• Најчесто поставувани прашања



Контакт
contact@kb.com.mk

контакт центар:
(02) 3 296 800

ЗАВРШЕНА ЈАВНА ПОНУДА за промена на договорните услови за кредитни производи поради корона-кризата

 

Врз основа на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик на НБРСМ („Службен весник на Република Северна Македонија бр.76/20 од 24.03.2020 година) и Уредбата со законска сила за начинот на промената на договорните услови на кредитните изложености кај банките и штедилниците (Службен весник на Република Северна Македонија бр.80 од 27.03.2020 година), со цел ублажување на последиците од пандемијата на COVID-19, Комерцијална банка АД Скопје на ден 30.03.2020 година, ја објавува следната

 

 

ЈАВНА ПОНУДА број 09-600-15831/1

 за промена на договорните услови за кредитните производи на физички лица

 

 

Понудата се однесува на сите физички лица - клиенти на Банката, кои имаат кредити, кредитни картички и/или дозволени пречекорувања кои на 29.02.2020 година се класифицирани во категорија на ризик буква А, Б или В и немаат статус на нефункционална кредитна изложеност.

 

Детални услови на Понудата по типови производи:

 

 

 

I. Понуда за КРЕДИТИ

 

1.    Грејс период: Банката Ви одобрува грејс период за отплата на 6 (шест) месечни ануитети (главница и камата). Во периодот април – септември 2020 година НЕМА да достасуваат ануитети по кредитот.

2.    Пролонгирање на рокот на отплата: Крајниот рок на отплата на кредитот се продолжува за 6 (шест) месеци.

3.    Камата пресметана за време на грејс периодот: За цело времетраење на грејс периодот, Банката ќе пресметува камата по каматна стапка предвидена во Договорот за кредит. По истек на предвидениот грејс период од 6 (шест) месеци, каматата пресметана во грејс периодот ќе се капитализира (додаде) на кредитното салдо на кредитот и рамномерно ќе се распореди за наплата во ануитетите согласно новиот амортизационен план. Банката нема да пресметува камата на капитализираната камата.

4.    Траен налог и административна забрана: За време на грејс периодот, трајниот налог за наплата на обврските по кредитот ќе биде ставен во мирување. Доколку Вашиот кредит се отплатува со административна забрана, Ве молиме да го известите Вашиот работодавач дека за време на грејс периодот истата треба да ја стави во мирување.

5.    Самостојни уплати на кредитната партија: За време на грејс периодот имате право самостојно да вршите уплати на кредитната партија, а со истите Банката ќе постапува на следниот начин:

a.    Сите уплати на кредитната партија извршени во грејс периодот, за кредитна партија која нема доспеани обврски,  ќе се евидентираат како примени аванси во тек на грејс периодот. Во септември 2020 година, сите примени аванси на кредитната партија, кумулативно ќе се евидентираат како уплата за намалување на недоспеана главница и без доставување писмено барање од страна на корисникот на кредитот ќе се направи намалување на кредитното салдо.

b.    Сите уплати на кредитната партија извршени во грејс периодот, за кредитна партија која има доспеани обврски,  ќе  се евидентираат за затворање на доспеаните обврски по редослед и во рок предвиден во Договорот за кредит. За уплатите кои ќе следуваат по затворање на доспеаните обврски, ќе се постапува согласно точка 5, став а од оваа Понуда.

6.    Нов Амортизационен план за отплата: По евидентирање на сите промени на кредитното салдо предвидени во точка 3 и 5 од оваа Понуда, како и согласно промената од точка 2, во септември 2020 година Банката ќе изготви нов амортизационен план на отплата на кредитот и почнувајќи од октомври 2020 година ќе продолжи редовното достасување на ануитети по кредитот. Банката ќе го извести корисникот на кредитот за новиот износ на ануитетот на начин предвиден во Договорот за кредит.

7.     Редослед на засметување по изготвување на нов Амортизационен план: По изготвување на новиот Амортизационен план за отплата од точка 6, во целиот понатамошен период на важност на Договорот за кредит, во редоследот на засметување предвиден во Договорот, капитализираната камата добива приоритет на наплата пред главнината по кредитот, така што Банката од извршените уплати и наплатата ќе ги затвора обврските по рочност на нивното достасување по следниот редослед: трошоци по кредит, камати, капитализирана камата и главнина по кредитот. Овој редослед на засметување ќе се применува и во случај на предвремена уплата на недостасаниот дел од кредитот.

