Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



14.09.2020 - Соопштение до депонентите на Еуростандард банка АД во стечај, за чие обесштетување е надлежна Комерцијална банка АД Скопје


На 15 септември 2020 година (вторник), преку Комерцијална банка АД Скопје ќе започне обесштетувањето на осигурениот износ на депозитот на депонентите на Еуростандард банка АД во стечај, чие ПРЕЗИМЕ почнува на буквите А, Б, В, Г или Д. Во исто време ќе се обесштетуваат и депонентите – самостојни вршители на дејност со личен труд, кои во Еуростандард банка биле регистрирани како ТП (трговец поединец) или Адвокат (име и презиме) или со назив на дејноста доколку првата буква од називот е А, Б, В, Г или Д.
 
Обесштетувањето ќе се извршува во експозитурите и филијалите на Комерцијална банка АД Скопје на целата територија на државата. Повеќе информации за експозитурите и филијалите, како и за нивното работно време може да добиете на следниов ЛИНК.
 

Депонентите, освен лично присуство, треба да приложат и валиден документ за идентификација, и тоа:

  • физички лица резиденти - лична карта или пасош издадени од МВР на РСМ,
  • физички лица нерезиденти – странски пасош,
 

Самостојни вршители на дејност со личен труд треба да обезбедат:

  • Тековна состојба од Централен регистар на РСМ не постара од 3 месеци (оригинал на увид),
  • Лична карта или пасош од овластеното лице за застапување на регистрираното лице за вршење самостојна дејност,
  • Барање за пренос на средства (барањето е изготвено од страна на Банката а се пополнува лично од овластеното лице за застапување на регистрираното лице за вршење самостојна дејност и се заверува со печат).
 
Потврдата за сопственост на депозитот ќе се потпишува директно во Банката кога депонентот ќе дојде за да го оствари правото на обесштетување. За да се оствари правото на исплата на обесштетувањето, депонентот мора да ја подигне и потпише потврдата на шалтер во Комерцијална банка АД Скопје.
 
Обесштетувањето се врши во денари, при што износот за обесштетување на секој поединечен депонент, согласно законските прописи, е утврден од страна на Фондот за осигурување депозити и максималниот износ е 1.850.889 денари.
 
Доколку износот за обесштетувањето на депоненто - физичко лице резидент е еднаков или поголем од 5.001,00 денари, депонентот има постоечка активна сметка во Комерцијална банка или има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциските сметки, исплатата на обесштетувањето ќе се врши со пренос на средствата на денарска трансакциска сметка во Комерцијална банка АД Скопје (постоечка или новоотворена сметка на име на депонентот, која ќе се отвори согласно законските прописи). Истата постапка се однесува и за физичко лице нерезидент (за кој било износ на обесштетување). За физички лица резиденти со депозит на износ до 5.000,00 денари, кои немаат активна сметка во Банката и немаат активни блокади во ЕРТС, исплатата ќе се врши готовински.
 
За самостојни вршители на дејност со личен труд исплатата ќе се врши со пренос на постоечка или новоотворена сметка на депонентот врз основа на претходно пополнето Барање за пренос на средства во кое ќе биде наведено на која трансакциска сметка на вршителот на самостојна дејност да бидат пренесени средствата.
 
Депонентите физички лица своето право на обесштетување треба да го регулираат лично или преку својот законски застапник/старател наведен во Потврдата за сопственост на депозитот. Доколку законскиот застапник/старател не бил претходно евидентиран во Еуростандард банка АД, потребно е приложување валидна документација за негово докажување, како и нејзино соодветно ажурирање во документите за обесштетување.
 
Доколку депонентот физичко лице е спречен лично да го оствари своето право на обесштетување, истото може да го изврши преку лице овластено врз основа на полномоштво заверено од нотар, со прецизни инструкции за потпишување на потврдата и/или отворање сметка во име на депонентот (текстот на Полномошното може да се подигне во која било експозитура или филијала на Комерцијална банка АД Скопје).
 
