Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



14.12.2020 – Интервју со д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансиски директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје


Висока општествена одговорност и флексибилна поддршка на клиентите за заедно да се справиме со последиците од пандемијата

 

(Интервјуто е објавено во магазинот „Капитал“ на 11.12.2020 година)

 
маја

 

Комерцијална банка АД Скопје деновиве по осми пат го годи признанието „Банка на годината“ од страна на престижниот магазин „The Banker“.За оваа награда, која се смета за „стандард за банкарска извонредност“, магазинот The Banker (издание на Financial Times), разгледува широк спектар на критериуми. Наградата се доделува на банките кои покажале успешни финансиски резултати, успех во целокупната деловна стратегија со кој оствариле конкурентска предност, унапредување и развој на технологијата и на производите и услугите, како и соодветен одговор на кризата наметната од Covid-19.

Со главниот финансиски директор и член на Управниот одбор, д-р Маја Стевкова Штериева разговаравме за повеќе нешта: околу тоа како Комерцијална банка се справи со предизвиците наметнати од корона – кризата годинава, за тоа какво влијание имаше пандемијата врз динамиката на кредитирање и депозити, но и врз развојот на дигиталното банкарство, како и за активностите што беа преземени од банката во областа на општествената одговорност.

 

Кажете ни за почеток, што значи за вас како банкарска институција оваа најнова награда од The Banker?

 

Тоа што Комерцијална банка го добива признанието „Банка на годината за 2020“ токму во оваа неверојатно тешка година нѐ прави особено горди. Комерцијална банка уште еднаш покажа дека е поим за стабилност и незаменлив економски фактор за напредок во нашата земја.

Наградата „Банка на годината“, која ја доделува престижниот магазин „The Banker“ од Лондон, ја добиваме по осми пат, но сега ни е доделена во година која е по многу нешта различна од која било друга. Соочувајќи се со предизвиците од пандемија од досега невидени размери, Комерцијална банка успеа да ги заштити своите вработени, веднаш да им излезе во пресрет на клиентите, а притоа да забележи одлични деловни резултати, и уште поважно, да покаже лидерство преку несебична помош за медицинските херои во првите борбени редови.

Остварените резултати секоја година ја рангираат Комерцијална банка во самиот врв на македонскиот банкарски сектор. Банката ја гради својата лидерска позиција преку професионално, стручно и одговорно работење, континуирана финансиска поддршка за раст и развој на компаниите и понуда на иновативни производи и услуги креирани согласно потребите на клиентите. Инвестициите во технолошката инфраструктура на Банката го доведоа дигиталниот свет на банкарски услуги сѐ поблиску до граѓаните и компаниите. А, помошта и поддршката што ја дава Комерцијална банка за општеството придонесоа за унапредување и подобрување на образовниот процес, здравствениот сектор, културата, уметноста. Наградата „Банка на годината“ е доказ дека се движиме во вистинската насока.

 

Кои беа најголеми предизвици за банката годинава во контекст на ковид - кризата и како се справивте со нив?

 

Секако еден од првите предизвици со кој се соочивме на самиот почеток на кризата беше како да се обезбеди непречен технолошки процес и при тоа да се сочува здравјето на вработените и на клиентите во услови кога никој не знаеше како точно се однесува вирусот. Ние во банките редовно тестираме евентуални прекини на работа поради различни причини, пад на компјутерски системи, елементарни непогоди, имаме секундарни локации за компјутерските системи, работиме стрес-тестирања на економските параметри. Но, се покажа дека и тоа не е доволно со оглед дека досега никогаш никој не помислил што ако човечкиот фактор, ресурсот вработени е оневозможен да функционира. а се потсетиме дека на почетокот на кризата работа од дома беше нешто ново, набавките на лаптопи беа ограничени, се уште имаше дилеми околу носењето маски. Од сегашна перспектива може да оценам дека одлично се справивме со целиот предизвик на континуитет на работењето во услови на пандемија.

