Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

Н О В О С Т И



29.03.2021 - Комерцијална банка АД Скопје го одржа своето редовно Годишно собрание на акционери


Комерцијална банка АД Скопје на 29.03.2021 година го одржа своето редовно Годишно собрание на кое акционерите учествуваа и гласаа преку писмена кореспонденција, a со цел почитување на мерките за спречување на ширење на COVID-19.

 

Акционерите потврдија дека Банката ја заврши 2020 година со бруто-добивка во износ од 2.067,1 милиони денари. По пресметување на данокот на добивка од 155,1 милиони денари, нето-добивката на Банката изнесува 1.911,9 милиони денари. Акционерите на Банката донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 1.911,9 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 60% од номиналната вредност на акцијата, односно по 600 денари на една акција. Исплатата на дивиденда ќе започне по истек на дваесет дена од денот кога за Банката ќе престане да важи ограничувањето од НБРСМ за распределба и исплата на дивиденда за 2020 година. Заради зголемување на вкупниот капитал на Банката и на книговодствената вредност на акциите на Банката, акционерите одлучија дел од добивката во износ од 294,5 милиони денари да се издвои во резерви. Исто така, дел од добивката во износ до 250 милиони денари се распределува во задржана добивка за инвестициски вложувања во 2021 година. Акционерите донесоа одлука и задржаната добивка од 2018 година во износ од 323 милиони денари да се прераспредели во резерви на Банката.

 

Собранието ги усвои финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, Годишната сметка на Банката и Консолидираната годишна сметка на Банката за 2020 година, како и Извештајот за усогласеноста на работењето на Банката со Кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонската берза во 2020 година.

 

 

 

ДИРЕКЦИЈА ЗА УПРАВУВАЊЕ

 

И ИНФОРМИРАЊЕ






09.04.2020 – Експозитурата на Комерцијална банка во Капиштец комплетно модернизирана


капиштец

Комплетно модернизирана и опремена со дигитален киоск, започна со работа експозитурата Капиштец на Комерцијална банка во истоимената населба во Скопје. Клиентите во оваа експозитура повторно имаат на располагање шалтерски услуги, но може да вршат и дигитални банкарски трансакции.

 

Оваа експозитура е опремена со cash-in банкомат и со најнов дигитален киоск за безготовинско плаќање без провизија со картичка од која било банка. На банкоматот може да се подигнува или да се внесува готовина 24 часа на ден, а на киоскот може да се плаќаат сметки за јавни услуги, како и да се испечати извод од трансакциска сметка на физичко лице за која има претплата на Интернет банка.

 

За шалтерско работење експозитурата е отворена од понеделник до петок од 08:00 до 16:00 часот, а ги обезбедува следниве услуги: отворање трансакциска сметка во денари или во девизи, плаќање во земјата и во странство, брз трансфер на пари, менувачко работење. На клиентите им се достапни и богатата понуда на кредитни производи и штедни влогови, можноста за купување удели во инвестициски фондови и осигурителни полиси и стручни совети и обука при користење електронска банка и мобилно банкарство.

 

Со модернизираната експозитура во Капиштец Комерцијална банка традиционално им овозможува на клиентите ефикасно и квалитетно извршување на банкарските трансакции, а им ги нуди и дигиталните услуги како уште побрз начин за вршење финансиски трансакции.

 

капиштец

 

капиштец



02.04.2021 – Нова донација од Комерцијална банка за Министерството за здравство


don

 

Борбата на здравствените работници во земјава за заштита на здравјето на граѓаните од вирусот Covid-19 продолжува со несмален интензитет, па заради тоа Комерцијална банка обезбеди нова поддршка за јавното здравство. Банката овој пат донираше 30 кислородни протокомери за кислородна поддршка наменети за јавните здравствени установи. Донацијата е во нето-вредност од 156.780,00 денари и е предадена на Министерството за здравство.

 

Со оваа донација Комерцијална банка ја продолжува својата општествено одговорна мисија преку донации за јавното здравство, кое веќе втора година се соочува со најголемата битка за зачувување на здравјето и животот на граѓаните во услови на глобална пандемија. Претходно Банката обезбеди вкупна поддршка за здравствените институции од над 620.000 евра.




30.03.2021 – 2,5 милиони евра кредит за Комерцијална банка од ЕБОР и ЕУ за поттикнување на конкурентноста на малите бизниси


поддршка

Комерцијална банка АД Скопје доби кредит од 2,5 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за кредитирање на мали и средни претпријатија со цел поттикнување на нивната конкурентност. Финансиската поддршка е наменета за инвестиции во надградба на производни капацитети и усогласување со Директивите на ЕУ во областа на заштита на животната средина, безбедноста на работниците и квалитет и безбедност на производите. Уште една поволност на кредитите е што овозможуваат грант од 15% од вредноста на вкупната сума на кредитот, при што повратот на вложените средства се врши по успешно завршување на проектот.

 

Освен кредити, за малите и средните бизниси се предвидени и персонализирана техничка помош и поддршка на ресурсите од услугите да-се-знае-како. Техничката помош и грантовите се финансирани преку ЕУ Програмата за Западен Балкан за развој и иновација на претпријатијата (European Union Western Balkan Enterprise Development and Innovation Facility - WB EDIF). Зголемувањето на конкурентноста ќе ги подобри можностите на компаниите на локалните пазари и на меѓународно ниво. Истовремено, клиентите ќе имаат корист од подобрениот квалитет на производите и поголемиот избор.

 

„Ни претставува големо задоволство што ја обновуваме соработката со Комерцијална банка АД Скопје, нашиот долгорочен партнер од доверба, сѐ со цел локалната економија да има придобивки. Оваа програма им нуди на локалните МСП поддршка во достигнување на ЕУ стандардите во три клучни области: заштита на човековата околина, здравство и безбедност и квалитет на производот. Новото финансирање значително ќе го олесни пристапот до многу потребното финансирање на малите бизниси, кои се клуч за економско заздравување во овие времиња на предизвици, правејќи ги бизнисите поконкурентни и отпорни, овозможувајќи им подобро интегрирање во регионалните и европските ланци на вредности”, изјави Анди Аранитаси, претставник за ЕБОР за Северна Македонија.

 

Според Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, секторот на МСП како целина е мошне важен за економијата на нашата земја. „Ни претставува задоволство што во овој период на предизвици заради Ковид-19 имаме можност во партнерство со ЕБОР и ЕУ да им обезбедиме на малите и средните претпријатија дополнителна поддршка преку новиот кредит, кој има уникатни поволни услови и грант компонента. Веруваме дека овој кредит ќе пружи корисна поддршка за прифаќање на новите трендови и технологии и ќе креира нови работни места”, изјави Стевкова Штериева.

 

Амбасадорот Гир, претставник на ЕУ Делегацијата, истакна дека малите и средните претпријатија се поддршката на секоја економија и се критични за иновацијата, конкурентноста и креирањето работни места. „Европската Унија ќе продолжи да обезбедува поддршка на овој сектор во Северна Македонија преку Програмата за Западен Балкан за развој и иновација на претпријатијата, со цел да помогне во забрзувањето на економското обновување, подготовката за зелена и дигитална транзиција и целосно учество на МСП на единствениот пазар на ЕУ по пристапување во него. Особено сакаме да ги охрабриме партнерите од Западен Балкан 6 да ги искористат можностите на заедничкиот регионален пазар и да работат кон неговите цели”, изјави Гир.

 

Ова е втор кредит од ЕБОР за Комерцијална банка за финансиска поддршка на мали и средни претпријатија. Во 2018 година, на Банката ѝ беше одобрен кредит од 5 милиони евра од ЕБОР Програмата за Западен Балкан за поддршка на конкурентноста на МСП, програма поддржана од средства од ЕУ.

 

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 2 милијарди евра во повеќе од 140 проекти во земјата. Банката се фокусира на проширување на локалниот приватен сектор, промовирање на регионалната и меѓународната интеграција и одржливо користење на ресурсите во земјата.

 




26.03.2021 – Исплатата на пензиите за март започнува на 29.03.2021 година


Комерцијална банка АД Скопје ќе започне со исплата на мартовските пензии од понеделник, 29.03.2021 година. Пензионерите кои имаат активна дебитна картичка со својата пензија ќе може да располагаат од понеделник и ќе може да ја подигнат на банкомат или да ја користат за безготовинско плаќање низ трговската мрежа.  

 

Исплатата на пензионерите кои не користат платежни картички ќе биде организирана во четири групи, според висината на пензијата, согласно следниот распоред:

 

  • понеделник 29.03.2021 година, исплата на пензии до 11.000 денари,
  • вторник 30.03.2021 година, исплата на пензии од 11.001 до 14.000 денари,
  • среда 31.03.2021 година, исплата на пензии од 14.001 до 18.000 денари,
  • четврток 01.04.2021 година, исплата на пензии над 18.000 денари.

 

За да се избегнат редиците и да се заштити здравјето од вирусот Covid-19 на сите корисници на банкарски услуги, апелираме при посетата на филијалите и експозитурите на Комерцијална банка строго да се почитува наведениот распоред, задолжително да се носи лична заштитна опрема на лицето (заштитна маска, марама или шал), да се држи пропишаното минимално растојание и да се врши дезинфекција на рацете.