Полномоштвата, кои депонентите физички лица веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници за депозитот во Еуростандард банка АД Скопје, ќе важат при потпишување на Потврдата за сопственост на депозит, но не и за отворање на потребната сметка на име на депонентот (за што е потребно полномоштво заверено од нотар наведено погоре).
 
Во случај кога сопственикот на депозитот е починато лице, неговите наследници треба да се обратат во Фондот за осигурување депозити и да приложат документи за идентификација и наследно решение со цел да се спроведе исплатата на обесштетувањето.
 
За физичките лица наведени погоре, кои имаат ажурни лични податоци и валиден документ за идентификација, обесштетувањето ќе се спроведува во Комерцијална банка АД Скопје без потреба од посета на Фондот за осигурување на депозити и без посета на просториите на Еуростандард банка АД во стечај. Доколку Комерцијална банка АД Скопје утврди потреба од ажурирање на личните податоци на кое било физичко лице депонент/законски застапник/старател/полномошник кое се легитимира во Банката за регулирање на обесштетувањето, ќе го упати лицето во Фондот за осигурување депозити за спроведување на ажурирањето на податоците, по што Банката ќе го изврши обесштетувањето почнувајќи од следниот работен ден.
 
Секој депонент кој е распределен во Комерцијална банка АД Скопје ќе има на располагање 36 месеци, односно 3 години, почнувајќи од 15.09.2020 година, за остварување на своето право на обесштетување преку Банката. По истекот на овој временски период, исплатата на обесштетување ќе се врши преку Фондот за осигурување депозити.
 
За сите дополнителни информации Ве молиме да се обратите во Контакт - центарот на Банката на телефонскиот број (02) 3 296 800 и на електронската адреса: contact@kb.com.mk.





03.12.2020 – Комерцијална банка прогласена за Банка на годината во 2020 година од магазинот „The Banker“


1
2

 

Комерцијална банка АД Скопје со гордост објавува дека е прогласена за „Банка на годината во 2020 година“ во Република Северна Македонија од страна на престижниот финансиски магазин „The Banker“. Освен како високо признание за постигнатите резултати во работењето, значењето на наградата е уште поголемо бидејќи таа е признание и за лидерството што го покажа Банката во оваа година во која земјава, како и целиот свет, со соочува со пандемија од досега невидени размери.

 

На свеченото прогласување на победниците, што се одржа вчера вечер (02.12.2020 година) во Лондон преку интернет презентација заради вонредните услови наметнати од вирусот Covid-19, свое обраќање имаше д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

 

Во своето обраќање д-р Стевкова Штериева се заблагодари во името на тимот на Комерцијална банка за доделувањето на оваа престижна награда.

„Оваа година беше и сè уште е многу тешка заради условите наметнати од вирусот Covid-19. Ние ги вложуваме сите напори за да одржиме континуитет во нашите активности и да ги обезбедиме сите банкарски услуги за нашите клиенти на начин кој обезбедува и заштита на здравјето. Ќе продолжиме да работиме на истиот начин и во иднина“, порача д-р Стевкова Штериева.

 

3

 

Комерцијална банка ја добива наградата „Банка на годината“ од „The Banker“ по 8-ми пат. За оваа награда, која се смета за „стандард за банкарска извонредност“, магазинот The Banker (издание на Financial Times), разгледува широк спектар на критериуми. Наградата се доделува на банките кои покажале успешни финансиски резултати, успех во целокупната деловна стратегија со која оствариле конкурентска предност, унапредување и развој на технологијата и на производите и услугите, како и соодветен одговор на кризата наметната од Covid-19.

 

Магазинот „The Banker“ ја смета 2020 за година во која, повеќе од кога било досега, банкарскиот сектор се соочува со невидени предзвици . Членовите на жирито при изборот на најдобрите банки особено внимание посветиле на тоа кои банки беа лидери во излегувањето во пресрет на потребите на клиентите и на одржувањето флексибилност во услови на пандемија.

 

Остварените резултати секоја година ја рангираат Комерцијална банка во самиот врв на македонскиот банкарски сектор. Банката ја гради својата лидерска позиција преку професионално, стручно и одговорно работење, континуирана финансиска поддршка за раст и развој на компаниите, и понуда на иновативни производи и услуги креирани согласно потребите на клиентите. Инвестициите во технолошката инфраструктура на Банката го доведоа дигиталниот свет на банкарски услуги поблиску до граѓаните и компаниите. А, помошта и поддршката што ја дава Комерцијална банка за општеството придонесоа за унапредување и подобрување на образовниот процес, здравствениот сектор, културата, уметноста. Наградата „Банка на годината“ е доказ дека се движиме во вистинската насока.




01.12.2020 – Со онлајн апликација побрзо до трансакциска сметка и дебитна картичка од Комерцијална банка


апликација

Сега веќе едноставно и брзо можете онлајн да отворите трансакциска сметка и да добиете дебитна картичка од Комерцијална банка. Поднесете го барањето онлајн, преку веб -  страницата на Банката, а ние ќе ви отвориме сметка и ќе ја изработиме дебитната картичка што вие ќе ја изберете.

 

Банката ќе ги подготви сите потебни документи врз основа на онлајн поднесеното Барање и добиените лични податоци, по што може да си ја подигнете картичката и да ги потпишете документите во експозитурата или филијалата на Комерцијална банка што сами ќе ја изберете.

 

За трансакциска сметка и дебитна картичка од Комерцијална банка може да аплицирате на следниот ЛИНК.

 

Со оваа новина Комерцијална банка ви овозможува брзо и лесно да станете клиент на Банката, со што понатаму ги имате на располагање разните видови производи и услуги, од кои повторно голем дел ви се на располагање на вашиот мобилен телефон или компјутер преку апликацијата мБанка или Интернет банка. Со Комерцијална банка ги добивате сите потребни алатки за современо менаџирање со вашите средства.




25.11.2020 – Комерцијална банка со уште една општествено одговорна мисија – Он-лајн обуки за практични вештини и знаење на 500 средношколци


Vestini

Во услови на пандемија од вирусот
Covid-19 и ограничен пристап на учениците до наставните процеси, Комерцијална банка успеа на 500 средношколци од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ од Скопје да им пренесе практични вештини и знаење на теми од суштинско значење за нивното образование, идно вработување и градење здрави финансиски навики.

Преку он-лајн предавања, заради почитување на здравствените протоколи, вработени од Банката на ученици од прва година од насоките Економски/Правен техничар и Економија, право и трговија им споделија значајни и корисни содржини на следниве теми:    

- Финансиска писменост и финансиско штедење

- Комуникации при барање работа и интервју за работа

- Комуницирање во правен субјект (состаноци, преговарање и интерна комуникација во компанијата)

- Кодекс на однесување во компанија и деловен бонтон

Комерцијална банка со овој проект продолжува со својата општествено одговорна мисија и придонес за поквалитетно образование, а го даде и својот придонес во одбележувањето на Деновите на финансиска писменост.

„Штедењето беше првата тема на овој серијал. Јасно е дека штедењето придонесува за стабилен економски и културен развој. Неизвесноста што ја носи иднината е причина плус за постојано потенцирање на принципите на економичност и рационалност во носење на одлуките. Идејата е оваа матрица да ја всадиме кај секого уште од мали нозе. Ваквиот системски пристап ќе даде резултат на долг рок во сите делови на живеењето и на сите нивоа на државата. Сериозен, индивидуален и институционален, пристап кон културата на штедење ќе ја зголеми благосостојбата на секој поединец и на општеството во целост“, изјави Љупчо Котевски, директор на Дирекцијата за депозитно работење.

Предавањата беа во рамките на Програмата на училиштето за феријална практика, која пак е задолжителен елемент од наставниот курикулум во дуалното стручно образование. Таа дава можност сите ученици кои ја следат да се запознаат и да стекнат знаења и вештини во одредено подрачје, директно пренесени од работодавец.