 

Што се однесува до влијанието врз клиентите на Covid-19, најголемо влијание имаше врз корпоративниот сектор, каде ја намали или оневозможи исплатата на плати, што посредно се одрази и на секторот население. Несаканите економски ефекти од Covid-19 беа ублажени преку воведените промени во отплатата на кредитните обврски на граѓаните и на компаниите (вклучувајќи и мораториум во отплатата на обврските на одреден период), со цел да им го олесниме финансискиот товар со кој се соочуваат или би можеле да се соочат. Комерцијална банка, исто така, понуди и потрошувачки кредити со променети услови, а одобривме и нови корпоративни кредити за покривање на потребите за ликвидност на компаниите. 

 

Со оглед на тоа што најголемата закана од вирусот Covid-19 е за здравјето на граѓаните, Банката воведе безбедни процедури за он-лајн аплицирање со цел да излезе во пресрет на потребите на клиентите и притоа да ги заштити не само од непотребно изложување на финансиски ризик, туку да им понуди и безбедно и ефикасно извршување на банкарските трансакции без загрозување на нивното здравје. Со цел стимулирање на граѓаните за поголемо користење на предностите на електронското и мобилното банкарство и избегнување на физичко присуство во Банката, Комерцијална банка им овозможи нивно бесплатно користење, а го зголеми и лимитот за бесконтактни трансакции.

 

 

Како се движеше динамиката на кредитирањето и депозитите во услови на наметнатата криза?

 

Податоците со септември покажуваат дека банката бележи раст и во двата сегменти, односно раст е забележан и во кредитирањето и кај депозитите. Имено, растот на кредитите и побарувањата од круги комитенти со споменатиот датум изнесува 9,9%, додека во делот на депозитите изнесува 6,9%. Ова се сосема солидни податоци ако се земе предвид во какви околности се остварени. Сепак мора да се има предвид важечкиот мораториум на отплата на кредити, кој се уште беше во сила со септември и кој што има влијание на перцепциите за ризик во корпоративниот сектор. Тоа што е важно во делот на кредитирањето е неизвесноста околу понатамошниот развој на пандемијата, работењето на компаниите и нивните резултати во понатамошниот период и, што е најважно, нивната способност да ги сервисираат обврските по завршувањето на мораториумот. Комерцијална банка, како и повеќето од банките во Македонија, од 01.10.2020 направи ново продолжување на олеснетите услови за сервисирање на обврските, при што тоа беше направено врз основа на селективен пристап за најпогодените субјекти, физички и правни лица. Во таа смисла ефектите од кризата врз способноста за сервисирање на обврските и капацитетот на компаниите, па и физичките лица опфатени со второто одложување на отплатите, ќе се видат дури наредната година кога ќе започне отплатата. Во изминатиот период, менџментот на банката настојуваше да обезбеди квалитетен баланс меѓу поддршката на клиентите и управувањето со ризиците со цел истовремено да обезбеди одржлива профитабилност и стабилност на банката.

 

маја

 

Комерцијална банка ја доби и првата инвестициска анализа од консултантската компанија WOOD&Company, што претставува и прва изработена инвестициска анализа воопшто за македонско акционерско друштво во рамките на регионалниот проект на Европската банка за обнова и развој. Како ја коментирате анализата?

 

Дополнителна потврда за доброто работење на банката, но, што е уште поважно, за нејзините идни перспективи во изминатиот период дојде и преку објавената инвестициска анализа во рамките на регионалниот проект којшто го иницираше Македонска берза со помош на ЕБРД. Реномираната инвестициска компанија Wood Investments во својата јавно објавена анализа за Комерцијална банка излезе со препорака за купување на акциите на банката и со прогноза за ценовен таргет над моменталната пазарна цена. Секако, за истакнување е и постигнатиот финансиски резултат на банката во првите девет месеци од 2020 година, кој изнесува 1.310,6 милиони денари, што е 0,8% повеќе во однос на ланската добивка во истиот период и 89,1% од планираната добивка.

 

-Колку пандемијата, можеби побрзо од очекуваното, го забрза процесот на дигитализација, и во делот на банкарското работење, но и на страната на корисничкото искуство?