8.    Ликвидација на кредит во текот на грејс периодот: Доколку корисникот на кредитот, во текот на грејс периодот изврши целосна отплата на кредитот, се применуваат одредбите предвидени во Договорот за кредит.

9.    Правно дејство на Понудата: Правното дејство на изменетите услови од договорот за кредит има важност и на целокупната договорна пропратна документација (амортизациони планови, трајни налози и друга документација), сите нотарски исправи и обезбедувања (договори за залог владетелски - невладетелски, меници, гаранции, договори за пристапување кон долг, и останати договори за какво било друго обезбедување), и тоа без склучување нови договори/анекси кон постоечките договори, нотарски исправи и останати инструменти на обезбедување, како и без да се врши промена на веќе запишаните податоци во јавните книги и регистри.

10.  Услов за кумулативност: Понудата е неделива и важи само со кумулативно исполнување и прифаќање на сите погоре наведени услови за секој поединечен Договор за кредит.

11.  Останати договорни одредби: Сите останати договорни одредби од постоечкиот договор, кои не се опфатени во оваа понуда, остануваат во важност за цело времетраење на Договорот.

 

 

II. Понуда за КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ

 

1.   Грејс период: Во периодот 01.04. - 30.09.2020 година (6 (шест) месеци), износот на месечниот минимум за плаќање ќе изнесува 0% од искористениот кредитен лимит на крајот од месецот, односно НЕМА да достасува месечен износ за плаќање.

2.   Висина на кредитен лимит: Износот на одобрениот кредитен лимит нема да се намалува до 30.09.2020 година.

3.   Камата пресметана за време на грејс периодот: Во грејс периодот Банката ќе пресметува и наплатува камата согласно одредбите предвидени во Договорот за користење кредитна картичка. За износот на пресметана и наплатена камата и редовни месечни надоместоци предвидени во Договорот, Банката ќе го зголеми износот на кредитен лимит и сметката нема да има третман на надминат кредитен лимит.

4.   Траен налог: Во грејс периодот, трајниот налог за наплата на обврските по кредитната картичка, ќе биде ставен во мирување.

5.   Период на враќање во редовна отплата: Почнувајќи од 01.10.2020 година, како основа за пресметката на минимален износ за плаќање предвиден во Договорот за кредитна картичка, ќе се користи долгот на сметката со состојба 30.09.2020 година.

6.   Самостојни уплати на кредитната картичка: За време на грејс периодот имате право самостојно да вршите уплати на кредитната картичка. Сите уплати на сметката на кредитната картичка извршени во грејс периодот, ќе се евидентираат како приливи на сметката и ќе бидат на располагање на корисникот за користење со картичката.

7.   Правно дејство на Понудата: Правното дејство на изменетите услови од договорот за користење кредитна картичка има важност без склучување нов договор/анекс кон постоечкиот договор.

8.   Услов за кумулативност: Понудата е неделива и важи само со кумулативно исполнување и прифаќање на сите погоре наведени услови за секој поединечен Договор за кредитна картичка.

9.   Останати договорни одредби: Сите останати договорни одредби од постоечкиот договор, кои не се опфатени во оваа понуда, остануваат во важност за цело времетраење на Договорот.

 

 

III. Понуда за ДОЗВОЛЕНО ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ на трансакциска сметка

 

1.    Рок на користење на дозволеното пречекорување: Рокот на користење на дозволеното пречекорување, Банката автоматски Ви го продолжува до 30.09.2020 година.

2.    Одобрен износ на дозволено пречекорување: Износот на дозволеното пречекорување нема да се намалува до 30.09.2020 година, без оглед дали на сметката стасува редовен месечен прилив.

3.    Камата: Во периодот 01.04. - 30.09.2020 година, Банката ќе пресметува и наплатува камата согласно одредбите предвидени во Договорот со кој е регулирано дозволено пречекорување. За износот на пресметана и наплатена камата и редовни месечни надоместоци, Банката ќе го зголеми износот на дозволеното пречекорување и сметката нема да има третман на недозволен минус.

4.    По истек на рокот од точка 1, ќе се применуваат редовните одредби предвидени во Договорот со кој е регулирано дозволеното пречекорување.

5.    Правно дејство на Понудата: Правното дејство на изменетите услови од договорот за дозволено пречекорување на трансакциска сметка има важност без склучување нов договор/анекс кон постоечкиот договор.

