01.03.2020 до 24.03.2020 година, ќе им овозможи втор период на одложена отплата на месечните обврски во периодот од 01.10.2020 до 31.03.2021 година, исклучиво доколку исполнувааат еден од следниве критериуми:

  • намалени месечни приходи од 10% или над 10% во периодот на ковид-кризата споредено со месеците од пред ковид-кризата;
  • престанок на работен однос во периодот на ковид-кризата;
  • високи трошоци за лекување во периодот на ковид-кризата;
  • отсуство на приливи на трансакциска сметка (плата и други приливи) во периодот на ковид-кризата споредено со месеците од пред ковид-кризата.


Сите корисници кои, согласно анализата на Банката, исполнуваат најмалку еден од горенаведените критериуми ќе бидат контактирани од страна на Комерцијална банка по електронски пат со доставување ИНДИВИДУАЛНА ПОНУДА за промена на договорни услови за кредитните производи на физички лица. Корисниците во рок од 10 дена од доставувањето на понудата  треба да се изјаснат дали ја прифаќаат понудата (електронски, на линк кој ќе го добијат со понудата, или писмено, на официјалната адреса на Банката). Доколку во предвидениот рок не се изјаснат, ќе се смета дека понудата ја одбиваат и продолжуваат со редовна отплата на кредитните обврски.

Сите останати корисници на кредитни производи кои нема да бидат контактирани од страна на Банката, а кои сметаат дека исполнуваат некои од критериумите за одложена отплата на месечните обврски, потребно е да поднесат писмено барање до Банката во најкраток можен рок на електронската адреса: contact@kb.com.mk, со наведување на причините за потребата од одложување на отплатата. Барањата ќе се разгледуваат на индивидуална основа врз основа на презентирани документи и докази за намалени приходи, изгубено работно место или настанати потреби за лекување во изминатиот период. Сите барања за одложена отплата на обврските по истекот на важноста на Уредбата со законска сила за начинот на промената на договорните услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците (Сл.вес.бр.80 од 27.03.2020 и Сл.вес.бр.125 од 15.05.2020), а најдоцна до 30.09.2020 година, ќе се спроведуваат со писмени анекси кон договорите за кредитна изложеност и кон договорите за залог.

Корисниците кои ќе ја прифатат индивидуалната понудата може да продолжат со редовна отплата на обврските за кредитни производи и пред истекот на периодот од предложените 6 месеци врз основа на доставено барање до Банката по електронски пат на следната електронска адреса:  contact@kb.com.mk




31.08.2020 – Нови цени на услугите за безготовински трансакции на правни лица во Комерцијална банка


Во насока на обезбедување континуитет на висококвалитетна услуга за своите клиенти, Комерцијална банка АД Скопје изврши промена на цените на услугите за безготовински трансакции на правни лица. Новите цени ќе се применуваат од 01.09.2020 година.

 

Согласно измените во тарифата на Банката, зголемени се цените на дел од безготовинските трансакции за правни лица. Новите цени се објавени на веб-страната на Банката и се достапни на следниот линк.

 

Комерцијална банка останува посветена на пружање услуги кои ќе овозможат континуиран развој на вашиот бизнис, процес кој е гарантиран со постојано инвестирање во оперативните процеси и техничките платформи. Секако, на располагање на клиентите е и широката палета на дигитални финансиски услуги, кои обезбедуваат заштеда на време и се со значително пониски надоместоци отколку услугите преку шалтер.  

 

Тимот на Комерцијална банка стои на располагање за сите дополнителни информации во врска со услугите. Може да нѐ контактирате на (02) 3296 800 и на contact@kb.com.mk.


26.08.2020 – Комерцијална банка официјален спонзор на РК Вардар 1961


Комерцијална банка АД Скопје со гордост објавува дека стана официјален спонзор на РК Вардар 1961, македонскиот најтрофеен ракометен клуб. Пред стартот на новата сезона, европскиот шампион го претстави дресот за претстојните предизвици, на кој стои логото на Комерцијална банка.

 

Нашата ракометна гордост покажа дека со добра работа, професионален однос и длабока посветеност, не постои пречка што не може да се надмине. Тоа се вредностите што секојдневно ја водат и Комерцијална банка АД Скопје. Тоа ги прави Вардар 1961 и Комерцијална банка природни партнери. Заедно влегуваме во нови успеси и во афирмација на македонскиот спорт.

 

Банката континуирано е посветена на поддршка на македонската култура и спорт, препознавајќи и поттикнувајќи успешни приказни кои ја заслужуваат не само македонската, туку и меѓународната сцена. Вардар 1961 ги има освоено и двете, а со поддршката од Комерцијална банка заедно одиме кон нови победи!

 

vardar



27.08.2020 – Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка нема да работат на 28.08.2020


Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје нема да работат на 28.08.2020 година (петок) заради празнување на Голема Богородица.