 

Неспорна вистина е дека пандемијата го забрза процесот на дигитализација и можеме само да бидеме благодарни што ја имаме привилегијата да се поврзуваме компјутерски или со мобилни телефони, да работиме и комуницираме виртуелно и при тоа сите активности да се одвиваат непречено. Според јавно достапните податоци на ниво на банкарски систем, во првата половина на 2020, споредено со истиот период претходната година, може да се забележи значајна промена во учеството на електронски наспроти хартиени налози во платниот промет од 3 процентни поени во полза на електронските трансфери. Во истиот извештаен  период, плаќањата преку мобилен телефон се зголемени за над 50%, а вкупните плаќања со платежни картички за 11%.

Често во разговор како илустрација за благодетот од дигитализацијата на соговорниците им велам да замислат како ќе изгледаа банкарските експозитури и филијали и дали некој ќе можеше да се справи со гужвите пред просториите на банките ваква криза да се случеше пред 20 години. Не само што нема да се одвиваа работите како сега, туку и жртвите од пандемијата ќе беа многу побројни. Во целата оваа несреќа која го снајде човештвото, среќа е што во многу области вработените може да работат од дома, а работниот процес да се одвива нормално. Дигитализацијата целосно ги задоволува потребите на еден голем дел од клиентите, а сметам дека корисничкото искуство е на многу високо ниво. 

 

Колку се променија навиките на клиентите, имаше ли значаен пораст на користење на е-банкарство и останатите дигитални услуги?

 

Како што истакнав, секојдневно забележуваме зголемување на примената на дигиталните услуги од страна на нашите клиенти и можам да кажам дека тоа е присутно во сите дигитални канали, е-банкарство, м-банкарство, картично работење, плаќање со мобилни телефони. За жал, ние се уште сме сведоци на клиенти кои едноставно не можат да ги прифатат новите начини на работење, иако картичното работење воопшто не е ново, и кои едноставно чувствуваат дека мора да дојдат во банка. Тука влегуваат пензионерите, пред се, но и голем број други корисници, кои не само што не ги употребуваат основните дебитни картички за подигнување пари од банкомат, туку и не помислуваат да плаќаат со картички при купување во трговија. Тоа е всушност и објаснувањето за бројните гужви пред банките во време на исплата на пензии, како и исплата на социјална помош. Ние во Комерцијална банка во минатото се обидовме преку поединечни акции да ја подигнеме свеста за употребата на картички на банкомати, особено кај пензионерите, но и покрај обидите со физички пример да им се покаже поединечно како тоа функционира беше забележан отпор и незанитересираност.

Сакам да верувам дека сме на добар пат во процесите на дигитализација, дека можеби во одредени сегменти процесот е бавен, но најважно е дека општата свест за овој процес е на повисоко ниво и дека и покрај високата цена која банките ја плаќаат во овој процес на никого не му е ни на крај памет да го намали ангажманот и посветеноста во оваа насока.

 

Колку пропаѓањето на една од помалите банки што се случи годинава, може да биде опасност за целокупната стабилност на банкарскиот сектор, со оглед и на предизвиците наметнати од самата ковид - криза?

 

Банкарскиот систем е во одлична кондиција. Отворањето стечај на Еуростандард банка треба уште еднаш да не потсети на нешто што во јавноста понекогаш се заборава. Деловните универзални банки, а такви се сите банки во нашата земја, работат со средства на депонентите и една од нивните главни функции претставува не само тие средства да се пласираат како кредити, туку и тие кредити редовно да се наплатуваат и во секој момент кога депонентите ќе ги побараат своите пари, истите да се исплатат на сопствениците. Поради тоа кога се критикуваат банките дека не кредитираат во обем кој го посакуваат барателите на кредити мора да се има предвид дека банките го проценуваат и мерат ризикот тие кредити да не бидат вратени.

Верувам дека ова е еден поединечен инцидент и дека банкарскиот систем и во иднина ќе продолжи да се развива во модерен и стабилен систем, кој што квалитетно ја извршува својата улога во економските текови.

