Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



15.02.2021 – Започна со работа модернизирана и дигитализирана експозитура на Комерцијална банка во Дебар


дебар
   
 
Комплетно модернизирана и дигитализирана на 15.02.2021 година започна со работа експозитурата на Комерцијална банка во Дебар. Во експозитурата Банката на своите клиенти им обезбедува брз и ефикасен начин за извршување на нивните банкарски трансакции на шалтер или во дигиталниот дел, кој работи 24 часа секој ден.

 

Дигиталниот дел е опремен со банкомат за подигање готовина и со најнов дигитален киоск за безготовинско плаќање. Дигиталниот киоск е современо решение со кое Банката им овозможува на граѓаните без провизија, без посета на шалтер и со картичка од која било банка да плаќаат сметки за јавни услуги (ЕВН, БЕГ, А1, Телеком и Телекабел), како и да испечатат извод од трансакциска сметка на физичко лице за која има претплата на Интернет банка. Влезот во дигиталната зона 24/7 е овозможен со сите банкарски картички.

 

Шалтерите во експозитурата се отворени од понеделник до петок од 08:00 до16:00 часот, а ги обезбедуваат следниве услуги: отворање трансакциска сметка во денари или во девизи, плаќање во земјата и во странство, брз трансфер на пари, менувачко работење. На клиентите им се достапни и богатата понуда на кредитни производи и штедни влогови, можноста за купување удели во инвестициски фондови и осигурителни полиси, како и стручни совети и обука за користење на електронска банка и мобилно банкарство за физички и правни лица.

 

Дигиталниот дел во новата експозитура на Комерцијална банка во Дебар им овозможува на граѓаните уште една привилегија - заштита на нивното здравје од вирусот Ковид-19 поради избегнување контакти со други лица. Секако, во целата експозитура останува обврската за почитување на мерките за заштита од Ковид-19 -  заштитна маска, марама или шал на лицето, држење на пропишаното минимално растојание и дезинфекција на рацете.

 

дебар
 

дебар
 
дебар
 





01.03.2021 - Промотивна акција во Нептун за купување со кредит од Комерцијална банка


neptun_novosti

 

Време е за пазарување на рати и без камата. Од 1 март започна промотивниот период за купување во Нептун со наменскиот потрошувачки кредит на Комерцијална банка, кој ви овозможува да купите кој било од понудените производи на одложено плаќање до 24 рати без камата.

 

Искористете ја оваа можност до 31 март 2021 година за да го подновите вашиот дом со некои од производите во Нептун.

 

Сите информации за овој кредитен производ на Банката може да ги видите на следниот линк.

 

Комерцијална банка и Нептун ви нудат можност за релаксирано пазарење и докажано корисничко задоволство.  




26.02.2021 – Потрошувачки и станбен кредит од Комерцијална банка со најповолни каматни стапки на пазарот


kredit
 

Нов дом, нов лик на вашиот дом или остварување на други ваши желби може да си обезбедите оваа пролет со најновите кредити на Комерцијална банка, креирани за да ги задоволат вашите потреби така како што вас најмногу ви одговара.

 

Ненаменскиот потрошувачки кредит ви овозможува шопинг уживање и помало месечно оптоварување на семејниот буџет. Со најновите услови, кредитот е со износ до 30.000 евра, со евро клаузула, а во промотивниот период од 01.03 до 15.04.2021 година може да се добие со рок на отплата до 120 месеци. И, уште поважно, има најниски каматни стапки на пазарот во моментот – 4,7% годишна, фиксна за првите 3 години, и 5,7% годишна, променлива за остатокот од периодот за отплата на кредитот. Овие каматни стапки се за клиенти кои примаат плата во Комерцијална банка. За лица кои примаат плата во други банки, каматните стапки изнесуваат 5,7% годишна, фиксна за првата година, и 6,7% годишна, променлива за остатокот од периодот за отплата на кредитот. Повеќе информации за условите и потребните документи за аплицирање за потрошувачкиот кредит ви се достапни на следниот линк .

 

Станбениот кредит е со рок на отплата до 30 години и сега веќе е достапен со каматни стапки од 2,9% годишна, фиксна за првите 5 години, и 3,9% годишна, променлива за остатокот од периодот за отплата на кредитот. Втората опција е да го земете со годишни каматни стапки од 3%, фиксна за првите 10 години, и 3,9%, променлива за остатокот од периодот за отплата. Повеќе информации за станбениот кредит може да прочитате на следниот линк


25.02.2021 – МБА ги повикува клиентите на банките да извршат упис во Регистарот за вистински сопственици


Македонската банкарска асоцијација ги повикува сите правни лица - клиенти на деловните банки кои подлежат на обврската за запишување вистински сопственик во Регистарот на вистински сопственици, да го извршат пријавувањето до 27.04.2021 година со цел понатамошно непречено извршување на платниот промет и воспоставените деловни односи.

 

Регистарот на вистински сопственици, кој се води во рамки на Централниот регистар на Република Северна Македонија, започна да функционира на 27.01.2021 година, со што тече рокот од 90 дена за пријавување податоци за вистинските сопственици. Запишување на вистинскиот сопственик во Регистарот се врши електронски во Централниот регистар  (https://www.crm.com.mk).

 

Согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, сите правни лица кои се предмет на упис во Централниот регистар имаат обврска до 27.04.2021 година да извршат запишување податоци за вистински сопственик/ци во Регистарот на вистински сопственици. Правните лица регистирани по 27.01.2021 година имаат обврска во рок од осум дена од уписот на основањето на деловниот субјект да извршат запишување податоци за вистинскиот сопственик во Регистарот на вистински сопственици.

 

Обврската за внесување податоци за вистински сопственик/ци во Регистарот на вистински сопственици не се однесува на: трговци поединци, лица кои вршат јавни овластувања, буџетски корисници, правни лица во државна сопственост, правни лица во постапка на стечај и ликвидација, самостојни вршители на дејност, како и правни лица чии акции котираат на организиран пазар на хартии од вредност и кои се обврзани да се усогласат со условот за објавување податоци за вистински сопственици, со што се обезбедува соодветна транспарентност на информации за сопственост согласно релевантните меѓународни стандарди.

 

Од 28.04.2021 година, банките имаат обврска за сите клиенти - правни лица да ги проверат податоците за вистинскиот сопственик во Регистарот на вистински сопственици и да обезбедат доказ дека е извршен соодветен упис во Регистарот. Доколку клиентот - правно лице во предвидените рокови не изврши запишување на вистински сопственик во Регистарот или податоците во Регистарот нема да бидат ажурирани согласно законските рокови, работењето со сметките ќе му биде оневозможено/одложено сѐ додека не го стори тоа.




24.02.2021 – Соопштение за јавност - Дезинформациите и конструкциите на г-динот Трифун Костовски против Комерцијална банка се плод на неговиот личен неуспех


Како една од најтранспарентните компании во земјава и носител на бројни награди и признанија од реномирани меѓународни институции, меѓу кои и престижната награда “Банка на годината“, Комерцијална банка АД Скопје ја информира јавноста дека сите дезинформации и конструкции што во последните месеци ги изнесува г-динот Трифун Костовски против Комерцијална банка се плод на неговиот личен неуспех. Комерцијална банка како реномирана, професионална и одговорна компанија повеќе нема да дозволи да биде предмет на неосновани и паушални обвинувања.

 

Комерцијална банка го потсетува г-динот Костовски дека неговиот проблем со Еуростандард банка датира од многу одамна и дека во многу наврати Комерцијална банка излегувала во пресрет на неговите бизнис потреби или проблеми.

 

Како прво, ќе го потсетиме, дека уште во 2006 година побара од Комерцијална банка да го преземе кредитот на неговата фирма Порцеланка од Еуростандард банка на период од 1 година, во кој требало да ја докапитализира Банката. Ни по една година, ни потоа кредитот не го врати. Со крајно дрско образложение нѐ информираше дека не може и нема да го врати, со што ја оштети Комерцијална банка за 3,7 милиони евра.

 

Како второ, тврдењето на г-динот Костовски дека по промената на Управниот одбор на Еуростандард банка биле прекинати односите со Комерцијална банка е чиста лага. Го потсетуваме дека на 24.09.2019 година, тој, Коста Костовски и Горан Трајковски дојдоа на состанок со членови на УО на Комерцијална банка за да побараат и понатаму да ѝ помагаме на Еуростандард банка преку пролонгирање на кредити на нејзини коминтенти додека Банката повторно не ја докапитализираат. Не знаеме дали и каква евиденција води г-динот Костовски, но овој состанок е уредно евидентиран во Комерцијална банка и за него постои белешка.

 

Како трето, на барање на г-динот Костовски, Комерцијална банка во 2019 година и одобри кредит од 10 милиони евра на неговата фирма Гофи за докапитализација на Еуростандард банка, а како залог беа ставени 3.200 акции од Еуролинк осигурување. Овој кредит беше уредно вратен. Тоа што 10 милиони евра г-динот Костовски ги изгуби за шест месеци е негова лична одговорност и за тоа не му се виновни ниту НБРСМ, ниту Комерцијална банка, ниту Владата, ниту оштетените штедачи и клиенти на Еуростандард банка.

 

Како четврто, по отворањето стечај над Еуростандард банка, г-динот Костовски со образложение дека е под притисок и закани да врати долгови кон лица и фирми за земен субординиран кредит за Еуростандард банка, побара и доби од Комерцијална банка кредит од 2 милиони евра на име на неговата фирма Гофи, за кој се искористи постоечкото обезбедување. И покрај тоа, г-динот Костовски сега најдрско лаже дека Комерцијална банка, која му даде кредит кога ниеден друг субјект веројатно немаше ни да го сослуша, сакала да ја уништи Еуростандард банка.

 

Како петто, го потсетуваме г-динот Костовски дека на денешен ден ѝ должи на Комерцијална банка речиси 7 милиони евра и дека веќе неколку месеци не ги измирува обврските. Банката, во рамките на своите редовни процедури за работа, ќе започне со извршување на имотот што е ставен под хипотека. Г-динот Костовски нека не го толкува ова како притисок да го замолчиме. Тој има обврска да го врати кредитотот и слобода да зборува што сака.

 

Г-динот Костовски во многу наврати нѐ потсетува на неговите успеси, бизниси, имоти, но веројатно заборава дека во целата збирка му фали една работа – огледало. Бидејќи г-динот Костовски тврди дека станува збор за “организиран криминал против Еуростандард банка“, кога би застанал пред огледало, ќе види кои се тие „носители на организираниот криминал“, кој е одговорен што Еуростандард банка отиде во стечај и кој е пријавен за перење пари.

 

Комерцијална банка последен пат ѝ се обраќа на јавноста во врска со лагите што ги изнесува или ќе ги изнесува г-динот Трифун Костовски. За нас случајот Еуростандард банка е затворен, а г-динот Костовски ќе го оставиме да си ја бара со аргументи правдата пред домашни и меѓународни институции. 




24.02.2021 – Исплатата на пензиите за февруари започнува на 25.02.2021 година


Комерцијална банка АД Скопје ќе започне со исплата на февруарските пензии од четврток, 25.02.2021 година. Пензионерите кои имаат активна дебитна картичка со својата пензија ќе може да располагаат од четврток и ќе може да ја подигнат на банкомат или да ја користат за безготовинско плаќање низ трговската мрежа.  

 

Исплатата на пензионерите кои не користат платежни картички ќе биде организирана во четири групи, според висината на пензијата, согласно следниот распоред:

 

  • четврток 25.02.2021 година, исплата на пензии до 11.000 денари
  • петок 26.02.2021 година, исплата на пензии од 11.001 до 14.000 денари
  • понеделник 01.03.2021 година, исплата на пензии од 14.001 до 18.000 денари
  • вторник 02.03.2021 година, исплата на пензии над 18.000 денари

 

За да се избегнат редиците и да се заштити здравјето од вирусот Covid-19 на сите корисници на банкарски услуги, апелираме при посетата на филијалите и експозитурите на Комерцијална банка строго да се почитува наведениот распоред, задолжително да се носи лична заштитна опрема на лицето (заштитна маска, марама или шал), да се држи пропишаното минимално растојание и да се врши дезинфекција на рацете.







А Р Х И В А





Веб-страницата на Комерцијална банка АД Скопје користи колачиња (cookies). Колачињата (cookies) се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство. Повеќе информации за начинот на користење и како да ги промените Вашите подесувања за користење на колачињата, може да најдете во документот Политика за колачиња (cookies).
Прифаќам