„Соработката со Комерцијална банка започна во октомври - месец на штедењето. Целта беше учениците од нашето училиште да бидат запознаени со финансиското штедење и писменост од страна на еден од главните столбови на финансиското работење во Република Северна Македонија. Таа соработка прерасна во процес на реализација на феријалната практика, за првпат онлајн, почитувајќи ги здравствените протоколи и здравјето на учесниците. Горди сме и благодарни што соработуваме со вистински професионалци во својата област, кои несебично се заложуваат за унапредување на знаењата и вештините на нашите ученици, мотивирајќи ги во иднина да се вклучат на пазарот на трудот и да бидат дел од успехот на секоја компанија“, вели директорката на СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, м-р Тања Јовановска.

Основна карактеристика на феријалната практика е во текот на нејзината реализација учениците да градат ставови и да размислуваат за својот личен и кариерен развој во вистински работни услови.




25.11.2020 – Исплатата на пензиите за ноември започнува на 26.11.2020 година


Комерцијална банка АД Скопје ќе започне со исплата на пензиите за ноември од четврток, 26.11.2020 година. Пензионерите кои имаат активна дебитна картичка со својата пензија ќе може да располагаат од четврток и ќе може да ја подигнат на банкомат или да ја користат за безготовинско плаќање.

 

Исплатата на пензионерите кои не користат платежни картички ќе биде организирана во четири групи, според висината на пензијата, согласно следниот распоред:

 

  • четврток, 26.11.2020 година, исплата на пензии до 11.000 денари
  • петок, 27.11.2020 година, исплата на пензии од 11.001 до 14.000 денари
  • понеделник, 30.11.2020 година, исплата на пензии од 14.001 до 18.000 денари
  • вторник, 01.12.2020 година, исплата на пензии над 18.000 денари

 

За да се избегнат редиците и да се заштити здравјето на сите корисници на банкарски услуги од корона вирусот, апелираме при посетата на филијалите и експозитурите на Комерцијална банката строго да се почитува наведениот распоред, задолжително да се носи лична заштитна опрема на лицето (заштитна маска, марама или шал), да се држи пропишаното минимално растојание и да се врши дезинфекција на рацете.


24.11.2020 – Комерцијална банка донираше лаптопи на ученици од 14 општини


Donacija

 

Лекциите,наставниците и другарчињата сега се достапни за 46 ученици на кои Комерцијална банка АД Скопје им донираше лаптопи со цел да им овозможи да ја следат наставата онлајн. На талентираните и желни за учење дечиња од основни и средни училишта од 14 општини во земјава им беа предадени лаптопите од страна на вработени во Банката со желба да имаат успех во учењето во овие вонредни услови и да останат посветени на своето образование и понатаму во животот.

 

Комерцијална банка оваа година одлучи наместо за репрезентативен материјал по повод Новогодишните празници да одвои средства за донација на лаптопи на ученици. Со тоа, Банката, како општествено одговорна компанија, во услови на глобална пандемија го даде својот придонес и за обезбедување достапно и квалитетно образование на деца кои досега немаа таква можност.

 

Ова не е првпат Комерцијална банка да го поддржува образовниот процес во земјава. Досега се донирани стотици компјутери за потребите на повеќе училишта. Банката е редовно посетувана од ученици кои од нашите вработени учат за парите, нивното одговорно трошење и штедење. Комерцијална банка е партнер на повеќе образовни институции во овозможувањето пракса за ученици и студенти, со цел и практично да им го доближи финансиското работење.

 

„Финансиската училница“ на Комерцијална банка, пак, за една година реализираше предавања на 520 деца во 11 средни и три основни училишта, на кои им пренесе финансиско знаење и информации за тоа како правилно да ги користат финансиските производи.

 

Банката останува посветена на својата мисија за помагање и унапредување на образовниот процес бидејќи децата се носителите на идниот развој во државата.