 

 

Комерцијална банка лидер во поддршка на здравството и образованието

 

маја

 

 

Кои беа најзначајни активности во делот на општествената одговорност што ги спроведе Комерцијална банка со цел поддршка на државата и економијата во ваквите услови?

 

Општествената одговорност со години е императив во деловните политики на Комерцијална банка АД Скопје, а секоја година се надградува со нови проекти и нови предизвици, кои придонесуваат Банката да биде признаена и прифатена во општеството како одговорен деловен субјект. Со оглед на тоа што пандемијата од вирусот Covid-19 предизвика криза од досега невидени размери, Комерцијална банка годинава ја продолжи својата лидерска мисија во сферата на општествена одговорност на највиско ниво, помагајќи ги сегментите на заедницата кои имаа најголема потреба од поддршка, како што се здравството и образованието.

 

За потребите на македонското јавно здравство Банката годинава обезбеди вкупна помош во износ од 590.000 евра. Во март, дониравме медицински заштитни маски за лице во вредност од околу 1.198.750,00 денари, обезбедивме финансиска помош - донација во износ од 6.150.000,00 денари за потребите на Министерството на здравство и дополнителни 8.220.000,00 денари за вработените во Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби Скопје и Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија. Со најновата донација, во вредност од 20.700.855,00 денари, за потребите на јавните здравствени установи Комерцијална банка обезбеди две амбулантни возила за Итна медицинска помош, 280 кислородни концентратори наменети за контиунирана кислородна терапија на пациенти со хронични белодробни заболувања, 7.000 брзи тестови за утврдување на присуство на вирусот Covid-19, 120 реагенси за тестови, како и маски за неинвазивна вентилација за еднократна и повеќекратна употреба.

Во март годинава, Комерцијална банка АД Скопје однапред изврши плаќање на своите месечни обврски по основ на аконтативно плаќање на данокот на добивка за 2020 година. Со тоа е веднаш исплатен вкупен износ од 120.000.000,00 денари, наместо вообичаената исплата преку месечни аконтативни износи. Со ваквата одлука, Банката придонесе за поголема ликвидност на државата и нејзиниот буџет, со цел поголем капацитет на државните органи за обезбедување на сите потребни мерки и активности за заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување континуитет во функционирањето на виталните процеси во општеството.

Комерцијална банка оваа година одлучи и наместо за репрезентативен материјал по повод Новогодишните празници да одвои средства за донација на 46 лаптопи на ученици. Со тоа, Банката, како општествено одговорна компанија, во услови на глобална пандемија го даде својот придонес и за обезбедување достапно и квалитетно образование на деца кои досега немаа таква можност. Ова не е првпат Комерцијална банка да го поддржува образовниот процес во земјава. Досега се донирани стотици компјутери за потребите на повеќе училишта. 

Во услови на ограничен пристап на учениците до наставните процеси, Комерцијална банка успеа над 500 средношколци од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ од Скопје да им пренесе практични вештини и знаење на теми од суштинско значење за нивното образование, идно вработување и градење здрави финансиски навики. Он-лајн предавањата беа одржани во рамките на Програмата на училиштето за феријална практика, која пак е задолжителен елемент од наставната програма во дуалното стручно образование. Таа дава можност сите ученици кои ја следат да се запознаат и да стекнат знаења и вештини во одредено подрачје, директно пренесени од определен работодавец.

 






25.01.2021 - Лажна Facebook страница се претставува како Kомерцијална банка


Ве известуваме дека лажна Facebook страница се претставува како Kомерцијална банка. Името на забележаната лажна Facebook страница е на латинично писмо и комуницира на српски јазик. Комерцијална банка АД Скопје нема никаква поврзаност со оваа Facebook страница ниту, пак, со активностите што таа ги спроведува или на кои повикува.

 

Ве советуваме, во интерес на ваша поголема одговорност и заштита на вашите лични финансии, да бидете исклучително внимателни кога ги споделувате вашите лични податоци додека сте на Интернет. Доколку, сепак сте презеле дејствија поврзани со таа страница, ви предлагаме случајот да го пријавите во полиција.

 

Лажната страница и содржината што ја споделува веќе се пријавени на Facebook како измама, а Банката ќе преземе соодветни мерки согласно позитивните законски прописи по целосна анализа на случајот.

 

Единствената официјална страница на Комерцијална банка АД Скопје на Facebook е верифицирана со син беџ за автентичност покрај името.




25.01.2021 – Исплатата на пензиите за јануари започнува на 26.01.2021 година


Комерцијална банка АД Скопје ќе започне со исплата на јануарските пензии од вторник, 26.01.2021 година. Пензионерите кои имаат активна дебитна картичка со својата пензија ќе може да располагаат од вторник и ќе може да ја подигнат на банкомат или да ја користат за безготовинско плаќање низ трговската мрежа.  

 

Исплатата на пензионерите кои не користат платежни картички ќе биде организирана во четири групи, според висината на пензијата, согласно следниот распоред:

 

  • вторник 26.01.2021 година, исплата на пензии до 11.000 денари
  • среда 27.01.2021 година, исплата на пензии од 11.001 до 14.000 денари
  • четврток 28.01.2021 година, исплата на пензии од 14.001 до 18.000 денари
  • петок 29.01.2021 година, исплата на пензии над 18.000 денари

 

За да се избегнат редиците и да се заштити здравјето од вирусот Covid-19 на сите корисници на банкарски услуги, апелираме при посетата на филијалите и експозитурите на Комерцијална банка строго да се почитува наведениот распоред, задолжително да се носи лична заштитна опрема на лицето (заштитна маска, марама или шал), да се држи пропишаното минимално растојание и да се врши дезинфекција на рацете


18.01.2021 – Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка нема да работат на 19.01.2021


Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје нема да работат на 19.01.2021 година (вторник) заради празнување на Водици - Богојавление.

 

Ги известуваме нашите клиенти дека за подигнување и уплата на готовина може да ги користат банкоматите на Банката, а за други финансиски трансакции на располагање ги имаат веб и мобилните апликации Интернет банката и мБанка.

 

За корисниците на платежни картички, 24/7 во Скопје се отворени дигитализираната експозитура на Комерцијална банка на улица Македонија и дигиталните делови од експозитурите ГТЦ и Бисер во населбата Аеродром.




15.01.2021 – Комерцијална банка и Mastercard® со донација од 10.000 евра за помош и грижа на деца со аутизам


25дена донација
Новогодишните и Божиќните празници оваа година, како никогаш досега, ни ги предочија семејните вредности, почитувањето и одговорноста, бесценетоста на помагањето и на грижата за другите. Но, хуманите вредности и општествената одговорност се дел од принципите на деловната практика на Комерцијална банка во континуитет. Ние помагаме за сите да победиме.

 

Со истата мисија Комерцијална банка ја започна и новата година, а грижата и помошта овој пат се наменети за децата со аутизам. Банката и Mastercard® во својот проект по повод 25 години соработка обезбедија донација во вредност од 612.308 денари за четири здруженија кои се грижат за помош и поголема инклузивност на децата со аутизам. Финансиска помош добија Македонското научно здружение за аутизам, Здружението на граѓани за третман на лица со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“, Здружението за унапредување на квалитетот на животот на лицата со нарушувања од спектарот на аутизам „Сина светулка“ и Македонската асоцијација за Бочија Штип, за реализација на проекти кои треба да им помогнат на децата со аутизам и на нивните родители полесно да се справат со состојбата во која се наоѓаат, особено во услови на пандемија.

 

Хуманиот проект беше спроведен по повод 25 години од издавањето на првата Mastercard картичка од Комерцијална банка, која воедно беше и првата Mastercard картичка во нашата земја. Kампањата „Комерцијална банка и Mastercard® - Заедно за нешто бесценето“ се реализираше во периодот од 15 декември до 8 јануари. Додека нашите клиенти уживаа во празничното пазарување, ние за секоја нивна трансакција направена со картичките Mastercard од Комерцијална банка на продажни места или он-лајн од сопствени средства издвојувавме за донација за деца со аутизам.