25.03.2021 - Заштедете енергија и пари со кредитот за енергетска ефикасност од GEFF програмата на ЕБОР


post1

 

Инвестициите во енергетски ефикасен дом се повеќе од исплатливи со новиот кредит на Комерцијална банка, кој ви овозможува поврат до 20% од кредитот во вид на грант и одлична каматна стапка од 4,4% годишно. Овој кредит за енергетска ефикасност е дел од GEFF Програмата на Европската банка за обнова и развој (EБОР).

 

Со новиот кредит на Комерцијална банка, кој е на износ до 50.000 евра и со рок на отплата до 20 години, може да финансирате инвестиции во енергетско ефикасни технологии за вашиот дом, како и трошоци за помошни материјали, достава и за инсталација. Кредитот е наменет за набавка и инсталација на енергетски ефикасни прозорци, врати и застаклување, изолација на надворешни ѕидови, покрив, поткровје, под, преградни ѕидови, набавка на печки/котли на биомаса, котли на гас, соларни колектори за топла вода, фотоволтаични системи, топлински пумпи, високоефикасно и нискотемпературно осветлување, балансирана механичка вентилација, акумулациски бојлери за топла вода.

 

Користењето енергетски ефикасни технологии во вашиот дом ви овозможува двојна заштеда – на енергија и на пари, на подолг рок. Со оваа инвестиција вие сте одговорни не само кон семејниот буџет, туку и кон животната средина.

 

За можностите што ви ги нуди кредитот за енергетска ефикасност прочитајте на следниот линк .




25.03.2021 – „Финансиска училница“ на Комерцијална банка по повод Глобалната недела на парите


Со он-лајн „Финансиска училница“ за 80 ученици од две средни училишта во земјава, Комерцијална банка ја одбележа Глобалната недела на парите. Периодот од 22 до 26 март годинава финансиските институции низ светот го посветија на одбележување на Неделата на парите под мотото „Грижи се за себе, грижи се за своите пари“.

 

Имајќи предвид дека пандемијата од вирусот Covid-19 наметна многу грижи за граѓаните, финансискиот свет на глобално ниво се потруди да придонесе со корисни информации и знаење со цел полесно справување со последиците од кризата. Во тој контекст, Комерцијална банка им пренесе финансиско знаење на средношколците од „Кирил и Методиј“ од Неготино и „Јовче Тесличков“ од Велес поврзано со карактеристиките, безбедното и правилно користење на финансиските производи и услуги.

 

Комерцијална банка АД Скопје, како општествено одговорна компанија, веќе две години со својата „Финансиска училница“ ги подготвува средношколците во земјава за влез во светот на финансиските услуги и производи. Оваа училница има за цел да ги научи младите зошто треба да чуваат пари во банка наместо дома, да создаваат навики за штедење, кога и за што треба да побараат кредит, како функционираат платежните картички и како да ги искористат сите поволности што ги нудат електронското и мобилното банкарство.




16.03.2021 - Комерцијална банка, Генерален покровител на наградата „Роман на годината“ за 2020


sl

 

Комерцијална банка и оваа година имаше чест да биде Генерален покровител на значајната награда „Роман на годината“ за 2020 година, која му беше врачена на Владимир Јанковски за неговото дело „Скриени желби, немирни патувања“, во издание на „Антолог“.

Оваа веќе традиционална и престижна награда од областа на домашното културно творештво ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“. Нејзината вредност е дотолку поголема бидејќи се доделува на роман кој е за првпат објавен, со што придонесува за афирмација на македонската романсиерска продукција и за поддршка на домашните автори.

 

Годинава, за наградата одлучуваше жири-комисија во состав: Оливера Николова (лауреат за 2019 година), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева.

 

„Литературата и раскажувањето приказни ни се потребни бидејќи прикажуваат дека животот е полн со нијанси, не е црно-бел, туку полн со различни перспективи. Треба сите да се потрудиме литературата и уметноста да допрат до нашите сограѓани бидејќи така создаваме посложена перспектива за животот што нѐ опкружува. Затоа приказните и литературата се многу битни“, изјави лауератот Јанковски при доделувањето на наградата.

 

Банката е генерален покровител на наградата „Роман на годината“ од 2017 година, при што обезбедува парична награда во вредност од 150.000 денари за лауреатот и уште 183.000 денари за паричен надоместок на членовите на жири-комисијата.

 

sl





А Р Х И В А





Веб-страницата на Комерцијална банка АД Скопје користи колачиња (cookies). Колачињата (cookies) се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство. Повеќе информации за начинот на користење и како да ги промените Вашите подесувања за користење на колачињата, може да најдете во документот Политика за колачиња (cookies).
Прифаќам