24.11.2020 – Ново од Интернет банка на Комерцијална банка: оn-line аплицирање за кредитни картички и поднесување рекламации за трансакции со картички


OnlineAppCD_portal
 

Комерцијална банка им овозможи електронско (online) аплицирање за кредитни картички за физички лица на сите корисници на услугата Интернет банка кои имаат опција за плаќање. Оваа дигитална услуга може да ја искористат за да аплицираат за сите кредитни картички што ги издава Банката, вклучително и новиот СМАРТ кредит преку картичка.

 

Опцијата е достапна откако ќе се најават на Интернет банка и ќе ја изберат во менито „Online апликации“. За да се поднесат барањето за кредитна картичка и потребните документи неопходно е барателот да има важечка листа на кодови за плаќање или токен. Во овој дел  ќе може да се следи и статусот на поднесеното барање.

 

Во истото мени, „Online апликации“, отсега ќе може да се врши и рекламација за трансакција со картичка само со поднесување на потребните податоци за трансакцијата.

 

Искористете ги привилегиите што ви ги нуди Интернет банка на Комерцијална банка и чувајте го вашето и здравјето на другите.



23.11.2020 – Потврдата за платен данок на дивиденда од Комерцијална банка достапна во електронска форма


Отсега, пресметката за платен данок на дивиденда исплатена од Комерцијална банка АД Скопје, во 2020 година за добивката остварена во 2019 година е достапна во електронска форма преку апликацијата Интернет банка.

 

Корисниците (физички лица – резиденти) на електронско банкарство на Комерцијална банка, кои во исто време се и акционери на Банката, можат на едноставен и брз начин, откако ќе се најават на апликацијата, да ја симнат потврдата за платен данок. Документот се наоѓа во Главното мени, на линкот „Персонален данок“.

 

На акционерите, правни лица и физички лица кои не се корисници на електронско банкарство на Комерцијална банка, потврдата за платен данок на дивиденда ќе им биде доставена во печатена форма по пошта.




20.11.2020 – Избегнете ги шалтерите со дигиталните услуги на Комерцијална банка


BankomatiNews

 

Потребата од посета на шалтерите на Комерцијална банка АД Скопје станува сѐ помала бидејќи дигиталните услуги и производи на Банката стануваат сѐ подостапни. Со континуирани инвестиции во современите банкарски технологии Комерцијална банка го прави побрзо и полесно извршувањето на финансиските трансакции, а ви овозможува и поголема заштита на здравјето во услови на панедмија од вирусот Covid-19.

 

Можноста за уплата на готовина на банкомат веќе е достапна на 27 банкомати на Банката, распоредени низ целата држава. Сите физички лица, корисници на кредитни и дебитни картички, како и сите правни лица корисници на дебитни картички издадени од Комерцијална банка, може да вршат уплата на книжни и полимерни банкноти во апоени од 10, 50, 100, 200, 500, 1.000 и 2.000 денари. Улатените средства се евидентираат на сметката поврзана со картичката со која се прави трансакцијата, односно на основната трансакциска сметка на правното лице - имател на картичката.

 

Секако, на овие банкомати може и да подигате готовина, за што ви стои на располагање и мрежата од вкупно 169 банкомати низ државава, од кои 30 веќе се со екран на допир.

 

Не морате да одите на шалтер дури ни за плаќање сметки за јавни услуги (А1, ЕВН, БЕГ, Телеком и Телекабел), печатење извод од трансакциска сметка на физичко лице, замена на евра во денари. Тоа може да го извршите едноставно и брзо преку дигиталните киосци на Комерцијална банка лоцирани во Дигиталната експозитура на ул. Македонија и во реновираната експозитура Бисер во Скопје.

 

Комплетната листа на банкомати на Комерцијална банка, со информации за функциите што ги нудат, е достапна на следниот ЛИНК.

 

Уживајте во погодностите што ви ги нуди Комерцијална банка АД Скопје и бидете одговорни и кон вашите финансии и кон вашето здравје во исто време.




18.11.2020 – Известување за лажна Facebook страница


Почитувани,

 

На Facebook е забележана страница која има објавено видео-содржина со која повикува на симнување апликација (игра) и алудира на брза добивка на пари. Во видеото се прикажува лажна СМС порака од Комерцијална банка за прилив на средства.

 

Ве известуваме дека Комерцијална банка АД Скопје нема никаква врска со оваа активност и во моментов не организира никаква наградна игра преку Facebook или преку апликација. Уште еднаш ве советуваме да бидете исклучително внимателни кога ги споделувате вашите лични податоци додека сте на Интернет.

 

Страницата и видео-содржината веќе се пријавени на Facebook како измама. По целосна анализа на случајот, Банката ќе преземе соодветни мерки пред надлежните институции согласно позитивните законски прописи.

 

Ваша, Комерцијална банка

 




13.11.2020 – Комерцијална банка по 10-ти пат наградена од Global Finance за „Најдобар FX провајдер“


sl

 

Комерцијална банка АД Скопје се стекна со награда за „Најдобар FX Провајдер во Република Северна Македонија“ (најдобар давател на услуги од областа на девизните пазари) од страна на угледниот светски магазин Global Finance, со седиште во Њујорк, САД.

 

Ова е десетто по ред признание за најуспешно работење на Комерцијална банка АД Скопје во доменот на тргување со финансиски инструменти во земјава, доделено од Global Finance.

 

Изборот за најдобар „FX Провајдер“ на финансиските пазари во Северна Македонија е направен врз основа на неколку критериуми, кои вклучуваат: големина на трансакции, пазарно учество, обем на глобална покриеност, ниво на услуга кон клиентите, конкурентни цени и користење иновативни технологии.

 

Прогласувањето на Комерцијална банка за „Најдобар FX Провајдер во Република Северна Македонија“ е уште една потврда за високиот квалитет на услуги кои Банката ги нуди и за нејзината лидерска позиција во областа на тргување на домашните и на глобалните финансиски пазари.




10.11.2020 - СМАРТ кредит преку картичка – нов кредит од Комерцијална банка


PROnjavaNews

 

Со новиот СМАРТ кредит од Комерцијална банка АД Скопје добивате потрошувачки кредит и кредитна картичка во едно. Уште поважно, располагате со максимум 400.000 денари, кои ги трошите секогаш кога имате потреба од нив. СМАРТ кредитот е со едноставна процедура за одобрување и без ограничен рок на важност.

 

Овој кредит има уште една поволност за корисниците, во случај на спреченост за отплата вклучува осигурување без надомест, преку Триглав Осигурување.

 

Расположивите средства од кредитот ви се достапни 24 часа на ден преку банкомат. Секако, преку услугите Интернет банка, мБанка и SMS банкарство во секое време можетеда ги следите промените во состојбата на вашата сметка.

 

Искористете го промотивниот период до 31.12.2020 година и аплицирајте за СМАРТ кредит без надомест за аплицирање и обработка на вашата документација.

 

Дознајте ги сите детали и поволности на СМАРТ кредитот на следниот линк.




06.11.2020 - Комерцијална банка спонзор на јубилејниот концерт на „Скопски солисти“


солисти

 
Комерцијална банка АД Скопје е спонзор на јубилејниот концерт на Камерниот оркестар „Скопски солисти“, насловен како „Јубилеј 20 години уметничка дејност на Камерниот оркестар Скопски солисти“.

На концертот како солисти ќе настапат тенорот со светска кариера Благој Нацоски, познатата примадона Весна Гиновска-Илкова – сопран и виртуозниот обоист Томе Атанасов, а под диригентската палка на  Иван Еминовиќ.

Овој јубилеен концерт ќе се одржи на 9 ноември во салонот на Националната опера и балет.

Ова е несекојдневен и, по многу нешта, единствен концерт од ваков вид, кој Комерцијална банка АД Скопје го поддржува со цел зачувување и истакнување на уникатните вредности на македонската култура.







А Р Х И В А





Веб-страницата на Комерцијална банка АД Скопје користи колачиња (cookies). Колачињата (cookies) се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство. Повеќе информации за начинот на користење и како да ги промените Вашите подесувања за користење на колачињата, може да најдете во документот Политика за колачиња (cookies).
Прифаќам