 

Ги известуваме нашите клиенти дека за подигнување и уплата на готовина може да ги користат банкоматите на Банката, а за други финансиски трансакции на располагање ги имаат веб и мобилните апликации Интернет банката и мБанка. За корисниците на платежни картички 24/7 е отворена и дигитализираната експозитура на Комерцијална банка на улица Македонија во центарот на Скопје и дел од модернизираната експозитура Бисер во населба Аеродром.




26.08.2020 – мБанка достапна на платформата Huawei AppGallery


Апликацијата мБанка на Комерцијална банка АД Скопје стана достапна и за корисниците на новите модели мобилни телефони Huawei.

Корисниците на мБанка кои немаат Google Play Services, апликацијата за мобилно банкарство може да ја користат на платформата Huawei AppGallery. Апликацијата мБанка на едно место преку вашиот мобилен телефон овозможува повеќе услуги - увид на вашите сметки, трансакции и плаќања.

мБанка на платформата Huawei AppGallery може да ја инсталирате преку следниот ЛИНК.




26.08.2020 - Комерцијална банка објавува Оглас за вработување Стручен соработник за односи со клиенти во Сектор за кредитирање стопанство


Комерцијална банка АД Скопје вработува Стручен соработник за односи со клиенти во Секторот за кредитирање на стопанство на неопределено време.

Потребни квалификации и способности
:
 
  • Завршен Економски факултет ВС VII/1 или најмалку 180 (ЕКТС) кредити,
  • Најмалку 3 години работно искуство,
  • Познавање на англиски јазик и работа со компјутери,
  • Познавање на финансиска анализа на нефинансиски правни лица,
  • Познавање од оценка на инвестициони проекти и кредитно портофолио,
  • Познавање на управување со кредитно досие (барање, кредитна анализа, препорака со предлог-одлука за одобрување/неодобрување на барањето) и комплетирање и ажурирање на документација во кредитно досие,
  • Компетенции (комуникациски вештини, аналитички и статистички вештини, приоретизирање и организирање во работата, остварување резултати и квалитет, тимска работа).

 

Предност ќе имаат вработени во банкарски институции.

 

Работно време: 40 часа неделно од понеделник до петок од 08:00 до 16:00 часот.

Почетна основна нето-плата: 36.694,00 денари.

 

Огласот трае заклучно со 03.09.2020 година. Изборот ќе се изврши во рок од 45, 90 или 120 дена по истекот на рокот за пријавување, во зависност од бројот на пријавени кандидати.

 

Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат горенаведените критериуми треба да пратат кратка биографија (CV), мотивациско писмо и уверение за завршено образование на следната адреса: Сектор за човечки ресурси и општи работи, Комерцијална банка АД Скопје, ул.Орце Николов бр.3, 1000 Скопје, или на e-mail адреса vrabotuvanje@kb.com.mk, со назнака: „Oглас за вработување на Стручен соработник за односи со клиенти во Секторот за кредитирање на стопанство”.

Лице за контакт: Меглена Димитрова тел: 3-168-412

Некомплетната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање нема да бидат разгледувани. На интервју ќе бидат повикани само апликантите кои ќе влезат во потесен круг.




24.08.2020 – Исплатата на пензиите за август започнува на 26.08.2020 година


Комерцијална банка АД Скопје ќе започне со исплата на пензиите за август од среда, 26.08.2020 година. Пензионерите кои имаат активна дебитна картичка со својата пензија ќе може да располагаат од среда и ќе може да ја подигнат на банкомат или да ја користат за безготовинско плаќање.

 

Исплатата на пензионерите кои не користат платежни картички ќе биде организирана во четири групи, според висината на пензијата, согласно следниот распоред:

 

  • среда 26.08.2020 година, исплата на пензии до 11.000 денари
  • четврток 27.08.2020 година, исплата на пензии од 11.001 до 14.000 денари
  • понеделник 31.08.2020 година, исплата на пензии од 14.001 до 18.000 денари
  • вторник 01.09.2020 година, исплата на пензии над 18.000 денари

 

За пензионерите кои досега пензијата ја примале преку Еуростандард банка, а до 21.08.2020 година не успеале да отворат трансакциска сметка во друга банка, ќе има дополнителна исплата во текот на септември. Примателите на пензија кои веќе имаат отворено трансакциска сметка во Комерцијална банка августовската пензија ќе ја добијат во периодот од 26.08 до 01.09, согласно висината на пензијата. Со цел да им помогне полесно да ги надминат евентуалните финансиски потешкотии, Банката им одобри дозволено пречекорување во висина на една пензија на сите пензионери кои по затворањето на Еуростандард банка преминаа во Комерцијална.

 

За да се избегнат редиците и да се заштити здравјето од Коронавирусот на сите корисници на банкарски услуги, апелираме при посетата на филијалите и експозитурите на Комерцијална банката строго да се почитува наведениот распоред, задолжително да се носи лична заштитна опрема на лицето (заштитна маска, марама или шал), да се држи пропишаното минимално растојание и да се врши дезинфекција на рацете.





А Р Х И В А