Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



03.12.2020 – Комерцијална банка прогласена за Банка на годината во 2020 година од магазинот „The Banker“


1
2

 

Комерцијална банка АД Скопје со гордост објавува дека е прогласена за „Банка на годината во 2020 година“ во Република Северна Македонија од страна на престижниот финансиски магазин „The Banker“. Освен како високо признание за постигнатите резултати во работењето, значењето на наградата е уште поголемо бидејќи таа е признание и за лидерството што го покажа Банката во оваа година во која земјава, како и целиот свет, со соочува со пандемија од досега невидени размери.

 

На свеченото прогласување на победниците, што се одржа вчера вечер (02.12.2020 година) во Лондон преку интернет презентација заради вонредните услови наметнати од вирусот Covid-19, свое обраќање имаше д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

 

Во своето обраќање д-р Стевкова Штериева се заблагодари во името на тимот на Комерцијална банка за доделувањето на оваа престижна награда.

„Оваа година беше и сè уште е многу тешка заради условите наметнати од вирусот Covid-19. Ние ги вложуваме сите напори за да одржиме континуитет во нашите активности и да ги обезбедиме сите банкарски услуги за нашите клиенти на начин кој обезбедува и заштита на здравјето. Ќе продолжиме да работиме на истиот начин и во иднина“, порача д-р Стевкова Штериева.

 

3

 

Комерцијална банка ја добива наградата „Банка на годината“ од „The Banker“ по 8-ми пат. За оваа награда, која се смета за „стандард за банкарска извонредност“, магазинот The Banker (издание на Financial Times), разгледува широк спектар на критериуми. Наградата се доделува на банките кои покажале успешни финансиски резултати, успех во целокупната деловна стратегија со која оствариле конкурентска предност, унапредување и развој на технологијата и на производите и услугите, како и соодветен одговор на кризата наметната од Covid-19.

 

Магазинот „The Banker“ ја смета 2020 за година во која, повеќе од кога било досега, банкарскиот сектор се соочува со невидени предзвици . Членовите на жирито при изборот на најдобрите банки особено внимание посветиле на тоа кои банки беа лидери во излегувањето во пресрет на потребите на клиентите и на одржувањето флексибилност во услови на пандемија.

 

Остварените резултати секоја година ја рангираат Комерцијална банка во самиот врв на македонскиот банкарски сектор. Банката ја гради својата лидерска позиција преку професионално, стручно и одговорно работење, континуирана финансиска поддршка за раст и развој на компаниите, и понуда на иновативни производи и услуги креирани согласно потребите на клиентите. Инвестициите во технолошката инфраструктура на Банката го доведоа дигиталниот свет на банкарски услуги поблиску до граѓаните и компаниите. А, помошта и поддршката што ја дава Комерцијална банка за општеството придонесоа за унапредување и подобрување на образовниот процес, здравствениот сектор, културата, уметноста. Наградата „Банка на годината“ е доказ дека се движиме во вистинската насока.






27.09.2021 – Исплатата на пензиите за септември започнува на 28.09.2021 година


 

Комерцијална банка АД Скопје ќе започне со исплата на септемвриските пензии од вторник, 28.09.2021 година. Пензионерите кои имаат активна дебитна картичка со својата пензија ќе може да располагаат од вторник и ќе може да ја подигнат на банкомат или да ја користат за безготовинско плаќање низ трговската мрежа.  

 

Исплатата на пензионерите кои не користат платежни картички ќе биде организирана во четири групи, според висината на пензијата, согласно следниот распоред:

 

  • вторник 28.09.2021 година, исплата на пензии до 11.000 денари
  • среда 29.09.2021 година, исплата на пензии од 11.001 до 14.000 денари
  • четврток 30.09.2021 година, исплата на пензии од 14.001 до 18.000 денари
  • петок 01.10.2021 година, исплата на пензии над 18.000 денари

 

За да се избегнат редиците и да се заштити здравјето од вирусот Covid-19 на сите корисници на банкарски услуги, апелираме при посетата на филијалите и експозитурите на Комерцијална банка строго да се почитува наведениот распоред, задолжително да се носи лична заштитна опрема на лицето (заштитна маска, марама или шал), да се држи пропишаното минимално растојание и да се врши дезинфекција на рацете.


15.09.2020 – Комерцијална банка спонзор на ИФФК „Браќа Манаки“


манаки

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ со целата своја уметничка вредност годинава се враќа во Битола со своето 42-ро издание. Филмските уметници и нивните љубители од 16 до 21 септември во Битола, преку една хибридна форма, ќе имаат можност да уживаат во програмата на фестивалот која содржи 10 долгометражни и 10 кратки филмови.

 

Комерцијална банка, како верен партнер на „Браќа Манаки“, и годинава финансиски го помогна одржувањето на Фестивалот затоа што тој го заслужува целиот свој гламур што низ годините го носеше со себе, а кој минатата година падна во сенка на пандемијата од вирусот Covid-19.

 

Фестивалот годинава ќе се одбележи со еден централен настан во Пациото на Музејот на Битола, под мотото „И покрај сѐ“. Во кратката програма, македонска премиера ќе има филмот „Северен пол“ на Марија Апчевска.

 

Фестивалската награда „Златна камера 300 за животен опус“ годинава ќе му биде доделена на австрискиот кинематограф Кристијан Бергер, а добитник на „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, што ја доделува Друштвото на филмски работници на Република Северна Македонија, е актерот Бајрам Северџан.




10.09.2021 – Комерцијална банка ги очекува вашите апликации за вработување во Секторот за информатичка технологија


ИТвработување
 

 
Можност за вработување во Секторот за информатичка технологија, кое ќе ви обезбеди професионален и личен развој, ви овозможува Комерцијална банка АД Скопје доколку ја испратите вашата on-line апликација на следниот линк: https://www.kb.com.mk/Default.aspx?sel=1710&lang=1&uc=39&rnd=1135

 

Комерцијална банка ги поттикнува да аплицираат сите заинтересирани кои поседуваат знаења од: 

  • C#, .NET, CSS, Javascript, jQuery, T-SQL,
  • Android или iOS,
  • администрирање бази на податоци (SQL или ORACLE),
  • администрирање оперативни системи (Windows, Linux, VMWARE, SAN, инфраструктура за backup),
  • администрирање активна комуникациска опрема (CISCO, Check Point и слично), е-маил системи (EXCHANGE, Symantec), IP телефонија (CISCO, Avaya) или
  • сервисирање банкомати и компјутерска опрема (компјутери, принтери, скенери)

 

Сите апликации ќе станат дел од базата на потенцијални кандидати за вработување и во моментот кога ќе се појави потреба од ново вработување, Комерцијална банка ќе ги контактира кандидатите кои пројавиле интерес.




10.09.2021 – На „Инвеститорскиот ден“ на Македонската берза, Комерцијална банка ќе овозможи тргување со акции без провизија


инвестициски

Комерцијална банка и оваа година активно се вклучи во одбележување на „Инвеститорскиот ден“ на Македонската берза на 13.09.2021 година (понеделник) и на домашните физички лица ќе им овозможи да купуваат или продаваат акции без плаќање провизија за брокерски услуги кон Банката.

 

Целта на оваа иницијатива е промовирање на уште поактивно учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и вложување на населението во акции издадени од домашните компании што се тргуваат на Македонската берза, односно зголемување на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава. Од тие причини, на „Инвеститорскиот ден“ сите домашни физички лица ќе можат да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без трансакциски трошоци кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива. При тоа ќе треба да бидат исполнети следните услови:

 

  • Инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од наведените членки на Берзата;
  • Износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10.000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои истиот ќе биде остварен;
  • Трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.

 

Иницијативата на Македонската берза е прифатена и во неа активно се вклучија Централниот депозитар за хартии од вредност, осум членки на Берзата, а доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.


07.09.2021 – Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка нема да работат на 08.09.2021


Почитувани клиенти,

 

Ве известуваме дека филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје нема да работат на 08.09.2021 г. (среда) заради празнување на Денот на независноста 8 Септември.

 

За подигнување и уплата на готовина може да ги користите банкоматите на Банката, а за други финансиски трансакции на располагање ги имате веб и мобилните апликации Интернет банка и мБанка.

 

За корисниците на платежни картички, 24/7 во Скопје се отворени дигитализираната експозитура на Комерцијална банка на улица „Македонија“ и дигиталните делови од експозитурите ГТЦ и Бисер, како и дигиталниот дел во експозитурата во Дебар.




03.09.2021 – Комерцијална банка вработува Стручен соработник за односи со клиенти во Секторот за кредитирање на стопанство


вработување



Работна позиција:
Стручен соработник за односи со клиенти во Секторот за кредитирање на стопанство.

Тип на вработување: На неопределено време.

Работно време: 40 часа неделно од понеделник до петок од 08:00 до 16:00 часот.

Почетна основна нето-плата: 34.673,00 денари.

Огласот важи до 10.09.2021 година.

 

Потребни квалификации и способности: 

  • Завршен Економски факултет ВС VII/1 или најмалку 180 (ЕКТС) кредити,
  • Најмалку 5 години работно искуство од областа на корпоративното кредитирање и работа со правни лица,
  • Познавање на англиски јазик и работа со компјутери,
  • Познавање на финансиска анализа на нефинансиски правни лица,
  • Познавање од оценка на инвестициони проекти и кредитно портофолио,
  • Познавање на управување со кредитно досие (барање, кредитна анализа, препорака со предлог-одлука за одобрување/неодобрување на барањето), комплетирање и ажурирање на документација во кредитно досие.

 

Би било одлично доколку поседувате:

  • Комуникациски вештини,
  • Аналитички и статистички вештини,
  • Приоретизирање и организирање во работата,
  • Остварување резултати и квалитет,
  • Тимска работа.

 

Придобивки за Вас:

 

  • Комфорна, пријателска и тимска работна атмосфера,
  • Трајно вработување и конкурентна плата,
  • Можност за личен и професионален раст и развој во стабилна средина,
  • Спортски активности,
  • Користење на Библиотека,
  • Општествено одговорни активности.

 

 

 

Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат горенаведените критериуми треба да пратат кратка биографија (CV), мотивациско писмо и уверение за завршено образование на следната адреса: Сектор за човечки ресурси и општи работи, Комерцијална банка АД Скопје, ул.Орце Николов бр.3, 1000 Скопје, или на e-mail адреса vrabotuvanje@kb.com.mk, со назнака: „Oглас за вработување Стручен соработник за односи со клиенти во Секторот за кредитирање на стопанство”.

 

Лице за контакт: Даниела Младеновска, тел: (02) 3168-461

 

Некомплетната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање нема да бидат разгледувани. На интервју ќе бидат повикани само апликантите кои ќе влезат во потесен круг.

 

Изборот ќе се изврши во рок од 45, 90 или 120 дена по истекот на рокот за пријавување, во зависност од бројот на пријавени кандидати.

 

Предност ќе имаат вработени во банкарски институции.

 

Напомена: Секоја апликација за вработување ќе биде третирана како строго доверлива. Според Законот за заштита на личните податоци, со самото доставување на Вашата апликација за работа за потребите на Банката согласни сте Вашите лични податоци да се обработуваат во процесот на селекција на кадри. Банката гарантира дека, освен за наведениот случај, Вашите лични податоци нема да бидат користени за ниту една друга цел, ниту, пак, достапни на трети лица. Банката обезбедува соодветно ниво на безбедност на личните податоци, согласно законската, подзаконската регулатива и интерните акти, вклучувајќи заштита од неовластена или незаконска обработка, како и заштита од нивно случајно губење, уништување или оштетување.




01.09.2021 - Здружението на оштетени штедачи врз основа на погрешни информации изнесува неточни заклучоци за докапитализацијата на Еуростандард банка


Врз основа на погрешни и невистинити информации за извршената докапитализација на Еуростандард банка во 2019 година Здружението на оштетени штедачи Правда за штедачи доаѓа до погрешни заклучоци и во повеќе наврати, веруваме несвесно и ненамерно, ја дезинформира јавноста.

 

Доколку сакаат да бидат на страната на вистината, во документацијата за работењето на Еуростандард банка (во стечај), до која очигледно имаат пристап и на која многу често се повикуваат во своите тврдења, Здружението може да види како и во колку наврати Комерцијална банка излегла во пресрет на потребите на Еуростандард банка со цел да ѝ помогне на банката да го избегне најлошото сценарио.

 

За докапитализацијата на Еуростандард банка во 2019 година, на барање на г-динот Трифун Костовски и без никакво посредништво на НБРСМ, Комерцијална банка ѝ одобри кредит во износ од 10 милиони евра на неговата фирма Гофи, а како залог беа ставени 3.200 акции од Еуролинк осигурување, односно беше обезбеден со приходи од идна продажба на осигурителната компанија. Впрочем, ова беше објавено и како ценовно чувствителна информација од Комерцијална банка на Македонската берза. По продажбата на Еуролинк осигурување, кредитот на Комерцијална банка ѝ беше уредно вратен. Всушност, со овие средства од Комерцијална банка и со барањето на НБРСМ за зголемување на капиталот сега, во крајна линија, оштетените штедачи на Еуростандард банка имаат поголема основица од која можат да ги наплаќаат своите побарувања. Факт е дека Комерцијална банка им го одобри овој кредит кога ниту една друга банка во земјава не сакаше тоа да го стори.

 

Во документацијата на Еуростандард банка (во стечај), Здружението на штедачите точно може да види дека залогот од 3 милиони евра на Еуростандард во Комерцијална банка нема никаква поврзаност со докапитализацијата. Тоа е всушност обезбедување за поединечни кредити дадени од Еуростандард банка на нејзини клиенти. Во моментот кога овие клиенти не ги вратија кредитите, Комерцијална банка си ги наплати побарувањата.

 

Затоа е крајно тенденциозно и злонамерно да се спомнува Комерцијална банка без никаков основ и без проверени информации во различни контексти, а се со намера да се прикаже извртена слика на реалните случувања во Еуростандард банка. Тоа веројатно е и причината зошто честопати при спомнување на клиенти на Еуростандард банка се истакнува дека имале депонентна сметка и во Комерцијална банка, без да се земе предвид фактот дека тие имале депонентни сметки и во други банки, а не само во Комерцијална.

 

Искрено веруваме дека Здружението сака стечајната постапка на Еуростандард банка да се заврши брзо и ефикасно. Затоа ги упатуваме да ја проверат и потврдат правната издржаност на информациите што ги пласираат во јавноста и да се ослободат од потребата неосновано да обвинуваат субјекти кои не придонеле со ништо за отворање стечајна постапка во Еуростандард банка.     




01.09.2021 – Поддршка од Комерцијална банка во спомен на Тоше Проески


тоше

 
 
Музичкото богатство што ни го остави легендата Тоше Проески носи гордост и обврска да се чува и негува. Оттука се раѓа и идејата на Здружението на Власи стопанственици од Македонија, МАНДРА од Скопје, пешачката улица „Тоше Проески“ во скопската населба Аеродром да се озвучи за да емитува секојдневно музика од Тоше Проески.

 

Комерцијална банка со задоволство финансиски го поддржа проектот за реализација на оваа благородна идеја. Музиката на Тоше Проески заслужува да живее заедно со спомените за него.

 
тоше



30.08.2021 – Исплатата на пензиите за август започнува на 31.08.2021 година


Комерцијална банка АД Скопје ќе започне со исплата на августовските пензии од вторник, 31.08.2021 година. Пензионерите кои имаат активна дебитна картичка со својата пензија ќе може да располагаат од вторник и ќе може да ја подигнат на банкомат или да ја користат за безготовинско плаќање низ трговската мрежа.  

 

Исплатата на пензионерите кои не користат платежни картички ќе биде организирана во четири групи, според висината на пензијата, согласно следниот распоред:

 

  • вторник 31.08.2021 година, исплата на пензии до 11.000 денари
  • среда 01.09.2021 година, исплата на пензии од 11.001 до 14.000 денари
  • четврток 02.09.2021 година, исплата на пензии од 14.001 до 18.000 денари
  • петок 03.09.2021 година, исплата на пензии над 18.000 денари

 

За да се избегнат редиците и да се заштити здравјето од вирусот Covid-19 на сите корисници на банкарски услуги, апелираме при посетата на филијалите и експозитурите на Комерцијална банка строго да се почитува наведениот распоред, задолжително да се носи лична заштитна опрема на лицето (заштитна маска, марама или шал), да се држи пропишаното минимално растојание и да се врши дезинфекција на рацете.







А Р Х И В А





Веб-страницата на Комерцијална банка АД Скопје користи колачиња (cookies). Колачињата (cookies) се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство. Повеќе информации за начинот на користење и како да ги промените Вашите подесувања за користење на колачињата, може да најдете во документот Политика за колачиња (cookies).
Прифаќам