12.01.2021 - Комерцијална банка спонзор на новиот албум на Влатко Стефановски


влатко

 
Музиката и задоволството секогаш доаѓаат во пар. Овој пат музиката ни ја донесе нашата легенда Влатко Стефановски, кој пред македонската публика го претстави својот најнов албум „Taftalidze Shuffle“, а задоволството беше наше како  спонзор на ова најново музичко дело на гитарскиот виртуоз. Он-лајн промоцијата на албумот се одржа во просториите на книжарницата Литература.мк во ТЦ Сити мол во Скопје, на која беше прикажан и видеоспотот на темата „Огледало“. Во очекување на промотивен концерт, уште еднаш испраќаме честитки до нашиот виртуоз Влатко Стефановски.   



08.01.2021 – Продолжен промотивниот период за бесплатна уплата на дневен промет на банкомат до 30.06.2021 година


go

Правните лица кои имаат или ќе отворат сметка во Комерцијална банка АД Скопје добиваат можност за бесплатна уплата на дневниот промет на банкомат со Visa Business Debit картичките во промотивниот период кој е продолжен до 30.06.2021 година.

 

Оваа финансиска услуга е достапна на 27 банкомати на Банката во Скопје, Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово и Штип.

 

При уплата на готовина, банкоматот ги прифаќа сите книжни и полимерни банкноти во апоени од 10, 50, 100, 200, 500, 1.000 и 2.000 денари. Повеќе информации за оваа финансиска услуга и за локацијата на банкоматите на Комерцијална банка може да добиете на следниот Линк .




05.01.2021 – Комерцијална банка продолжува со општествена одговорност – донирано возило за итна помош на ЈЗУ Здравствен дом Неготино


 
Амбулантно Неготино
 

Комерцијална банка ја продолжува својата општествено одговорна мисија и во новата година со донација во вредност од над 2 милиони денари за поддршка на македонското јавно здравство. На ЈЗУ Здравствен дом Неготино е донирано едно амбулантско возило со цел да се зајакнат капацитетите на оваа здравствена установа во борбата со вирусот Covid-19.

 

Со оваа донација Банката, во соработка со Општина Неготино, повторно ги истакна важноста и обврската на сите институции во државава да се вклучат во борбата со пандемијата, која сѐ уште претставува сериозна закана за здравјето и животот на граѓаните.

 

Од ЈЗУ Здравствен дом Неготино изразија голема благодарност до Комерцијална банка за донацијата на амбулантско возило за потребите на граѓаните од општините Неготино и Демир Капија.

 

„Оваа донација доаѓа во вистинско време кога потребите за транспорт на населението се повеќекратно зголемени. Со оваа донација ЈЗУ Здравствен дом Неготино ќе располага со оптимален број на санитетски возила за секојдневните потреби на населението. Ви благодариме на хуманоста и чувството дека во битката со пандемијата сме сите заедно“, изјави Билјана Филипова, директор на ЈЗУ Здравствен дом Неготино.

 

Во минатата година Комерцијална банка обезбеди вкупна поддршка за здравствените институции во земјава во износ од околу 590.000 евра.

 

амбулантно

 

амбулантно
 



31.12.2020 - ЕБОР и Комерцијална банка промовираат еколошки инвестиции - 1 милион евра кредит за енергетска ефикасност на станбени објекти


Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги поддржува еколошките инвестиции во Северна Македонија со доделување кредит во износ од еден милион евра за Комерцијална банка Скопје преку Програмата на ЕБОР за финансирање зелена економија – GEFF.

 

Средствата ќе бидат достапни за еколошки инвестиции во станбени објекти. Ова ќе вклучи инвестиции во зелени технологии со високи перформанси, материјали и решенија во приватни живеалишта и згради.

 

„Ни претставува задоволство да ги прошириме нашите зелени активности во Северна Македонија и да ѝ посакаме добредојде на Комерцијална банка Скопје во користењето на оваа програма. Поддршката на зелените инвестиции е еден од нашите клучни приоритети и драго ни е што најголемата македонска банка се приклучува во овие залагања. Во таа насока, надминувањето на корона вирусот и изградбата на економијата остануваат во нашиот фокус. Зеленото обновување е еден од начините за заздравување на економијата, а овој кредит е чекор во таа насока“, изјави Анди Аранитаси,претставник на ЕБОР за Северна Македонија.

 

Комерцијална банка е петта банка која се приклучува кон GEFF Програмата во Северна Македонија, која е дел од Програмата за финансирање на  зелена економија на ЕБОР во износ од 85 милиони евра наменета за Западен Балкан. Истата е промовирана во 2017 година и претставува заедничка иницијатива на Европската Унија, австриското Федерално министерство за финансии и земјите кои ја примаат оваа помош од Програмата за инвестирање на Западен Балкан -WBIF .

 

Од ноември 2020 година, поддршката преку GEFF во Северна Македонија стигна во скоро 1.600 домаќинства и пласираше кредити од износ од над 11 милиони евра за индивидуални проекти кои придонесуваат во заштеда на над 7 милиони kWh енергија и намалување на испуштањето над 3.000 тони јаглероден диоксид на годишно ниво. Најчесто финансираните технологии се вратите и прозорците, изолација и термални пумпи.

 

GEFF се имплементира под Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан-REEP plus, финансирана од ЕУ и имплементирана од ЕУ во партнерство со Секретаријатот за енергетска ефикаснсот. REEP plus пружa поддршка и во политиките за хармонизација на законодавството за енергетска ефикасност на Северна Македонија и регулативите за енергетска ефикасност, согласно релевантните директиви на ЕУ.

 

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија и до денес има инвестирано над 2 милијарди евра во 137 проекти во земјата. Поддршката на зелената енергија е приоритет за Банката бидејќи се справува со еден од најважните предизвици во земјата.




30.12.2020 - Известување за работно време на филијалите и експозитурите на Комерцијална банка за време на празниците


Почитувани клиенти,

 

Ве известуваме дека филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје на 31.12.2020 година ќе работат со следното работно време:

  • Филијалите низ Републиката (Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово, Штип) ќе работат до 16:00 часот,
  • Експозитурите Автокоманда, Бисер, Ѓорче Петров, КБ1, Лептокарија и Цветан Димов ќе работат до 16:00 часот,
  • Сите останати експозитури во Скопје и низ РСМ ќе работат до 15:00 часот.

 

Во сабота (2 јануари) експозитурите и филијалите ќе работат според редовниот распоред, а неработни денови се 6 и 7 јануари 2021 година.

 

Ве потсетуваме дека услугите од електронското и мобилното банкарство, како и Дигиталната експозитура на улица Македонија во Скопје и дигиталните делови од експозитурите ГТЦ и Бисер ви се достапни 24/7 секој ден.

 

Ви посакуваме Среќна Нова година и пријатни Божиќни празници.




28.12.2020 – Известување од Комерцијална банка АД Скопје


Почитувани,

Забележани се лажни пораки за доделена парична помош од Комерцијална банка. Ве известуваме дека Комерцијална банка АД Скопје нема никаква поврзаност со оваа активност и станува збор за лажно претставување во име на Банката. Како и секогаш, повторно ве советуваме да бидете исклучително внимателни кога ги споделувате вашите лични податоци додека сте на Интернет.

 

По целосна анализа на случајот, Банката ќе преземе соодветни мерки согласно позитивните законски прописи.


Со почит, Комерцијална банка.







А Р Х И В А





Веб-страницата на Комерцијална банка АД Скопје користи колачиња (cookies). Колачињата (cookies) се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство. Повеќе информации за начинот на користење и како да ги промените Вашите подесувања за користење на колачињата, може да најдете во документот Политика за колачиња (cookies).
Прифаќам