6.    Услов за кумулативност: Понудата е неделива и важи само со кумулативно исполнување и прифаќање на сите погоре наведени услови за секој поединечен договор со кој е регулирано дозволеното пречекорување.

7.    Останати договорни одредби: Сите останати договорни одредби од постоечкиот договор, кои не се опфатени во оваа понуда, остануваат во важност за цело времетраење на Договорот.

 

 

 ДОГОВОРНИ  УСЛОВИ ЗА СИТЕ ТИПОВИ ПРОИЗВОДИ

 

Со објавувањето на оваа Понуда на веб-страницата на Банката, се смета дека Понудата е доставена до сите физички лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници,  на денот на објавувањето.

 

Сите физички лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници, кои ги исполнуваат условите на оваа Понуда, а кои сакаат да продолжат со редовна отплата на истите без промена на договорните услови, во рок од 10 (десет) дена од објавата на оваа Понуда, односно најдоцна до 09.04.2020 година, до 16:00 часот, имаат право да ја ОДБИЈАТ Понудата со известување до Банката по електронски или писмен пат, а во спротивно ќе се смета дека Понудата е прифатена. Доколку физичкото лице има повеќе кредитни производи и/или партии во Банката, има право поединечно да одлучи да ја одбие Понудата за секој производ и/или партија и потребно е да го наведе секој поединечен производ и партија за која ја одбива Понудата.

 

Физичките лица коишто нема да ја одбијат Понудата на Банката до 09.04.2020 година, се смета дека ја прифатиле Понудата, со што сите услови од оваа Понуда стануваат договорни одреби кои се составен дел на склучените договори со физичките лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници.

 

Променетите услови од Договорите за кредити, Договорите за кредитни картички и Договорите за дозволено пречекорување, како и сите нотарски исправи и обезбедувања (договори за залог владетелски - невладетелски, меници, гаранции, договори за пристапување кон долг, и останати договори за какво било друго обезбедување) спрема физичките лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници, произведуваат правно дејство по истекот на рокот од 10 (десет) дена од објавата на оваа Понуда, без склучување нови договори и/или анекси кон постоечките договори, нотарски исправи и останати инструменти на обезбедување, како и без да се врши промена на веќе запишаните податоци во јавните книги и регистри.

 

 

ВАЖНА НАПОМЕНА:

 

Физичките лица кои ја ПРИФАЌААТ Понудата НЕ ИСПРАЌААТ никакво известување до Банката и договорните услови се сметаат за променети согласно оваа Понуда на 10.04.2020 година.

 

Известување испраќаат исклучиво клиентите  кои  ја ОДБИВААТ Понудата, и тоа само преку ЕДЕН од понудените начини за известување наведени во продолжение:


 

А.        Директно известување по електронски пат со пополнување на ФОРМАТА ТУКА

Линкот Ве води до готова форма на известување во која треба да го пополните бројот на трансакциска сметка (15 цифри) и последните 6 цифри од својот ЕМБГ. По внесување на истите и верификација во базата на Банката, ќе се отвори нов прозорец каде се наведени сите кредитни производи предмет на Понудата кои ги имате во Банката, и Вие го правите изборот со штиклирање на кредитниот производ за кој ја ОДБИВАТЕ Понудата. Дополнително, покрај изборот треба да внесете и број на мобилен телефон и електронска адреса за евентуална идна комуникација. До крајниот рок на Понудата можете да го промените мислењето и да направите нов избор, со повторно логирање во првичната форма.


ИЛИ

 

 

Б.       Писмено известување на следната адреса:

 

Ул. Орце Николов бр. 3, 1000 Скопје, со назнака „Одбивање на Јавна понуда број 09-600-15831/1 од 30.03.2020 година“, при што во самиот документ треба да наведете име и презиме, датум и своерачен потпис, како и сите поединечни производи и броеви на партии за кои се одбива Понудата:

  • Број на трансакциска сметка каде има одобрено дозволено пречекорување
  • Број на сите поединечни кредитни партии
  • Последните 6 цифри од бројот на кредитната картичка


Сите писмени известувања, кои ќе бидат примени во архивата на Банката на горенаведената адреса или испратени по пошта со поштенски печат на ковертот во рокот додека важи Понудата, односно заклучно со 09.04.2020 година, ќе бидат прифатени согласно важноста на Понудата.

 

 

Датум на Јавната понуда: 30.03.2020 година

 

 

КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА АД СКОПЈЕ

 

 

 

 

Информативни линкови: